Иницијативен одбор на ВМРО-ДПМНЕ: Мицкоски ги навреди делегатите што го избраа

ВМРО-ДПМНЕ не може веќе да си го дозволи луксузот и да губи уште пет изборни циклуси пред да биде побарана одговорност од Мицкоски, порачаа членовите, кои закажаа вонреден конгрес на партијата на 28 март во Скопје.

484

Сѐ уште актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски нема капацитет да ја води партијата што резултира со видлива несигурност и немир, кои предизвикуваат панични реакции на ароганција, гнев и навреди кои сите оние што се охрабруваат да ја кажат вистината што ја гледа целата јавност, реагира Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес на партијата.

– Вистината е дека Мицкоски е неспособен да ги привлече симпатиите на граѓаните и служи само како спаринг партнер во изборните победи на власта. Вистината е дека Мицкоски има погрешно поставени приоритети, а личните, лукративни интереси му се поважни од партиските и државните. Партиските членови и граѓаните ја препознаваат ароганцијата со која што ја прекрива сопствената несигурност и со тоа ја влече партијата надолу. „Заробеници“, „слуги“, „гадење“, „криминални обиди“, „стопан Заев“ се само дел од епитетите со кои Мицкоски вчера ги навредуваше делегатите што го избраа и му доверија партија од 150.000 членови – реагираат членовите на Одборот.






Според нив, недоличниот вокабулар на Мицкоски и заканите кои ги упатува ги препознаваат и граѓаните и меѓународната заедница и сметаат дека поради тоа тој е изолиран.

– Затоа Мицкоски бега од соочување со одговорноста. Затоа на Мицкоски му е неопходно членка на Централниот комитет на последната седница да бара збор за дискусија и да му кажува „насмејте се претседателе“. ВМРО-ДПМНЕ не може веќе да си го дозволи луксузот и да губи уште пет изборни циклуси пред да биде побарана одговорност од Мицкоски – порачаа членовите, кои закажаа вонреден конгрес на партијата на 28 март во Скопје.

Поврзани содржини