ИНСПЕКЦИЈА ЈА ЗАТВОРИ „ЈУЖНА ПРУГА“, СОПСТВЕНИКОТ ЈА ОТВОРИ Кривична за газдата што ги симнал печатите
И покрај изречената забрана од инспекцијата, угостителски објект во Скопје продолжил со работа – Обвинителството бара мерки на претпазливост.
Основното јавно обвинителство Скопје покрена постапка против сопственикот и управител на угостителскиот објект „Јужна пруга“ во Скопје, откако, и покрај изречената забрана за работа, локалот продолжил да прима гости.
Според Обвинителството, на објектот претходно му била изречена забрана за вршење дејност од овластен инспектор за животна средина од Општина Аеродром, а решението било јасно истакнато на влезната врата. Наместо да ја почитува одлуката, сопственикот го отстранил службениот знак и продолжил со работа.
„При контролата беше констатирано дека угостителскиот објект работи и покрај забраната и дека во него има присутни гости“, информираат од Основното јавно обвинителство Скопје.
Со ваквото постапување, како што наведуваат од Обвинителството, осомничениот покажал целосно непочитување на службените акти и ја нарушил функцијата на институциите задолжени за надзор.
„Симнувањето на службениот знак и продолжувањето со работа претставува директно попречување на работата на државните и јавните институции“, појаснуваат од ОЈО.
Поради основано сомнение дека е сторено кривичното дело симнување и оштетување на службен печат или знак, јавниот обвинител побарал од Судот да му бидат изречени мерки на претпазливост.
„Побарана е забрана осомничениот да врши угостителска дејност, како и целосно спроведување на решението на надлежните инспекциски служби, сè додека трае кривичната постапка“, додаваат од Обвинителството.
Постапката е во тек, а од ОЈО Скопје порачуваат дека непочитувањето на законите и инспекциските одлуки ќе биде санкционирано.