ИНВЕСТИЦИИ ОД 5,5 МИЛИОНИ ЕВРА ВО КОЧАНИ Tри инфраструктурни проекти ќе го сменат ликот на градот
Ќе се гради влезниот булевар, мост на Кочанска река и цевковод со кој ќе се овозможи чиста вода за пиење за поголем дел од градот.
Tри значајни инфраструктурни проекти ќе го сменат ликот на Кочани. Ќе се гради влезниот булевар, мост на Кочанска река и цевковод со кој ќе се овозможи чиста вода за пиење за поголем дел од градот, изјави заменик претседателот на Владата, Александар Николоски, кој заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и градоначалникот Владко Грозданов, денеска означија почеток на градежните работи на овие три проекти.
Инвестициите во инфраструктурни проекти само од Министерството за транспорт се движат околу 5,5 милиони евра.
– Почнуваме со реализација на влезниот булевар, кој што е проценет на вредност од околу 2 милиони евра и очекуваме во наредните година и половина да биде завршен. Мостот на Кочанска река е со вредност од околу 350.000 евра. Проектот за водоводот е почнат во 2013 година, а сега ќе се доврши со изработка на еден потисен цевковод кој што треба да овозможи чиста вода за пиење за поголем дел од градот. Овој проект е вредност од околу 1.100.000 евра и исто така очекуваме за една година да биде завршен – рече Николоски.
Тој соопшти дека се работат уште три проекти со заем од Светска банка преку Министерството за транспорт. Два се веќе завршени, еден се работи во вкупна вредност се околу 550.000 евра. Сѐ заедно доаѓа инвестиција од околу 4 милиони евра кои што се дополнителни средства на оние средства кои што општините ги добиваат редовно како поддршка.
– Таа поддршка беше 250 милиони евра за минатата година и 100 милиони евра за претходната година. Во рамките на таа поддршка веќе интензивно се работи другиот булевар во вредност од околу милион и половина. Кога ќе се собере сѐ зборуваме за вредност од 5,5 милиони евра средства кои што се инвестираат само во инфраструктура, што се надеваме дека целосно ќе го промени ликот на градот и на општината – додаде Николоски.
Тој додаде дека Кочани е приоритет и така и ќе остане во следниот период.