„ИМАМЕ ФОТКИ КОИ ДОКАЖУВААТ ДЕКА УСТАВОБРАНИТЕЛИТЕ НЕ СЕ ТЕРОРИСТИ“ Иницијативата „Стоп на политичкиот терор и прогон“ бара целосна ревизија и повторно судење за 27 април
Ќе ги дадеме сите фотографии и видеа од гласањето во Собранието на судски вештаци и тие да ги пребројат гласовите односно кренатите раце при гласањето за избор на претседател и кога ќе избројат 58 гласови, односно недоволен број на гласови за мнозинство, тогаш ќе заклучиме дека сите што влегоа во Собранието тој ден се најголеми патриоти, а не терористи, рече Тодор Кулаков, организатор на иницијативата „Стоп на политичкиот терор и прогон“.
Одборот на проектот „Стоп на политичкиот терор и прогон“ чија главна цел е слобода за осудените за „27 април“, денеска презентираше фотографии и видео материјали од гласањето во законодавниот дом на 27 април и бараат целосна ревизија, како и повторување на постапката.
Како што информираше организаторот на иницијативата, Тодор Кулаков, материјалите ќе ги предадат на судски вештаци кои ќе го утврдат точниот број на присутни пратеници во Собранието и според вештачењето, како што вели, се доведува до прашање легитимноста на изборот на претседател.
– Ќе ги дадеме сите фотографии и видеа од гласањето во Собранието на судски вештаци и тие да ги пребројат гласовите односно кренатите раце при гласањето за избор на претседател и кога ќе избројат 58 гласови, односно недоволен број на гласови за мнозинство, тогаш ќе заклучиме дека сите што влегоа во Собранието тој ден се најголеми патриоти, а не терористи. Се разбира дека никој не оправдува физички напади, но клучот е во тоа дека браќата од 27 април не се терористи, ниту било што наведува дека се работи за договорени терористички напади и други насилни дела и организирани активности. Тие самите меѓусебе не се ни познаваат и намерно се создаваше слика дека се работи за којзнае каков терористички план – рече Кулаков.
Појасни дека проектот се состои од неколку фази кои планираат да ги реализираат со цел ослободување на осудениците од „27 април“ и обесштетување на нив и нивните семејства, како и преименување на две улици во градот во чест на, како што рече, „уставобранителите“. Според Кулаков, во случајот „27 април“ има многу контроверзи и голем број на вести, видео материјали и фотографии од гласањето за претседател на Собранието на 27 април се избришани.
– Направивме алманах за детално да објасниме како се одвива проектот и на кој начин стигнуваме до донесување слобода за сите тие луѓе. Ова е случај кој го следат полно контроверзии. Седум години многу работи се испуштени, многу работи не се направени, односно, апсолутно никаква иницијатива не е пројавена до пола година наназад, а после тоа на чуден начин почнаа разно разни иницијативи. Јас ќе речам дури и без концепт. Но, ова е проект кој една година е подготвуван и стоиме позади тоа дека е единствен којшто ќе донесе слобода за браќата од 27 април – рече Кулаков.