ИНТЕНЗИВНО РАБОТЕВМЕ НА ИНФРАСТРУКТУРАТА, ГО ПРЕОБРАЗИВМЕ ВЕЛЕС Колев најави нови проекти доколку пак ја добие довербата од велешани
Во следните 4 години актуелниот градоначалник на Велес вели дека посебно би се посветил на имплементација на изнајденото решение за спас на езерото „Младост“. Тој најави продолжување на досегашните проекти и нови проекти во инфраструктурата, образованието, спортот, културата, хигиената.
Исполнивме поголем дел од ветувањата, но реализиравме и многу други проекти во Велес, вели актуелниот градоначалник Марко Колев кој повторно ќе ја бара довербата од велешани на изборите закажани за октомври.
Запрашан за тоа кои проекти кои го преобразиле градот во последните 4 години во интервју за Курир тој вели:
– Интензивно работевме на инфраструктурата, каде што се реконструираа околу 100 улици целосно или дел во градот и селата, при тоа напоредно инвестирајќи и во подземната инфраструктура. Се погриживме спортот да биде достапен за сите со тоа што изградивме или реконструиравме 6 спортски комплекси, 5 спортски терени и 3 училишни спортски сали, и она на што сум посебно горд е дека со возобновување и создавање нови културни настани и манифестации го вративме епитетот кој Велес го заслужува – град на културата. Секако дека има и други аспекти на кои се работеше – капитални проекти (нов систем за улично осветлување, санација на мост кај Башино Село, кеј на река Вардар, Градски пазар и др.), бројни катчиња за најмалите, хигиена, хортикултурно уредување, урбана опрема – сè она што е неопходно за поубав живот на велешани.
Според Колев, градската власт на ВМРО-ДПМНЕ го вратила епитетот кој го заслужува – град на културата.
Во следните 4 години Колев вели дека посебно би се посветил на имплементација на изнајденото решение за спас на езерото „Младост“, „но и со внесување нови свежи идеи кои сме ги увиделе во текот на нашите секојдневни активности во изминатите години или од непосредната комуникација со граѓаните“.
Тој најави продолжување на досегашните проекти и нови проекти во инфраструктурата, образованието, спортот, културата, хигиената.
Општина Велес потпиша договор со Владата за 15 капитални проекти. Според Колев таквата соработка е неопходна во време кога општините во Македонија не се доволно финансиски моќни сами да ги реализираат проектите.
Средствата се обезбедени за реконструкција на неколку патишта, реконструкцијата на влезови на неколку села, реконструкција на плоштадот во центарот на Велес, реконструкција на спортската сала „Гемиџии“ и реконструкција на неколку поголеми улици и делници во градот.