ИНТУБИРААТ ВО ХОДНИЦИ, МРТОВЕЧНИЦИТЕ ИМ СЕ ПОЛНИ Овие европски земји минуваат низ најлошиот бран на епидемијата

Државите се обидуваат да го спречат овој скок на различни начини со воведување карантин за невакцинираните, со ограничување на пристапот до одредени места и услуги и со апелот на властите до граѓаните што поскоро да се вакцинираат.

861

Бројот на нови случаи на коронавирусот продолжува да расте во Европа, а студеното време што го зафати регионот во последните денови влијаеше на ширење на инфекциите.

Државите се обидуваат да го спречат овој скок на различни начини со воведување карантин за невакцинираните, со ограничување на пристапот до одредени места и услуги и со апелот на властите до граѓаните што поскоро да се вакцинираат.






Епицентарот на пандемијата моментално е во Европа, а еве краток преглед на најновата ситуација со коронавирусот во земјите кои моментално се најтешко погодени:

Бугарија

Оваа соседна земја е на врвот на листата на земји по бројот на починати од коронавирусот. Со бројка од 283,68 смртни случаи на милион жители, јасно е дека бранот епидемии во оваа земја сè уште не стивнува.

Дека состојбата е алармантна говори и фактот што болниците се принудени привремено да ги прекинат сите операции кои не се итни за да можат што повеќе лекари да лекуваат пациенти со ковид-19.

За тоа време, родителите ширум земјата протестираа против мерката со која учениците треба да се тестираат еднаш неделно за да можат да продолжат да ја следат наставата.

Протестите против потврдите за ковид-19, кои се задолжителни во оваа земја, траат веќе трета недела.

Во Бугарија вчера се регистрирани 3.223 нови случаи, а 276 лица починале како последица на коронавирусот.

Романија

Како и Бугарија, Романија е рангирана на врвот на листата на земји во однос на стапката на смртност од коронавирус. Тоа го потврдуваат и податоците дека немало места во мртовечниците низ главниот град.

Дури пет европски земји – Италија, Германија, Унгарија, Австрија и Полска – понудија да и помогнат на Романија во лекувањето на критично болните пациенти. Минатата недела четворица пациенти беа префрлени на лекување во Италија.

Иако се чини дека ситуацијата полека се смирува, сегашниот двонеделен просек е 724,42 позитивни на 100.000 жители и сѐ уште се смета за многу висок во земја со нешто повеќе од 19 милиони жители.

Според последните податоци, во Романија се регистрирани 4.006 нови случаи, а како последица од инфекцијата починале 179 пациенти.

Хрватска

Ако ја погледнеме ситуацијата од пред неколку недели, се чини дека зголемувањето на бројот на заразени и починати во оваа земја беше добра покана до соседите да се разбудат. Редиците за вакцинација во изминатите денови се невообичаено долги.

Властите минатата среда соопштија дека дури 15.000 луѓе дошле да ја примат првата доза од вакцината за еден ден, што е значителен скок во земја со околу 4,2 милиони жители.

Сепак, веќе неколку недели, демонстрантите секоја вечер се собираат пред плоштадот Свети Марко во Загреб и во неколку поголеми градови кои протестираат поради воведувањето на ковид-пропусници.

Хрватска вчера регистрира 1.135 нови случаи, додека пред една недела тој број беше над 7.000. Како последица на коронавирусот вчера починаа 55 пациенти.

Грција

Земјата, која е омилена летна дестинација за многу Македонци, влезе во нов, петти бран на епидемијата. Овој бран следеше веднаш по последниот, поради зголемувањето на бројот на туристи кои дојдоа на море за време на празничната сезона.

Просечниот број на заболени на дневна основа е 6.710, додека болниците во Солун и Волос останаа без кревети на интензивна нега, па интубацијата на пациентите се врши по ходниците и паркинзите на болниците, пишува Euronews.

Владата се обидува да ги ограничи овие бројки со апел до граѓаните да се вакцинираат, а од лекарите во приватните болници се бара доброволно да даваат услуги на пациентите за да можат државните болници да се справат со зголемениот обем на работа.

Иако земјата бележи релативно добар напредок во однос на вакцинацијата, бидејќи околу две третини од граѓаните се ревакцинирани, овие проценти варираат од регион до регион во Грција.

Северните региони имаат многу ниска стапка на вакцинација, во споредба со јужниот дел, така што на многу места процентот на вакцинирани е под 50 проценти.

Србија

Во оваа земја стапката на целосно вакцинирани граѓани е значително забавена во однос на мај и изнесува околу 43 проценти и покрај првичниот успех и набавката на голем број вакцини од различни производители. Земјата, со околу 7 милиони жители, има во просек по околу 5.000 нови инфекции дневно.

Владата се обидува да го зголеми процентот на вакцинирани лица со постепено воведување полесни мерки, како што е воведување ковид-пропусница за влез во угостителски објекти по 20 часот.

Раководството на гробиштата во Белград соопшти дека имаат во просек по 65 погреби дневно, додека пред пандемијата таа бројка била меѓу 35 и 40. Гробари се принудени да вршат погреби во недела, што досега не беше случај.

Единственото решение за намалување на овие бројки е секако вакцинацијата, бидејќи некои земји кои имаат високо ниво на вакцинирани имаат ниска стапка на смртност и покрај големиот број новозаразени, како што е случајот со Холандија.

Холандија

Холандија во петокот им се придружи на земјите кои го соборуваат рекордот по број на заразени во овој бран. Регистрирани се 16.364 нови случаи, па владата воведе делумно затворање ден подоцна, кое ќе биде во сила најмалку три недели.

Според овие порестриктивни правила, работата на угостителските објекти е дозволена до 20 часот.

Се случува зголемување на бројот на заразени, иако дури 84% од возрасната популација е целосно вакцинирана во оваа земја.

Поради воведувањето на новите мерки, голем број млади луѓе се собраа на плоштадот во Леуварден за да го изразат своето незадоволство од новите мерки. Тие запалија огномети и факели пред полициска станица, по што полицијата излезе на улица и ги растера демонстрантите.

Здравствените работници од најтешко погодениот округ Лимбург испратија заедничко писмо до Министерството за здравство во кое наведуваат дека состојбата е алармантна и дека најавуваат штрајк.

Вчера Холандија повторно го собори рекордот по број на новозаболени бидејќи се регистрирани 19.197 случаи, додека бројот на починати пациенти е 16, токму поради високата стапка на вакцинација.

Австрија

Австрија вчера воведе карантин низ целата земја за невакцинираните граѓани. Ова правило им забранува на лицата постари од 12 години да го напуштаат домот, освен ако нѐ одат на работа, училиште или да купат основни намирници.

Зголемен е бројот на полициски патроли на улиците, а оние кои ќе ги прекршат овие строги правила може да бидат казнети и до 1.450 евра.

Нешто повеќе од 60 отсто од граѓаните во оваа земја се целосно вакцинирани, а новоизбраниот австриски канцелар Александар Шаленберг овој процент го нарече срамно низок.

– Ова е драматичен чекор. Долгорочно, излезот од овој „маѓепсан круг“ во кој се сопнуваме од бран во бран е вакцината – рече канцеларот.

Во Австрија вчера се регистрирани 11.889 нови случаи на ковид-19, починале 40 пациенти, а во моментов се активни 116.861 пациент, според „Worldmeterѕ“.

Германија

Германија вчера собори уште еден рекорд. Процентот на заболени на 100.000 жители е 303, гледајќи го просекот во последната недела.

Покраината Бранденбург, која го опфаќа Берлин, е последниот регион во земјата што воведе забрана за невакцинирани пациенти да влегуваат во угостителски објекти и други јавни места, иако неодамна биле се заразени со коронавирусот.

Целата држава минува низ најтешкиот бран на епидемијата, особено откако заврши есенскиот распуст во училиштата.

Ангела Меркел викендов повторно апелираше до неодлучните граѓани да одат да се вакцинираат.

– Ако работиме заедно, ако размислуваме да се заштитиме себеси и другите, оваа зима можеме да ја спасиме нашата земја – рече Меркел.

Таа при своето обраќање ги предупреди граѓаните дека им претстојат неколку тешки недели.

Минатата недела Националниот центар за контрола на болести апелираше до граѓаните да ги откажат големите собири, а властите размислуваат за повторно воведување на задолжителна работа од дома.

Нешто повеќе од две третини од населението во Германија е ревакцинирано, но властите сепак сакаат да го зголемат тој број што е можно повеќе.

Германија вчера регистрира 30.483 нови случаи, а починале 167 пациенти.

Остатокот од Европа

Унгарија, Полска, Италија и Шпанија се на листата земји кои забележаа најголем процент на забрзување по бројот на позитивни случаи, што е знак дека се приближуваат кон скок на бројот на заразени.

Сите овие земји во моментов размислуваат за воведување различни мерки за да се спречи ситуацијата да излезе од контрола.

Поврзани содржини