Иницијативен одбор за вонреден конгрес: Ако Мицкоски не ја добие довербата, ќе избираме нов лидер

Според Стамов, Мицкоски мора да биде храбар и да се соочи со своите сопартијци и дека конгресот во март во Скопје е добра можност за тоа.

10,784

„Сплотени во победа“ е слоганот под кој.Иницијаторите за вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ ќе го оддржат 17-от конгрес на партијата, рече на прес конференција Борче Стамов. и порача дека ако актуелниот претседател Христијан Мицкоски не ја добие довербата од делегатите, конгресот ќе избере нов лидер.

– Без силно и обединето ВМРО-ДПМНЕ не можеме да се надеваме на силна и обединета Македонија.
Без разлика дали станува збор за власт или опозиција, секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ не е на висина на името кое го носи и застранува, тоа се одразува на државата. Затоа на ВМРО-ДПМНЕ му треба будење и консолидирање,  соочување со грешките и со реалноста, му треба нова енергија која ќе го поведе во нови победи – рече Стамов.






Според него, нема искрен и чесен член на ВМРО-ДПМНЕ кој не е загрижен за случувањата во партијата, кој не се прашува во кој правец се движи таа.Нема месен или општински комитет каде не се разговара за тоа зошто ги губиме сите избори по ред изминативе три години.

-Не им е сеедно на нашите браќа во Ново Село, Охрид или Штип кои не може да си објаснат како можеше локалната власт да им се препушти на СДСМ кои докажаа дека лошо ги водат општините.
Не ни е сеедно на сите кога треба да дискутираме како и зошто ги загубивме и претседателските и парламентарните избори. За претседателските раководството не убедуваше дека „жена ќе биде“ иако никој во Гордана Силјановска не препознаваше кандидат на ВМРО. За парламентарните раководството не убедуваше дека победата ќе биде убедлива со повеќе од десет пратеници разлика. Видовме дека тоа беа пусти лаги и наместо победа, доживеавме уште еден пораз – рече Стамов.

Тој вели дека било ветувано дека ВМРО-ДПМНЕ ќе состави влада и дека ќе ја води државата, но и тоа се испоставило дека се празни зборови за да се смири членството.

– Изминативе шест месеци се ветува ново мнозинство, а СДСМ останува на власт, додека граѓаните и државата влегуваат од една во друга криза. Во ваква ситуација, да не може да се победи еден слаб и неодговорен СДСМ, значи дека нешто не е како што треба во ВМРО-ДПМНЕ. Тоа го знаеме ние, а го знаат и нашите сопартијци чија поддршка кон иницијативата се зголемува со секој поминат ден – вели Стамов.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ е победничка партија, која и денес може да победува, но за тоа ни треба обединување и подигнување на политичките стандарди во земјава.

– Ни треба отчетност, транспарентност и одговорност. Ни треба искреност и чесност. Ни треба се што во моментов не го нуди владеачката СДСМ за граѓаните да ја препознаат разликата. Првиот чекор во таа насока е организирањето на 17-от вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ закажан за 28 Март во Скопје. Како што можевте да видите, мотото под кое што го организираме овој конгрес е „Сплотени во победа“. Веруваме дека само така, сите заедно ќе може да ја постигнеме целта. Веќе се собрани голем дел потписи од делегатите и очекуваме поголема посетеност од конгресот во Валандово -рече тој.

Според Стамов, Мицкоски мора да биде храбар и да се соочи со своите сопартијци и дека конгресот во март во Скопје е добра можност за тоа.

–  Одговорност после поразите презедоа и Георгиевски и Груевски и покрај тоа што зад нив останаа десетици победи на избори и години на успешно владеење. Бегањето од отчет и одговорност ќе значи само поголема комоција на власта и понеодговорно работење на функционерите на државно и локално ниво. Во Скопје на 28 март секако ќе се гласа оценка на работата на се уште актуелниот претседател Христијан Мицкоски. Дали Мицкоски го исполни ветувањето дека ќе ја обедини партијата и ќе ја врати на победничките патеки? Дали Мицкоски го поврати угледот и поддршката што ја имаше ВМРО-ДПМНЕ кај меѓународната заедница? Дали Мицкоски ги зголеми коалициските капацитети кои ги вети во Валандово? Сите овие прашања заслужуваат одговор и мора да бидат дискутирани со делегатите. Доколку не ја добие довербата, тогаш Конгресот ќе бира нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ – рече Стамов.

Поврзани содржини