ИНСТАГРАМ МУ СЕ ИЗВИНИ НА АЛМОДОВАР Фејсбук го забрани па го дозволи постерот со брадавица
Хавиер Хаен, кој го дизајнираше постерот за филмот „Паралелни мајки“ изјави дека платформата треба да се срами поради цензурата.
Сопственикот на Инстаграм, Фејсбук, ја поништи забраната за објава на постерот од новиот филм на шпанскиот режисер Педро Алмодовар, на кој се гледа брадавица од која капе капка млеко, пишува Би-Би-Си.
Хавиер Хаен, кој го дизајнираше постерот за филмот „Паралелни мајки“ изјави дека платформата треба да се срами поради цензурата.
Социјалната мрежа се извини за отстранувањето на постерот. Фејсбук изјави дека прави исклучок од неговата вообичаена забрана за голотија поради „јасен артистички контекст“.
Во филмот, кој ќе го отвори Филмскиот фестивал во Венеција на 1 септември, глуми актерката Пенелопе Круз, како една од двете жени чии патишта се вкрстуваат во болница каде се подготвуваат за раѓање.
Промотивниот постер е направен така да изгледа како око кое произведува солза.
– Прво ја отстранивме оваа слика поради прекршување на нашите правила за голотија. Сепак, правиме исклучок да дозволиме голотија во некои околности, кои вклучуваат јасен артистички контекст. Затоа ја поништивме забраната за споделување на постерот од филмот на Алмодовар на Инстаграм и навистина жалиме за настанатата збрка – изјави портпаролот на Фејсбук.
Некои корисници на социјалните мрежи го споделуваа постерот наспроти првичната забрана.
Хаен се заблагодари милион пати на секој што го споделил постерот, како и на Алмодовар и неговата продукција „Ел десео“ за нивните, како што рече, храброст, интегритет и слобода.
Минатата година козметичарка која правела тетоважи на жени и на мажи кои ги изгубиле своите гради поради мастектомија доби забрана од Фејсбук да рекламира фотографии од своите дела. Портпаролот на Фејсбук рече дека платформата дозволила фотографии од тетоважи на аерола од постмастектомија на Фејсбук страница или на профил, но не и во реклама.