Инспекторите на терен, ќе гледаат дали цените пораснале за „Викендот без ДДВ“
Од Владата апелираат граѓаните, како и трговците, да ги почитуваат мерките за заштита од вирусот, со цел да се спречи негово ширење.
Инспекциските служби за време на викендот без ДДВ ќе вршат интензивни контроли на трговските објекти во делот на почитување на здравствените протоколи, како и на цените на производите, соопшти Владата.
Државниот пазарен инспекторат ќе спроведува контроли дали цените на производите воведени во трговските книги на трговците, соодветствуваат со истакнатите цени на производите.
Паралелно пазарните инспектори ќе контролиираат дали се почитуваат здравствените протоколи во моловите и трговијата на мало (маркети, бутици итн).
„Конкретно, во моловите, дали се почитуваат мерките во делот на одржување на физичко растојание меѓу купувачите и продавачите од 1,5-2м, работно време, дали е обезбедена заштитна опрема (маски и ракавици), одржување на ред за влез во продавниците, обезбедени средства за дезинфекција, редари, регулирање на бројот на купувачи согласно квадратурата на продавницата, ред при пробување во продавниците за облека, обeлежани места за чекање пред касите и друго“, соопшти владината прес-служба.
Оттаму посочија дека во делот на трговијата на мало, ќе се контролира почитувањето на протоколите во однос на запазување на големината на објектот и дозволеното присуство на бројот на купувачи, заштитна опрема за вработените (маски и ракавици), редарска служба, соодветни ознаки за правец на движење. За непочитувањето на здравствените протоколи предвидени се глоби во зависност од големината на трговците.
Од владата додаваат и дека сега инспекторите имаат поголеми овластувања за справување со прекршителите на ковидпротоколите.
„Досега само Државниот здравствен и санитарен инспекторат имаше овластувања да изрекува мерки, а другите инспекциски служби само поднесуваа кривични пријави за непочитување на протоколите согласно Кривичниот законик. Со новите законски измени вакво овластување за изрекување на забрана за работа и прекршочен платен налог добиваат и Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Државниот инспекторат за транспорт и другите инспекторати на централно и локално ниво. Конкретно, доколку инспекторите утврдат прекршување на здравствените протоколи, ќе имаат овластување на лице место да изречат привремена забрана за вршење на дејноста од 10 до 30 дена на правните субјекти кои не ги почитуваат мерките. Дополнително според новите законски измени, висината на глобите ќе варира во зависност од големината на правниот субјект“, се додава во соопштението.
Од Владата апелираат граѓаните, како и трговците, да ги почитуваат мерките за заштита од вирусот, со цел да се спречи негово ширење.