ИНСПЕКЦИИТЕ МОРА ДА СТАНАТ ЗАКОНСКА ОБВРСКА Претседателот на ЗЕЛС вели дека е време за ресет на системот

Кај нас она што недостасува, според мене, е промени во законот во делот така што секој законски ќе мора да постапува во одреден период. Тоа се однесува и на инспекциските служби. Сега е за жал оставено на добрата волја на инспекторот, вели претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

934

Во вечерашното издание на емисијата „Топ Тема” на телевизија Телма, гостуваше претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски кој истакна дека се залага за темелни реформи и инсистираше на елиминирање на практиките што овозможуваат злоупотреби, како на пример, молчењето на администрацијата.

Ѓорѓиевски додаде дека е неопходна законска обврска за редовни инспекциски контроли, особено во јавните објекти, наместо сегашната зависност од добрата волја на функционерите, и потенцираше дека потребен е ресет на системот со јасни процедури и построга контрола.






Ѓорѓиевски истакна дека во општина Кисела Вода не се дозволува автоматско одобрување на барањата за градба врз основа на „молчење на администрацијата”. Тој нагласи дека оваа пракса, која ја користат многу институции, е тргната настрана за да се спречат злоупотреби и манипулации со законските процедури. Според него, неопходен е темелен ресет на државниот систем, во кој треба да учествуваат сите релевантни експерти.

– Најобично одобрение за градба, знаете дека треба согласности да добиете од сите релевантни институции, многу институции го користат доколку не добијат во рок од 15 дена моментот на молчење на администрација па го земаат како позитивно. Во мојата општина такво нешто јас сум забранил. Тој момент на изигрување на постапките на законот, бил тргнат на страна, односно не се дозволило да се движиме во таа траекторија, нас ни треба вистински ресет на државата и во тој ресет треба сите заеднички да учествуваме од оние кои што се највични – изјави Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски додаде дека факултетите што обучуваат кадри во областа на урбанизмот и градежништвото мора да имаат активно учество во процесите што ги спроведуваат локалните и централните институции. Тој исто така предупреди дека не може да се носат и спроведуваат урбанистички решенија без вклучување на професионалците кои ја создаваат стручната фела.

– Не може да има процеси во државата кои што ќе се спроведуваат така. Дали е тоа од локалната самоуправа дали од централната власт дали од било која институија, без тие луѓе кои што практично ги создаваат кадрите кои што треба да издаваат одобрение и се останато да не бидат вклучени. Имаме многу што да поправаме во системот, но дојдено е времето кога мораме да го ресетираме целиот систем – додаде Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски нагласи дека иако системот има сериозни недостатоци, неопходно е темелно реструктурирање на институциите и процедурите. Тој оцени дека процесот ќе биде сложен, но неизбежен, со цел да се воспостави по функционална и одговорна администрација.

– Многу тежок процес е, речиси неостварлив би бил да сето она што го работеле тие во минатото би се проверило во наредниот период. Не велам дека не треба да се провери, особено ако станува збор за објекти од јавен карактер, како градинки, како училишта како културни домови, спортски сали итн. Но, дека лесно ќе се заврши тој процес и дека ќе биде од денес за утре, не верувам лично во тоа, објективно гледано – нагласи Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски предупреди дека постојниот систем се базира на дискреционо право на инспекторите, наместо на законски дефинирани рокови за постапување. Тој потенцираше дека е потребна законска промена што ќе наложи задолжителни инспекциски контроли, особено за објектите од јавен интерес како градинки, училишта и спортски сали.

– Кај нас она што недостасува, според мене, е промени во законот во делот така што секој законски ќе мора да постапува во одреден период. Тоа се однесува и на инспекциските служби. Сега е за жал оставено на добрата волја на инспекторот, вели претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски. Кој со кого се познава, и кој колку побрзо може да добие одредена потврда одобрение итн. Многу често се дискутира околу тоа изминатиов период, дали требало да се случи ваква ситуација за да излеземе ние во вондредни контроли, во сите објекти од јавен карактер – додаде Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски истакна дека во општина Кисела Вода, инспекциските контроли во основните училишта се спроведуваат еднаш годишно, но исто така предупреди дека во останатите општини тоа зависи од индивидуалната одговорност на функционерите. Тој додаде дека безбедноста на јавните објекти не смее да зависи од добра волја, туку од системски дефинирани обврски.

– Откако сум јас градоначалник, еднаш во годината се прават во сите објекти, но мораме тоа облигаторно да го направиме, односно да биде обврска на секого. Тоа зависи од индивидуалниот капацитет на носителот на функција. Без разлика што сум претседател на ЗЕЛС, сум и градоначалник, имам одговорност за најмладите кои што учат во училиштата и во градинките – потенцираше Ѓорѓиевски.

Поврзани содржини