ИНСТАГРАМ ИМА САМОУБИСТВЕНО ВЛИЈАНИЕ ВРЗ МЛАДИТЕ Фејсбук го криел доказот најмалку две години

Тинејџерките во Велика Британија и САД го обвиниле Инстаграм за чувство на вознемиреност и депресија, откри внатрешната студија која излезе во јавноста и за прв пат беше објавена од „Волстрит журнал“ на 15 септември, истакнувајќи дека Фејсбук е свесен како Инстаграм влијае и ја влошува сликата на секоја трета тинејџерка која ја користи апликацијата, за себе и за своето тело.

716

Се појавија податоци што покажуваат дека Фејсбук имал студија за штетното влијание на нивната апликација Инстаграм врз тинејџерите, а тоа го чувал во тајност најмалку две години, пренесува Радио Слободна Европа.

Инстаграм, платформата за споделување фотографии и видеа, која е во сопственост на Фејсбук од 2012 година, е одговорна за предизвикување самоубиствени мисли кај младите корисници, пишува лондонскиот „Тајмс“.






Тинејџерките во Велика Британија и САД го обвиниле Инстаграм за чувство на вознемиреност и депресија, откри внатрешната студија која излезе во јавноста и за прв пат беше објавена од „Волстрит журнал“ на 15 септември, истакнувајќи дека Фејсбук е свесен како Инстаграм влијае ѝ ја влошува сликата на секоја трета тинејџерка која ја користи апликацијата, за себе и за своето тело.

„32 отсто од тинејџерките рекоа дека имаат лошо чувство за своето тело поради Инстаграм“, пишуваат истражувачите на Фејсбук, во слајд презентација во март 2020 година.

Меѓу тинејџерките кои пријавиле самоубиствени мисли, додава „Тајмс“, 13 отсто биле корисници од Велика Британија и 6 отсто од САД.

„Споредбите на Инстаграм можат да го променат начинот на кој младите жени се гледаат и се опишуваат себе си“, се вели во еден од слајдовите, додека друг посочува дека тинејџерите го обвинуваат Инстаграм за зголемувањето на вознемиреноста и на депресијата, а истражувачите заклучуваат дека „реакцијата била конзистентна во сите групи“.

Од друга страна, посочува „Тајмс“, постои извештај кој докажува дека извршниот директор на Фејсбук, Марк Закерберг, имал презентација на наоди од 2020 година, кога на конгресното сослушување во март оваа година, рече дека истражувањата покажуваат дека користењето апликации за поврзување со други луѓе може да има позитивни придобивки за менталното здравје.

Истражувањето за Инстаграм е најдлабокиот поглед на она што го знае Фејсбук за неговото влијание врз тинејџерите и врз нивната ментална благосостојба, а исто така покажува дека технолошкиот гигант направи минимални напори да ги реши проблемите и да ги минимизира јавно, пишува „Волстрит журнал“.

Фејсбук спроведува внатрешни студии во последните три години, бидејќи, додава весникот, проширувањето на базата на млади корисници е од витално значење за годишниот приход на компанијата од повеќе од 100 милијарди долари.

Документите за Инстаграм се дел од големата интерна комуникација за различни истражувања, што вклучуваат ментално здравје на тинејџерите, политички дискурс и трговија со луѓе.

Повеќе од 40 отсто од корисниците на Инстаграм се на возраст од 22 години или помлади, а околу 22 милиони тинејџери секојдневно се најавуваат на Инстаграм во САД, во споредба со 5 милиони тинејџери кои се најавуваат на Фејсбук. Материјалите покажуваат дека тинејџерите во просек поминуваат 50 проценти повеќе време на Инстаграм отколку на Фејсбук.

Тенденцијата да се споделуваат само најдобрите моменти, притисокот да изгледаат совршенo и прикажувањето и продавањето производи што создаваат зависност, може да ги поттикне тинејџерите во нарушувања во исхраната, недостаток на самодоверба, нездраво чувство на сопственото тело и депресија, според внатрешни истражувања од март 2020 година.

Во 2017 година, добротворната организација „Јанг мајндс“ и Британското кралско здружение за јавно здравје објавија истражување во кое Инстаграм се издвојува од другите социјални мрежи како најнегативен во влијанието на менталната состојба. Извршниот директор на организацијата, Ема Томас, рече дека околината со слики од „совршен“ живот и навидум совршени тела може да има големо влијание врз тоа како луѓето се чувствуваат за сопствениот живот и изглед.

Друго истражување покажа дека повеќе од 40 отсто од корисниците на Инстаграм, кои изјавиле дека се чувствуваат „непривлечни“, рекле дека тоа се случува откако почнале да ја користат апликацијата, додека околу една четвртина од тинејџерите кои рекле дека се чувствуваат „не доволно добри“ велат дека поради тоа започнале да го користат Инстаграм.

Портпаролката на Фондацијата „Фајф рајтс“, која води кампања за промените во дигиталните услуги да бидат посоодветни за децата и младите, рече дека внатрешното истражување на Фејсбук прикажува негрижа во начинот на кој компанијата и технолошкиот сектор се однесуваат кон децата воопшто.

„Во потрага по профит, овие компании го крадат времето на децата, самодовербата и менталното здравје, а понекогаш влијаат трагично врз нивниот живот“, се вели во соопштението.

Поврзани содржини