ИНСПЕКТОРИТЕ ЌЕ ИМ ГО ПРЕКИНАТ ОРОТО НА СВАТОВИТЕ Владата испитува дали има злоупотреба на аеродромите низ земјата

Министерот за транспорт и врски, Александар Николовски, соопшти дека ќе бидат спроведени истраги во 5 спортски аероклубови – „Скопје“, кој управува со аеродромот Стенковец во општина Чучер-Сандево, како и аероклубовите во Куманово, Битола, Прилеп и во Штип. Тој предупреди дека некои од овие клубови веќе ја загубиле својата првична функција и наместо да се занимаваат со авијација, се трансформирале во организатори на свадби, концерти и на моторџиски собири.

2,741

Надлежните институции стартуваат со акција да се испитаат хангари, земјишта, дозволи и трансформации на спортските аеродроми низ Македонија, изјави министерот за транспорт и врски, Александар Николовски, по објавата на Плусинфо дека во склоп на аеродромот Стенковец има објект каде што се организираат свадби, разни други настани и концерти, на територија од неверојатни 250.000 квадрати.

– Станува збор за сериозни информации што излегоа во јавноста. На денешната седница на Владата по прашања и предлози се усвои заклучок, со цел да се провери целокупната работа на правните лица кои се носители на уверенија за оператори за спортски аеродроми, овластени од Агенцијата за цивилно воздухопловство. Беше побарано да се проверат нивниот правен статус и начинот на нивното трансформирање, зашто станува збор за акционерски друштва; имотот со кој располагаат и правниот статус на имотот, односно начинот на стекнување, дали е наследен, стекнат, легализиран или нелегализиран; a се задолжија и Министерството за транспорт, Управата за јавни приходи, Управата за финансиска полиција, МВР, Државниот градежен инспекторат, Инспекторатот за локална самоуправа, Државниот пазарен инспекторат, Агенцијата на катастар, а е препорачано единиците за локална самоуправа на чијашто територија се наоѓаат, да ги испитаат овие 5 аероклубови –  изјави Николовски.






5 спортски аероклубови под лупа

Министерот посочи дека под истрага ќе бидат 5 спортски аероклубови: „Скопје“, кој стопанисува со аеродромот Стенковец во општина Чучер-Сандево; „Доне Божинов“ – со спортскиот аеродром во Куманово; аероклубот „Мирко Тодоровски“ – со аеродромот во Битола; како и аероклубовите „Прилеп“ и „Штип“, кои стопанисуваат со спортските аеродроми во соодветните градови.

– Овие аероклубови треба да бидат детално проверени и ќе бидат проверени во рок од најмногу 2 недели, институциите ќе дадат одговори кон Владата во однос на сите овие постапки и процедури, од една страна за да се задржи дејноста, бидејќи треба да има спортски аеродроми во државата, од друга страна за да се заштити максимално безбедноста на оние што управуваат спортски авиони. Од трета страна, најважно, да се задржи основната дејност зашто станува збор за аероклубови, па не смее да се манипулира законот – посочи Николовски.

Од аероклубови до организатори на свадби

Министерот предупреди дека некои спортски аероклубови ја губат својата основна функција и се претвораат во организатори на свадби, концерти и на моторџиски собири.

– Знаете дека во минатото сите спортски друштва се водеа како граѓански здруженија. Со промените на Законот за спорт, некаде пред 10 години, истите добија право да се трансформираат во акционерски друштва. Но, тоа не значи дека треба да ја губат основната дејност и од аероклубови да стануваат организатори на свадби, концерти, тим билдинзи и на останати настани што се промовираат на аеродромот Стенковец, или, пак, моторџиски средби на аеродромот во Куманово. До таму оди работата, во Битола, на пример, пистата е приватизирана. Така што, детално ќе бидат проверени сите овие работи и јавноста ќе биде информирана – истакна Николовски.

Проверките се покренуваат во момент кога јавноста изразува сомнежи за користењето на хангарот на спортскиот аеродром Стенковец за луксузни забави и концерти, наместо за спортска дејност. Дел од институциите веќе започнаа внатрешни проверки, а Плусинфо претходно објави дека Владата најави координирана инспекциска акција.

📽 КАКО ДА СЕ „ЛАПНЕ“ СПОРТСКИ АЕРОДРОМ И ДА СЕ НАПРАВИ БАЛКАНСКИ ВУДСТОК НА 250.000 КВАДРАТИ „Дион Стенковец“ има големи амбиции, а дали ги има и сите потребни „папири“?

 

Поврзани содржини