ИНТЕРВЈУ Ивана Кнез: Им се лутам на мајките што ги научија ќерките дека шминката е поважна од гинекологот, а ноктите од стоматологот
Кардашијанките денес или утре ќе бидат заменети со неолибералисти. Па така од силикони и филери, ќе поминеме во натурализам и едноставност, вели модната креаторка Ивана Кнез во интервју за Плусинфо.
Започнувањето сопствен бизнис во Македонија е најтешкото нешто на целиот свет, вели костимографката и модна креаторка Ивана Кнез, која е препознатлива по тоа што изработува уникатни парчиња облека.
– Кога започнував со мојот бизнис, еден пријател на татко ми кој беше етаблиран на повисока позиција во нашево општество ми рече: почни овде, па ако успееш, надвор ќе ти биде мачкина кашлица. Беше во право. Успеав да создадам уметнички идентитет во општество каде што најмалку се цени и се почитува тоа што е домашно. А, да знаете дека многу е тешко овде да те верифицираат како успешен човек, бидејќи влечеме една цела историја сервилност и завист. Во последниве 30 години мислам дека сме во една позиција каде што се бориме со ветерници. Ние сме мирен народ, не сакаме бури, генетски влечеме еден кодекс на трај-прај, кој тивко и вистински ни е наметнат како животен стил. И кога ќе се случи по некој исклучок од правилата, како што сум јас, реакциите се секогаш прво одбивање, па резервирано однесување и на крај одушевено прифаќање, за оние кои ќе сфатат колку е потребна индивидуалноста. Во таоизмот се величи поединецот и посебноста, а секој кој пркоси и бара промена е потенцијална револуција. Ниту еден систем не поддржува револуција, тоа може да ги загрози системските субјективни вредности, па така, секој кој е поинаков често е маргинализиран – раскажува Кнез.
За основањето на нејзините два бренда „Drama“ и „Lovecats“, нашата соговорничка открива дека се прашувала и самата себеси како успеала да ги направи.
– Немав план, немав бизнис конструкција, немав финансиска поддршка и најмалку на свет знаев што правам. Сè што постигнав се заснова на чиста интуиција и на лична интерпретација на она што го имам доживеано. Дадов сè од себе и немав никакви очекувања, па таљка научив и што е всушност безусловна љубов. Таа љубов ја давам и до ден денес, во секое мое парче може да се почувствува мојата енергија. И верувам во тотемска заштита, уште од мала верувам дека едно нешто што го носиш на себе може да ти го промени животот засекогаш, па така се трудам цела оваа животна сила која ја имам да им ја пренесам на моите клиенти, без суета и површна дегустација на трендовски вредности – вели Ивана.
За љубовта кон оваа професија, додава таа, во прашање е некој генетски коктел.
– На мои 4 години на мојата вујна сум ѝ нацртала каква сукња треба да носи за на некоја свадба, на 9 години на книгите за испит на вујко ми сум исцртала цела колекција. Цврсто верувам дека човекот е тоа што го облекува на себе, и првиот визуелен впечаток е тој кој најмногу говори за цела психолошка конструкција на еден карактер. Од дете сечам и преправам сè што ќе најдам, од дете имам потреба за експресија со гардероба и од прво сеќавање за себе сум во потрага по промена. А модата и костимот се тоа: временска модификација на промена и визуелен печат на еден идентитет – објаснува Кнез.
Зависноста од слобода за неа е проблем при вклопувањето во масата.
– Се сеќавам во средно имав еден капут од сомот со ружи и поставен со јамболија. Никој на светот го немаше тој капут, мајка ми ми го направи на мое барање. Имав потреба да не бидам идентификувана како дел од Фард екипата со пастел кратки јакнички и да имам своја јасна цел за тоа што сакам да претставувам. Секоја генерација има свој начин на експресија и во секоја генерација имаш дел од масата која се преклопува еден во друг, и дел кој бунтува, кој се бори за поинаквост. Кардашијанките денес или утре ќе бидат заменети со неолибералисти. Па така од силикони и филери, ќе поминеме во натурализам и едноставност. Очекувајте ја Ким без шминка за многу брзо време, така ќе налага трендот. Балансот е секогаш ист, премногу од едното го заменува премногу од другото, а во меѓувреме се наоѓа по некоја џукела слична на мене која не се откажува од јакната со јамболија – раскажува Ивана.
Таа вели дека нашето општество е сиромашно, со исклучително намалени критериуми за квалитет.
– Јас не им се лутам на девојките овде, ние се снаоѓаме, преживуваме, секојдневно правиме компромиси. Да, им се лутам на мајките коишто ги научија ќерките да им биде поважна шминката од гинекологот, ноктите наместо стоматологот, Инстаграм наместо едукација. Ама вистинските проблеми допрва ќе се почувствуваат, цела таа потребна храброст за себереализација паѓа во вода дента кога наместо да прочиташ две страни од книга, ти скролаш на Инстаграм. Стилот е идентификација на твојата амбиција, а ако твојата амбиција завршува со постирање слика на социјалните мрежи, тогаш како би барале стил?!
За уметноста кај нас да дојде на повисоко ниво, таа смета дека треба да се промени цела една структура која комплетно нè има потиснато.
– Би ги променила медиумите и начинот на кои се пласираат информации, медиумот е оној кој прв поттикнува на борба или покор. Кога постојано читаш за убиства, политички случувања, распаѓање наместо креација, тогаш венееш како човек. Ние сме како сунѓери, секој од нас впива од течноста во која е поставен во даден момент. Години наназад нè позиционираат во кал што тоне, што медиумски, што политички, недостасува еден бран свежа бистра вода да нè испере од цела валканост и да започнеме комплетно одново процес на себесоздавање – вели нашата соговорничка.
Ивана Кнез има многу уметници коишто би ги издвоила како нејзина инспирација, од Фрида до Родин, од Хелмут Њутн до Дејвид Боуви.
– Во секој човек кој создава сакам да пронајдам трајна вредност и да најдам инспирација. Прифаќам сè што не нанесува зло, сè што е конструктивно и од кое може да се научи, сè што е апсолутна вистина со силен личен печат – посочува Ивана.
За депресијата со која се има соочено, вели дека ја препишува на недостаток на храброст, размазеност и очекувања.
– Во последниве педесетина години на светско ниво се појавува проблем на депресија, анксиозност и „burn out syndrome“ како животен стил. Сфатете ме како сакате, ама сè е тоа од размазеност и имање на сè. Од после Втора светска војна, светот, поголемиот дел, живее во мир, сè што разбранува е локализирано и позиционирано стратешки, така што поголемиот дел од светската популација и нема претстава што вистински се случува. Современиот човек е преполн со очекувања од животот, очекуваме од родителите да се покрај нас цел живот, очекуваме од партнерот да е само наш и совршен, очекуваме од нашите деца да нè слушаат како ние сакаме, очекуваме… Очекувањето е првиот сигурен чекор кон разочарување, со таложење на разочарувањето се појавува и депресијата. Никако не е за потценување сè што се случува со современото општество, запознав деца од 15, 16 години кои буквално се борат со себе секојдневно до таму, што во некое друго историско време сум сигурна ќе беа дадени на егзорцизам.
Од состојбата, која таа ја нарекува „сите ми се виновни освен јас“, излегла така што одлучила да прифати дека единствениот виновник за нејзиниот живот, нејзините одлуки и сè она што ѝ се случува, е самата таа.
– Јас сум со вишок килограми затоа што јас јадам и не вежбам, јас сум заглавена финансиски затоа што јас погрешно работам или не ја познавам мојата работа, јас сум несреќна со мојот дечко затоа што свесна сум дека не сме компатибилни, а сепак не преземам ништо за тоа, туку трпам. И јас сум тука затоа што јас бирам да е така. Тоа е таа безусловна слобода и тоа е чувството кое никогаш никој не може да ти го одземе, преземање комплетна контрола над сопствениот живот. И тогаш веќе нема простор за ниту една модерна болест, едноставно стануваш и делуваш, едноставно проклето живееш!
Ивана Кнез за себе вели дека за да се избори со предизвиците и тежината кои следат со оваа професија, а притоа да остане своја, храбра и автентична, се бори како феникс и змеј одеднаш. Поради тоа ги има истетовирано на левата подлактица.
– Со многу загуби, со многу болка, ама секогаш насмеана и со крената глава без разлика на сè – вели Кнез.
Неодамна сите медиуми пишуваа за ѓерданот кој го носеше првата дама на Хрватска, а истиот беше изработен токму од Ивана Кнез. Според нејзе, ова дошло како на сон. Преку заеднички познаник се случила конекција, која не очекувала дека ќе дојде до тоа ниво.
– Сања е една прекрасна дама со силен и јасен идентитет и како таква е страшна инспирација за уметници како мене – вели таа.
Ивана открива дека „Драма“ се враќа повторно.
– Ни требаше пауза на двете и на мене и на мојата драма, за да видиме каде сме и каде навистина сакаме да бидеме. Заклучокот е заеднички, сега и овде, тука и насекаде, за секоја жена која не се плаши од себе и која умее да живее со полна плуќа, јас и „Драма“ сме тука за неа.
Како совет за идните модни креатори, Кнез вели: „не бркај лајкови, барај образование“.
– Не се задоволувај со трошки, не зависи од никој освен од себе и верувај во себе како да си еден и единствен на светов. Што и да одлучиш, во право си, создавај, не растурај, заборави на цинизам и сарказам, со нив ја расипуваш вистината во која треба да се огледаме сите ние кои ќе ја одбереме твојата креација. И несебично дај сè во секоја твоја креација, тебе те сакаме, како индивидуалист, а не бледа копија на масовен конзумеризам.
Автор на оваа содржина е Сара Митрички