ИНСПЕКТОРИТЕ ОД КАРПОШ КАЗНИЈА 26 ГРАДИЛИШТА Казните за фирмите се движат до 3.000 евра
Комуналните редари изрекле 12 казни во висина од 40 евра, како и 12 опомени.
Општина Карпош изрече вкупно 26 казни и 17 опомени по засилениот инспекциски надзор врз сите градилишта на своја територија, со цел да се обезбеди законска, безбедна и одговорна урбана изградба. Во текот на изминатата недела, од страна на градежен и комунален инспектор, како и со активно присуство на комуналните редари, биле спроведени повеќе од 50 контроли на терен.
Градежниот инспектор, согласно својата надлежност, изрекол четири казни во висина од 500 до 3.000 евра, на правни и одговорни лица.
Комуналниот инспектор изрекол 5 казни по 300 евра за одговорни лица, како и 5 казни по 1.500 евра за правни лица. Биле изречени и пет опомени, при што недостатоците биле коригирани веднаш.
Кај дел од градежните компании било постапено по издадени опомени, со целосно почитување на наложените мерки.
Комуналните редари изрекле 12 казни во висина од 40 евра, како и 12 опомени. Доколку во наредниот период не се извршат потребните корекции кај овие градби, во постапката ќе се вклучи и комуналниот инспектор, чии казни, согласно законот, се со значително повисоки износи.