Иницијативен одбор бара оставка од Мицкоски и вонреден конгрес за нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ
Пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, освен Дамческа-Илиеска, беше и Марина Кавракова која исто така е актуелен член на Извршниот комитет на Унијата на жени на партијата, актуелниот градоначалник на Илинден, Жика Стојановски, ексградоначалникот на Аеродром, Ивица Коневски, ексградоначалникот на Дојран, Борче Стамов, ексградоначалникот на Бутел, Петре Латиновски, поранешниот директор на Службен весник, Лука Кржаловски, како и поранешниот директор на Државниот архив, Филип Петровски.
Иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ денеска побара оставка од лидерот на партијата Христијан Мицкоски и одржување вонреден конгрес за избор на нов претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Ова барање го соопшти поранешната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ Весна Дамчевска-Илиевска, на прес-конференција пред партиското седиште.
– ВМРО -ДПМНЕ со Мицкоски како претседател и кандидат за премиер на овие избори излезе со програма и кандидати за пратеници кои не успеаја да обезбедат поддршка од граѓаните. Кадрите на Мицкоски и во техничката влада не успеаја да се наметнат како лица кои на граѓаните ќе им покажат нов и различен начин на водење на институциите и ќе одговорат на предизвиците со кои беа соочени. Вината може да се префрла, но вистината е една. Вистината е дека е најодговорен тој што го состави тимот, а тоа е Христијан Мицкоски – рече Дамчевска-Илиевска.
Таа вели дека ВМРО-ДПМНЕ има кадри и потенцијал кој може да понуди алтернатива и да го запре економскиот пустош кој три години ја коси Македонија.
– За жал, на оваа власт некој ѝ овозможи таков луксуз да победи и да формира Влада. Тука не мислиме на оние 327.000 наши сограѓани кои гласаа за Зоран Заев. Тие не се виновни. Не се виновни ниту оние стотици илјади кои останаа дома и одлучија да апстинираат. Виновен е оној што можеше, требаше и мораше да понуди сериозни, препознатливи политики кои ќе ги сплотат и привлечат граѓаните. Виновен е тој што не ги искористи капацитетите на партијата и форсираше поделби наместо да ги обедини силите. Виновен е тој што не успеа да изгради и да заземе цврст став по ниту едно прашање. Одговорност за неуспесите мора да има. Одговорен е тој што го води тимот, а тимот на ВМРО -ДПМНЕ го водеше Христијан Мицкоски и неговите најблиски соработници – рече Дамчевска-Илиевска.
Таа додаде дека ВМРО-ДПМНЕ со Мицкоски како претседател ги загубил претседателските избори одржани во 2019 година, како и локалните избори во Охрид и во Ново Село.