Инклузива: Гласањето сѐ уште не е пристапно за сите граѓани со попреченост

Набљудувачите на Инклузива забележаа пропусти при гласањето на лица со попреченост и почитувањето на здравствениот протокол

221

Здружението Инклузива ги набљудува парламентарните избори со 70 набљудувачи кои се лица со попреченост на 210 избирачки места. Набљудувачите на Инклузива известија за пропусти при пристапноста на гласачките места и гласањето за лицата со попреченост. Забележано беше и непочитување на протоколите за заштита од ковид-19. Друг тип на нерегуларности не беа забележани во значаен број. Ова се прелиминарните наоди од гласањето до 15.30 часот.

Според набљудувањето, главен проблем останува пристапноста на гласачките места и користењето на алатките за гласање на лица со попреченост. Набљудувачите известуваат дека 20 од посетените избирачки места не се воопшто физички пристапни (нема рампи или лифтови, има скали или бариери). Параваните за гласање на лица со попреченост не се поставени на соодветно место на 22 избирачки места, односно се ставени покрај ѕид,  блокирани или воопшто не се поставени.






Шаблони со Брајово писмо и граничници за гласањето на слепите и слабовидните лица не се користени на 31 место. На едно место е забележано како придружникот гласа за слепото лице без присуство на самото лице зад параванот. На 10 гласачки места не се поставени графички прикази за процесот на гласање. Четири набљудувачи се соочија со проблем при вршење на набљудувањето и комуникацијата со избирачките одбори, а на едно гласачко место набљудувач – лице со попреченост е навредено од страна на Избирачки одбор.

Забележани се нерегуларности во поглед на непочитување на мерките за заштита од ковид-19, односно: неносење или неправилно користење на заштитни маски и ракавици од страна на избирачки одбори на 15 гласачки места, неодржување на физичко растојание на 21 гласачко место, непроветрување на просторот и повеќе лица од дозволениот број на 3 гласачки места.

Ова е досега набројната набљудувачка мисија на лица со попреченост во земјата. Преку својот мониторинг набљудувачите следат дали се остварува правото на глас и ја покреваат свеста за еднаквиот пристап кон гласањето кој сѐ уште не е можен за секој граѓанин. Овој мониторинг покажува и дали мерките кои се преземаат за гласање на лица со попреченост (шаблони со Брајово писмо, граничници, монтажни рампи, паравани) се користат. Кога избирачките одбори не ги почитуваат овие мерки, залудно се потрошени ресурсите на нив а граѓаните со попреченост не го добиваат своето право на глас.

 

Поврзани содржини