Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ ) ја осуди и се огради од постапката на инспекторот од подрачната единица на АХВ во Берово, во снимката која вчера беше објавена во медиумите и на социјалните мрежи.
„Како одговорна институција и за благосостојбата на животните, во најбрз рок случајот ќе биде разгледан, инспекторот повикан на разговор и соодветно процесуиран. Против сите лица вклучени во случајот, АХВ ќе покрене и спроведе соодветна законска постапка“, соопшти АХВ.
И министерот за земјоделство Љупчо Николовски порача дека инспекторот на АХВ ќе биде санкциониран.
„Згрозен од монструозниот чин на инспекторот за благосостојба на животните во подрачната единица Берово на Агенцијата за храна и ветеринарство, најавувам итно постапување и преземање на сите дисциплински мерки од страна на АХВ. Предизвикување стрес, малтретирање и непотребно страдање на невини животни е за секаква осуда“, напиша Николовски на својот профил на Фејсбук.
Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ вчера попладне објави видео на кое е прикажано како неколкумина мажи се изживуваат врз живо јагне. Со врзани нозе јагнето го поставуваат на маса пред инспектор за заштита на благосостојбата на животните во подрачната единица Берово на Агенцијата за храна и ветерина.
Мажите играат на жива музика околу јагнето кое е ставено на маса и секогаш кога тоа ќе се легне, некој го буцнува да стане иако едвај стои со врзани нозе.