ИНТЕРВЈУ Сузана Стојановска од „Доза среќа“: Децата со Даунов синдром освојуваат златни медали, а институциите си молчат

Најголемите херои во приказната се прекрасните деца кои се дел од инклузивниот тим. Безусловната љубов која овие души ја имаат за сите околу себе и дружбите кои ги имаат меѓусебно, можат само да се доживеат. Претседателката на здружението „Доза среќа“, Сузана Стојановска, вели дека за нив периодот на ковид-19 бил исклучително тежок, а најтешка за нив била забраната за гушкање.

568

Тука каде што живееме е навистина тешко, бидејќи се наоѓаме на место каде што промените многу бавно или воопшто не се случуваат. Институциите во нашава држава не се чувствуваат засегнати дека треба да помогнат, а здруженијата немаат никаква поддршка од нив, вели Сузана Стојановска, претседател на здружението за рехабилитација и инклузија на лица со Даунов синдром „Доза среќа“.

– Првата и најважна цел на нашето здружение е да се има активности. Само на тој начин ќе ја постигнеме вклученоста во секој сегмент од општествениот живот, како и инклузијата. Втората цел е да ја промениме перцепцијата на светот за можностите на овие деца – вели претседателката на здружението.






Институциите не се засегнати, секоја работа треба на мускули да се турка.

Сузана Стојановска Претседател на здружението „Доза среќа“

Покрај тоа што изминатиот период бевме затворени дома и се боревме против невидливиот непријател, додава таа, инклузивниот тим под менторство на д-р Драган Јованов ништо не го спречи да оди кон нови победи.

– Освоивме три златни и еден сребрен медал, како и специјална награда од жирито, преку платформата „Зум“. Учествувавме на четири светски натпревари за млади иноватори, во секој натпревар учествуваа по околу 300 тимови од целиот свет. Нашата тема беше лековити билки и нивната примена. Следен натпревар ќе биде во Канада, а се одржува во август. Веќе работиме на проектот за кој подготвуваме и видео запис – посочува Стојановска.

Сузана е и самата мајка на две прекрасни посебни дечиња, таа вели дека нема искуство за паметење каде се соочила со немил настан поради недоволно едуцираност на одредени индивидуи во општеството, освен по некој поглед или подбуцнување, кои како што таа вели, не ги ни забележува.

Фото: Сара Митрички

 

Според неа, здруженијата кои работат со оваа категорија ги имаат исцрпено сите можни начини и ресурси за да се подигне нивото на свест и совест во општеството кон лицата кои се соочуваат со одредена попреченост.

– Има резултат. Меѓутоа клучот е кај авторитетите, луѓето што ја водат државата. Секогаш акцент се става на проблемот со лицата со посебни потреби. Успесите се премолчуваат. Акцент треба да се стави и на можностите на успесите кои ги постигнуваат – вели Стојановска.

Здружението „Доза Среќа“ често одржува базари, работилници и секакви видови на настани каде се вклучува целиот нивни тим. Зад секој еден настан стои креативноста на Сузана, а тоа што ја движи, мотивира и не ѝ дозволува да се откаже е љубовта пренесена од лицата со кои е секојдневно во здружението и дома.

– Кога живеете во светот на посебните, добивате една чудесна енергија и љубов која не ви дава да застанете и ве турка напред, не како ветер во грб, туку како ураган. Јас еден дел од денот сум дома со две посебни и верувајте таму сум најсмирена и ми е најубаво – раскажува Сузана.

Фото: Сара Митрички

 

Таа се жали дека институциите во нашава држава не се чувствуваат засегнати дека треба да помогнат, а здруженијата немаат никаква поддршка од нив.

– Секоја работа треба на мускули да се турка – додава Стојановска.

Најголемите херои во приказната се прекрасните деца кои се дел од инклузивниот тим. Безусловната љубов која овие души ја имаат за сите околу себе и дружбите кои ги имаат меѓусебно, можат само да се доживеат. Сузана вели дека за нив периодот на ковид-19 бил исклучително тежок, а најтешка за нив била забраната за гушкање.

– И во тој период бевме активни и работевме од дома. Имавме многу онлајн работилници и едукации. Сите беа свесни дека нешто страшно се случува, меѓутоа многу збунувачки за нив беше тоа што нештото не се гледаше. Најтешка им беше забраната за гушкање. Да не се повтори. Најголемиот двигател во животот е љубовта. Сакајте се, безусловно – советува Сузана.

Поврзани содржини