ИНСПЕКТОРИТЕ ЗЕДОА КОНТРОЛНИ БРИСОВИ ОД КУЈНАТА ВО ОУ „ДИМО ХАЏИ ДИМОВ“ Изречена казна од 900 евра на операторот со храна
Од земените мостри храна и брисеви од во рамки на превентивните вонредни контроли во деветте основни училишта, кај една мостра од храна (намаз) утврдено е присуство на бактерија ешерихија коли, за што е наредено намазот да се исфрли од употреба.
Инспекторите за храна на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) денеска повторно зедоа брисеви од работните површини во кујната во ОУ „Димо Хаџи Димов“ во општина Карпош со цел да се утврди нејзината безбедност по извршеното генерално чистење и дезинфекција на објектот, опремата и машините во кујната.
Агенцијата за храна и ветеринарство соопшти дека на вонредни здравствени санитарни прегледи се испратени и вработените во кујната, а кујната која ќе остане затворена се до добивање на лабораториските наоди со кои ќе се потврди безбедноста.
АХВ, соопшти и дека, официјално ги добила резултатите од лабораториските тестирања на земените мостри храна и брисеви од работни површини, прибор, машини и од вработените лица во кујната во ОУ „Димо Хаџи Димов“ и од вонредните инспекциски контроли кои беа спроведени во кујните на деветте основни училишта во Општина Карпош со кои стопанисува истиот оператор со храна.
„Во мострите од храна од ОУ „Димо Хаџи Димов“ е потврдено дека послужената мусака, не ги задоволува микробиолошките критериуми за безбедност, односно утврдено е присуство на бактерија (Enterobacteriaceae).Од земените мостри храна и брисеви од во рамки на превентивните вонредни контроли во деветте основни училишта, кај една мостра од храна (намаз) утврдено е присуство на бактерија ешерихија коли, за што е наредено намазот да се исфрли од употреба. Два од тестираните брисеви биле позитивни, но, кај нив не е утврдено присуство на патогени бактерии“, се вели во соопштението.
На операторот со храна за утврдените недоследности со превентивните вонредни контроли изречени му се две парични казни по 900 евра во денарска противвредност (600 евра за операторот и 300 евра за одговорното лице), а за непоседување на сертификат за завршен курс по хигиена за едно лице и немање соодветни технички услови за работа (немање на топла вода) во две училишни кујни изречена е и вкупна казна од 650 евра во денарска противвредност.