ИНИЦИЈАТИВАТА ЗА РЕФЕРЕНДУМ Е НЕУСТАВНА Митрески вели дека не може со закон Собранието да прекине друг закон

Оваа иницијатива, сметаат од СДСМ, е само обид на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и тесното партиско раководство да се затскријат зад народот и да ги спасат своите фотелји во партијата.

313

СДСМ ја поддржува одлуката на претседателот на Собранието Талат Џафери да ја одбие иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за распишување референдум поради тоа што, како што велат од партијата, е неуставна бидејќи согласно Уставот меѓународен договор не може да се поништи со закон. Договорот може да го раскине само тој што го потпишал, во случајот Владата, а тоа да ја извести другата страна. Ако ВМРО-ДПМНЕ победи на избори и формира Влада, тогаш може да го раскине Договорот.

Оваа иницијатива, сметаат од СДСМ, е само обид на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и тесното партиско раководство да се затскријат зад народот и да ги спасат своите фотелји во партијата.






– По сите консултации со експерти што ги имавме изминатиот период ние тврдиме дека ова не е уставно. Ние во минатото во 2018 година сме изгласале Закон за ратификација за Договорот за добрососедство со Бугарија. Таков е законот кој сме го изгласале. Согласно член 118 од Уставот не може со закон да се поништи закон за ратификација на Меѓународен договор. Во членот 13 став 3 од Договорот стои дека тој што го потпишал, во случајот Владата може да го раскине и за тоа да ја извести другата страна – рече вечерва на прес-конференција координаторот на СДСМ и Коалицијата Јован Митрески.

Но, како што рече, целта на иницијативата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, не е да се раскине договорот туку, да се скрие зад народот.

– Затоа впрочем ова и го прави. Но оваа негова и игранка на тесното раководство граѓаните во ваква суитуација може да ги чини осум милиони евра. Ние тоа нема да го дозволиме – рече Митрески.

Според него, очигледно е дека Мицкоски намерно ја има смислено и поднесено оваа иницијатива на правно неиздржан начин, спротивно на македонскиот Уставот и тоа, како што нагласи, само за да создава тензии, да го манипулира народот, свесен дека нема да успее.

– Иницијативата беше уште една измама на Мицкоски за спас на сопствената фотелја во Белиот дворец и бизнис интересите на една екипа во неговото опкружување – истакна тој.

На новинарско прашање кои би биле следните потези на ВМРО-ДПМНЕ, Митрески рече дека не може да претпостави. Можеби, нагласи тој, имаат и други иницијативи, но, СДСМ нема да прифати ништо што е спротивно на Уставот на Република Северна Македонија.

– Ако ме прашувате што е тоа што пак би правеле во следниот период можам да кажам дека само претпоставка. Но, сите во нашата држава знаат дека овој референдум нема да успее и не зацртан на ваков начин како што го поставиле Мицкоски со цел да успее. И тој самиот знае дека нема да успее и затоа впрочем сака спомнав и претходно дека сака да се сокрие зад граѓаните. Зошто да се сокрие зад граѓаните? Па еве да го поставам логичното прашање – нели кажува кога и да има избори ќе ја освои власта. Па според член 13 став 3 од Договорот како извршна власт може Договорот да го прекине и да ја извести другата страна. Но, тој сака да се скрие затоа што знае дека нема да успее и потоа да, на некој начин има алиби за правдање дека нема да го укине Договорот за добрососедство – истакна координаторот на СДСМ и Коалицијата.

Според него, Мицкоски едно зборува пред членовите на партијата, едно на протестите, друго на други места, и се прави само за да ја заштити сопствената фотелја во „Белиот дворец“ и да го заштити сопственото место и групата околу него.

– Затоа реков дека оваа ВМРО-ДПМНЕ не е некогашно ВМРО-ДПМНЕ од деведесеттите години кога гласало државнички и стратешки одлуки за наше членство во ЕУ и НАТО. Ова е сосем спротивно од тоа што тогаш било – рече Митрески.

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска ја одби иницијативата со образложение дека не е уставна и оти согласно Уставот не може меѓународен договор да се укинува со закон.

– Меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон – му одговори претседателот на Собранието Талат Џафери на овластениот предлагач, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ на 9 септември ја достави иницијативата до Собранието за одржување референдум за поништување на Договорот со Бугарија. Тогаш координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски информира дека ги собрале потребните потписи за поднесување на иницијативата.

Претходно, на 5 септември Извршниот комитет на ВМРО – ДПМНЕ го усвои референдумското прашање „Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија објавен во Службен весник од 18.01.2017?“.

Поврзани содржини