Интер загуби, но дали Јувентус победи?
Реакција пристигна и од легендата на Јувентус, Дел Пиеро, кој веднаш по завршувањето на натпреварот изјави дека Интер е оштетен и дека судијата не требало да досуди пенал за неговиот поранешен тим.
Бројни критики од љубителите на фудбалот можат да се прочитаат вечерва на социјалните мрежи откако Јувентус го победи Интер со резултат 3:2 и практично си даде кредит за во следните два натпревара да избори место кое води во Лигата на шампионите.
За Јувентус најпрво беше досуден пенал, кој, наводно, го направи Дармијан со прекршок врз Кјелини. Иако судијата неколку минути гледаше ВАР, сепак на крајот одлучи да досуди удар од белата точка, кој, пак, откако Самир Хандановиќ го одбрани ударот на Кристијано Роналдо, сепак, во вториот обид на Португалецот не можеше да ја зачува својата мрежа.
Десет минути подоцна, во 35 минута, пенал беше досуден за Интер откако дефанзивецот на Јувентус направи прекршок над Лаутаро Мартинез. Одговорноста ја презеде Ромелу Лукаку, кој перфектно ја внесе топката зад грбот на Шчезни.
На крајот на првото полувреме, со многу среќа топката се најде пред Квадрадо, кој со маестрален шут постигна гол за водство од 2:1 за Јувентус.
Но, како што коментираат љубителите на фудбалот, па дури и некои навивачи на Старата дама, во второто полувреме судијата Калварезе донесе неколку контроверзни одлуки на штета на Интер.
Интер успеа да го израмни резултатот во 83 минута со автоголот на Кјелини, но само неколку минути подоцна, судијата Калварезе досуди втор пенал за Јувентус за прекршок што очигледно не го направи Перишиќ над Квадрадо.
На тој начин Јувентус успеа да се избори за три бода на овој натпревар, но истовремено и дополнително да ги разлути вистинските љубители на фудбалот.
Реакција пристигна и од легендата на Јувентус, Дел Пиеро, кој веднаш по завршувањето на натпреварот изјави дека Интер е оштетен и дека судијата не требало да досуди пенал за неговиот поранешен тим.
– Искрено, Перишиќ не направи ништо. Квадрадо сам се сопна и падна. Би било добро судијата Калварезе да излезе во јавност и да го објасни пеналот над Квадрадо. За мене, ниту еден пенал не постоеше на целиот натпревар – искрен е Дел Пиеро.
На крајот на краиштата, овој пораз е потполно безболен за Интер, бидејќи клубот на Антонио Конте уште пред неколку кола беше прогласен за шампион на Италија.