ИНСТИТУЦИЈАТА НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ СЕ СООЧУВА СО ПРЕДИЗВИЦИ Зибери посочи дека има напредок, но и простор за подобрување

Верувам дека како институција сме на добар пат во постигнувањето на оваа цел, нешто што го докажуваат многу извештаи, но и последниот извештај на Транспаренси Македонија која минатата година ја рангираше институцијата Народен правобранител на трето место според проценката за интегритет, иако лично мислам дека има простор за повеќе работа и ефикасност. Државата како регулатор е тука. Пред сѐ Собранието, како претставнички и законодавен орган, преку системот да обезбеди и пристап до правата за секоја личност – посочи Народниот правобранител, Насер Зибери.

62

Институцијата Народен правобранител во нашата земја се соочува со сериозни проблеми во функционирањето, иако има фундаментална улога во насока на промоција, афирмација и заштита на човековите права и слободи, истакна денеска народниот правобранител, Насер Зибери, на конференцијата „Поврзување на политиката и праксата Зајакнување на парламентарниот надзор во промоција и заштита на човековите права“ која се одржа во Собранието во организација на Институтот за европска политика – Скопје.

– Недостигот на целосна финансиска, организациска и функционална независност, отсуство на средства за реализација на проекти и промоција и заштита на правата на граѓаните, кои се надлежност на oмбудсманот, а и недостигот на кадровскиот потенцијал, претставуваат сериозен проблем кој влијае директно врз квалитетот и ефикасноста на нашата работа. Институцијата Народен правобранител има фундаментална улога во насока на промоција, афирмација и заштита на човековите права и слободи. Од друга страна, пак, оваа улога нѐ товари со поголема одговорност со цел на сите граѓани, врз сите основи согласно Уставот и законите, да им се помогне во реализацијата на нивните права. Верувам дека како институција сме на добар пат во постигнувањето на оваа цел, нешто што го докажуваат многу извештаи, но и последниот извештај на Транспаренси Македонија која минатата година ја рангираше институцијата Народен правобранител на трето место според проценката за интегритет, иако лично мислам дека има простор за повеќе работа и ефикасност. Државата како регулатор е тука. Пред сѐ Собранието, како претставнички и законодавен орган, преку системот да обезбеди и пристап до правата за секоја личност – рече омбудсманот, потенцирајќи дека релацијата Собрание-Народен правобранител треба да се зајакне уште повеќе.






Зибери истакна дека одложувањето на донесувањето на измените на Законот за Омбудсманот директно ја одзела можноста на примената и акредитацијата во меѓународно тело во Обединетите Нации за преземање на статус А, кое како што рече, значи целосно независна национална институција за заштитата на правата и слободите на граѓаните.

– Нешто што речиси сите институции од регионот, иако формирани многу подоцна од нас, го постигнале овој статус. Неизборот на заменици на Народен правобранител, кои актуелно се седуммина, директно влијае во организирање на работата на нашата институција. Нивниот неизбор влијае и во падот на квалитетот на актите и одлуките кои ги разгледува Омбудсманот. Ја користам можноста да се обратам до претседателот на Собранието и пратениците да се заложат да се финализираат измените на Законот за Народниот правобранител – рече Зибери.

Собранието мора да биде првиот дом на граѓаните и чувар на нивните права

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, уверува дека Собранието останува посветено на зголемување на капацитетите, градење одржливи партнерства и на делување како мост меѓу граѓаните и Владата, со што, како што рече, се обезбедува транспарентност и отчетност. Убеден е дека само со инклузивен пристап, стратегии и со вистински реформи, може да се гарантира подостоинствен живот за секој граѓанин каде што сите ќе ги почитуваат правата на секој граѓанин.

– Собранието е првиот дом на секој граѓанин. Дома луѓето сакаат да се чувствуваат заштитени, а наша одговорност е да ги заштитиме нивните права и глас. Од суштинско значење е да се погрижиме нивниот глас да биде слушнат и секоја политика, секој закон и секоја одлука да биде во согласност со нивните права. Нашата стратешка ориентација кон Европската унија, како и нашите предизвици во овој критичен момент од процесот на интеграција, се јасна покана и можност за размислување, дејствување и за напредок во зајакнувањето на надзорната улога на законодавниот дом во гарантирањето на човековите права. И не само заради интегративниот процес, туку пред сѐ за да се вратат достоинството на Собранието и довербата на граѓаните во оваа институција. И за да бидеме успешни на овој пат, потребно е повеќе од политичка волја. Потребни се посилни, попрофесионални, поефикасни институции, соработка со граѓанското општество, активно вклучување на меѓународните тела за човекови права и колективна искреност и свест – рече Гаши.

Вклучувањето на ромската заедница е на подобро ниво

Заменик шефот во Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, Бен Нупнау, нагласи дека човековите права не се случајно во кластерот кој прв ќе биде отворен и кој последен ќе биде затворен.

– Човековите права со граѓанска, политичка, економска демократија обезбедуваат човековото достоинство да биде на прво место. Легислативата треба да се почитува на подемократски начин. Во последните години вклучувањето на ромската заедница и слични е на подобро ниво, но останува уште да се направи. А последната година и во периодичниот извештај земјата имаше 205 препораки, а 193 беа поддржани со тоа во следните 4 години се обврзаа да ги почитуваат и да ги исполнат. За човековите права, условите во затворите, за канцеларијата на Народниот правобранител, 2 години по прегледот треба да се постигнат првите резултати. Ќе се мониторира процесот и ќе се известува и ќе се следи со цел да се види дали има подобрување во состојбата. Отчетноста, инклузивниот дијалог се клучни за прогрес и европската делегација е тука за да се подобри и да се даде поддршка во помагањето во овој процес – рече тој.

Нупнау потенцира дека невладините организации треба постојано да бидат чувари во однос на следењето на однесувањето и работењето на институциите.

– Кога нема средства, капацитет и политичка волја да се смени статус квото, сепак е важно да се продолжи со работа. Доколку гледате наназад, ќе видите дека има прогрес, а тоа беше благодарение на вас и на вашата неуморна работа. Европската унија останува поддржувач на човековите права и на земјата да се подобрат механизмите и законодавството на патот кон ЕУ – рече Нупнау.

Парламентарниот надзор е клучен чувар на човековите права и демократската одговорност

Генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, истакна дека ефективниот систем за заштита на човековите права не може да постои без парламентарен надзор кој е активен, информиран и одговорен. Димовска потенцира дека надзорот не значи само следење на Владата, туку, како што рече, значи барање отчет за секој потег кој ги засега граѓаните, инсистирање на транспарентност поттикнување политики што ги почитуваат човековите права.

– Парламентот, како претставнички дом на граѓаните, има суштинска улога во обезбедувањето на транспарентноста, отчетноста и одговорноста на извршната власт. Надзорот, кој го врши Собранието, не е само уставна обврска. Тоа е клучен инструмент за заштита и промоција на човековите права и слободи. Собранието има одговорност не само да ги усогласи законите со меѓународните и со регионалните норми за човекови права, туку и да ратификува меѓународни договори и да ја следи нивната примена преку соработка со останатите институции, а парламентите можат да бидат движечка сила за вистинска промена. Парламентарниот надзор во овој контекст не е само алатка, тоа е и обврска да се следи, поттикнува доследната имплементација на меѓународните стандарди за човековите права – рече Димовска.

Поврзани содржини