ИНТЕРВЈУ Ксенија Николова: Не бркам успех, тој доаѓа како последица

Издавањето и промовирањето на роман, кај нас, а и надвор од нашите граници, според Ксенија е тешко, а особено тешко во мала земја како нашата. Но, таа не се предава, нејзино најголемо оружје е упорноста.

1,173

Не пишувам со страв, бидејќи не пишувам со цел. Не бркам успех, тој доаѓа како последица. Сосема е нормално некому да не му се допадне мојата уметност. Но, истовремено мојата радост доаѓа тогаш кога мое дело некому ќе му го стопли срцето, вели писателката Ксенија Николова во разговор за Плусинфо.

Во 2017 година, Ксенија Николова го издаде својот роман „Емотивен манипулатор“, а четири години подоцна, истиот го претстави и на бугарската публика, а тоа, според нејзе, е резултат на взаемната желба и труд. Чувството за нејзе е неверојатно и излегувањето од границите на Македонија со нејзината уметност, отсекогаш ѝ било желба.






– Во Бугарија ме пречекаа одлично, медиумите ја поддржаа промоцијата на романот и морам да кажам дека засега реакциите се навистина позитивни. Чувствувам огромна благодарност до издавачката куќа во Софија – „Персеи“ којашто ме поддржа и застана позади овој проект. Одиме понатаму, ме чекаат уште неколку интернационални врати на кои ќе тропнам наскоро – додава таа.

Ксенија никогаш не се почувствувала исплашено кога станува збор за неприфаќање на нејзината уметност од страна на публиката.

– Не пишувам со страв, бидејќи не пишувам со цел. Не бркам успех, тој доаѓа како последица. Сосема е нормално некому да не му се допадне мојата уметност. Но, истовремено мојата радост доаѓа тогаш кога мое дело некому ќе му го стопли срцето – вели писателката.

Издавањето и промовирањето на роман, кај нас, а и надвор од нашите граници, според Ксенија е тешко, а особено тешко во мала земја како нашата. Но, таа не се предава, нејзино најголемо оружје е упорноста.

– Јас не се предавам, јас се борам и точно знам што сакам. Јас не се навредувам кога некој ќе ме одбие, не се разочарувам, туку одам понатаму. Така беше и со приказната за мојата уметност.

За Ксенија следува време во кое полека ќе се нижат почетоците на нејзиното претставување надвор од Македонија.

– Прво беше Бугарија, сега следува романот „Сите мажи ја сакаат Лиа“ на англиски јазик, па следуваат и други потенцијални станици за кои ќе зборувам отпосле. Потпишувањето договор со издавачката куќа „Кингсли Паблишерс“ за мене беше голем чекор напред и пионерско влегување во странскиот пазар. Тој пазар е полн со писатели, но се надевам дека ќе си го најдам своето место под сонцето – посочува Николова.

Пишаниот збор за Ксенија никогаш не бил одлука, туку љубов на прво пишување, а инспирацијата за нејзините романи потекнува од самата нејзе и нештата кои ја опкружуваат.

– Секако дека има елементи во романите кои се вистински, но мојата фантазија е бујна и јас умеам да фантазирам.

Ксенија, искуството со депресијата го опишува како пеколно, но истовремено тоа било искуство кое нејзе ја има променето и освестено. Вели дека многу е важно да се побара помош и да не се потцени ниедна ситуација. Таа нема дефиниција за тоа кое е потеклото за појава на депресија и како да дознаеме дека можеби сме потенцијално навлезени во тие води.

-Јас едноставно знаев дека нешто не е во ред. Знаев долго време. И се каам, што ете порано не собрав сила за да побарам помош. Но, истовремено сум многу среќна што го допрев своето дно додека сè уште не беше предоцна.

Според некои дефиниции, депресијата е губење надеж, а анксиозноста постојана грижа. На Ксенија при соочување со анксиозноста ѝ помогнала редовната психотерапија и работата на себе си.

– Анксиозноста е толку присутна, што за неа многу често почна да се зборува. И супер е тоа, треба да зборуваме, за да не се плашиме и да го пробиеме молкот. Анксиозноста е нешто со коешто може да се живее и нешто со коешто може да се менаџира.

Во периодот на ковид-19, многумина од нас се пронајдоа себе си и работеа на подобар Јас, но многумина се изгубија и се соочија со тешкотии. Овој несакан период Ксенија го поминала креирајќи, а токму тогаш се родил и нејзиниот последен роман „Незадоволна“.

За Ксенија, пишувањето е и бегање од реалноста и соочување со таа реалност.

– Создавајќи свои светови, полесно се прифаќа овој, бидејќи токму тие светови, учат како да најдеш убавина во мали нешта кои ги има насекаде.

На младите писатели, Ксенија им препорачува:

– Најдете го својот глас, менувајте се, предизвикувајте се, бидете упорни, дишете ја уметноста и таа ќе ви врати двојно. На сите ви пожелувам добро здравје, мирен дух, чисти мисли и ве потсетувам дека секојпат може да почнете одново – посочува Николова.

Поврзани содржини