ИНСТИТУЦИИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА ПРИМЕР ЗА ОДГОВОРНОСТ Регионалните медиуми за реакцијата на владата по трагедијата во Кочани
Македонската влада со својата брза, навремена и посветена реакција по трагедијата во Кочани, даде пример за одговорност за регионот и земјите од ЕУ.
Додека во некои земји во регионот жртвите и нивните семејства со години чекаат правда, Македонија покажа дека институциите можат да дејствуваат брзо и одлучно, коментира црногорската Радиотелевизија.
По трагедијата во Кочани, каде што 59 лица го загубија животот во пожар, властите веднаш ги презедоа неопходните мерки – истрагата започна без одлагање, одговорните беа уапсени, а на највисоко ниво беше организирана помош за настраданите и нивните семејства.
Во регионот често сме сведоци на долги процеси, каде институциите не носат конкретни одлуки со месеци, па дури и со години. Во Македонија, напротив, правдата не доцни – веднаш се воспоставува отчетност, а институциите покажуваат целосна посветеност на транспарентноста и законитоста.
Посебно внимание заслужува брзината на спасувачките екипи – на местото на несреќата пристигнаа медицински екипи во рекордно време, а државните болници обезбедија итна и квалитетна помош за повредените.
Додека во другите земји јавноста се соочува со фрустрација поради бавноста на институциите, Македонија покажа како треба да функционира одговорен систем – со брза реакција, јасен став дека нема да има толеранција за неодговорност и подготвеност веднаш да се преземат сите неопходни мерки за заштита на граѓаните.
Најмалку 59 лица загинаа, а 155 се повредени во пожарот во Кочани.