Иницијативата на Кирил Петков е разумна, потребен е нов фокус на преговорите меѓу Скопје и Софија
За Скопје, но и за Софија, е исклучително важно да преминат од одбрана на своите позиции во спорот, кон идентификацијата на сопствените, но и на заедничките интереси и придобивки од добрососедството меѓу двете земји и меѓу двата народа. Во овој момент е попаметно двете страни многу повеќе да разговараат за заедничките интереси одошто за заедничката историја. Дали ќе се изгуби драгоцено време? Не, времето потрошено за изградба на мостови на соработка никогаш не е изгубено!
Новиот бугарски премиер Кирил Петков изјави дека новата бугарска влада ќе ја зачува позицијата на Бугарија во преговорите со Македонија, но ќе ја надгради.
Што значи тоа?
Може да значи ништо, но може да значи и многу. Јас сум еден од оние што сакаат да веруваат во јасните пораки и одбивам во изјавата на Петков да барам некаква скриена агенда.
Сите знаеме дека решение на спорот меѓу Софија и Скопје нема да се најде ни во декември оваа година, а богами ни во јануари следната година. Таа приказна беше само обичен маркетиншки трик на Зоран Заев и на Али Ахмети, прво за да се добијат локалните избори, а потоа, по поразот, за да се сочува парламентарното мнозинство што ја крепи владата на СДСМ, на ДУИ и на другите коалициски сателити.
Искреноста на Петков треба да се поздрави, лагите на пропагандата на Заев мора да запрат
Нема брзо и лесно решение за овој спор. Бугарските позиции, дефинирани од бугарскиот парламент во 2019 година, од кои никој во Софија не е спремен да отстапи, значат суштинско оспорување на самобитноста на македонската нација и на македонскиот јазик. Таканаречената заедничка историја треба да се потврди со суштински промени на историските наративи во Македонија, при што во Софија владее уверувањето дека Македонија и Македонците треба да го прифатат своето бугарско потекло. Тоа е суштината на бугарските позиции. И сите што не се заблудени од пропагандата на владата на Зоран Заев и на Али Ахмети тоа многу добро го знаат.
Треба да се поздрави фактот што новиот бугарски премиер Петков потврди дека тој и неговата влада не можат, не смеат и засега сигурно нема да отстапат од тие позиции. „Со нашите коалициски партнери јасно запишавме во коалицискиот договор што треба да се очекува од нас во поглед на проблемот што го имаме со Северна Македонија“, искрено и категорично вели Петков. Да повторам, искреноста на Петков треба да се поздрави, бидејќи е добро конечно да знаеме каде сме и на што сме.
Долго време во Македонија за овие работи се шират лаги и неоснован „медиумски ентузијазам“, како што тоа неодамна беше правилно оценето во софиски кругови. Проблемот со лажните информации за тоа дека спорот ќе се решел уште оваа зима (прво се зборуваше за декември, па за јануари, потем за февруари) е проблем создаден во Скопје, а не во Софија. Лажните надежи ги поттикнаа Зоран Заев и Бујар Османи, како и неколку локални дипломати во Скопје, кои на медиумите им сервираа ноторни лаги дека американскиот „булдожер“ Габриел Ескобар е дојден да го реши спорот со дводневна турнеја во Скопје и во Софија (видовме и чувме, Ескобар мораше самиот да ги демантира тие лаги), а потоа дека постоела некаква француска иницијатива проблемот да се решел во јануари.
Што сè има кажано и ветено најголемиот прекупец на македонската политика?
Изворот на овие лажни вести и фабрикации е владата на Зоран Заев, која, да не заборавиме, е влада во некаква одложена, да не речам хибридна оставка.
А инаку, нема ништо од таа работа. Во една дебата на Алсат-М, речиси пред еден месец, тоа му го кажав во очи и на Бујар Османи – нема ништо од решение во декември, а во јануари можеме да добиеме само датум за скијање!
Не е само проблемот во лагите, кои во Скопје се сервираат од моментот кога батињата Зоран Заев и Бојко Борисов почнаа да го „решаваат“ спорот. Вистинскиот проблем, тоа што им ги врзува рацете на сите добронамерници коишто во иднина ќе ги бранат македонските позиции во преговорите, е што никој всушност не знае што сè Заев им ветил на Борисов и веројатно и на некои значајни фаци од меѓународната заедница. Во едно кобно интервју на Заев за агенцијата БГНЕС, видовме дека тој се обиде на сите нас да ни ја продаде приказната за македонскиот јазик создаден во 1945 година. Под силен притисок на јавноста, Заев го одрече она што го кажал, но кај сите нас чувството на горчина остана. Остана и клучната дилема – што сè има кажано, надробено, но и ветено најголемиот прекупец во македонската политика, во разни прилики и пред разни луѓе?
Како и да е, изборот на новата влада во Софија на чело со Кирил Петков е момент што треба да се искористи преговорите за деценискиот спор меѓу двете земји овој пат да се постават на вистински колосек. Зашто, до сега барем, преговорите шибаа двесте на саат, со две забревтани локомотиви, ама на пруга која воопшто не постои, баш како онаа замислена и никогаш неизградена пруга меѓу Скопје и Софија.
Ни треба нова преговарачка екипа од Македонија, сегашната го потроши својот мандат
Што треба да се стори сега?
Три клучни работи:
Прво, Македонија мора под итно да го смени својот преговарачки тим. Заев, Османи и специјалниот пратеник Владо Бучковски го потрошија својот мандат. Можеби со добра намера, но направија повеќе штета отколку корист. Заев го злоупотреби спорот, за да добие предност во битката на домашната политичка сцена. Потоа изгуби и си даде оставка. Заев веќе и формално не е лидер на СДСМ. Утре нема да биде премиер. Ќе имаме нова влада. Така стојат работите.
Умно би било да се сочека новиот мандатар, најверојатно Димитар Ковачевски, што поскоро да ја формира новата влада, а со тоа да добиеме и нов преговарачки тим, на чело со нов премиер, можеби со нов министер за надворешни работи и бездруго со нов специјален пратеник на премиерот на местото на Бучковски. Новите луѓе ќе внесат нови идеи и нова енергија, а тоа е фактор што не смее да се потцени.
Второ, треба да се прифати иницијативата на бугарскиот премиер Кирил Петков за „надградувањето на бугарската позиција“, како што вели тој. Надградувањето, објаснува Петков, треба да се случи преку заеднички групи, коишто ќе работат секој месец, најмалку еднаш месечно, а во нив ќе се зборува „за заедничка инфраструктура, за заедничка култура и за заеднички економски чекори“. Да се фокусираме на добрососедството, односно на тоа што и двете страни можат да го добијат како добри соседи едни кон други, нагласува Петков.
Мислам дека тоа е одлична идеја за разумно „надградување“ не само на позицијата на Софија, туку на преговарачкиот процес во целина!
Новата македонска влада мора да отвори дебата со опозицијата и со независните интелектуалци во Скопје
Во неколку полемики нагласувам дека за Скопје, но и за Софија, е исклучително важно да преминат од одбрана на своите позиции во спорот кон идентификацијата на сопствените, но и на заедничките интереси и придобивки од добрососедството меѓу двете земји и меѓу двата народа. Во овој момент е многу попаметно двете страни многу повеќе да разговараат за заедничките интереси одошто за заедничката историја. Не велам дека треба да се бега од суштинските теми на спорот, но мислам дека Петков сака да каже дека ни е потребна „надградба“ на платформата на која дипломатите и експертите од двете страни ќе можат да застанат посигурно и потоа пооптимистички да ги отворат спорните прашања за кои Скопје и Софија засега не можат да најдат заеднички јазик.
Дали така ќе се изгуби драгоцено време? Шест месеци можеби? Не, јас мислам дека времето потрошено за изградба на мостови на соработка никогаш не е изгубено. Мислам дека стратегијата на Петков може да биде многу поплодотворна одошто стратегијата на Заев, заснована на лажни ветувања и на обид да се изнуди некаков странски притисок, со кој, како со волшебно стапче, пред Нова година или можеби пред Божик, ќе сме се разбуделе со решение на спорот, кое тој само ќе го потпишел и ќе си заминел во историјата како херој. Тој филм сепак нема да се дава …
И трето, новата македонска влада треба итно да поведе сериозна и искрена политичка дебата со опозицијата, со независни експерти и интелектуалци и со сите кои можат да помогнат Скопје да изгради јасна преговарачка позиција, која нема да отстапи од резолуцијата што ја усвои македонскиот парламент (а која Заев, Османи и Бучковски како да не ја фермаат), но ќе биде доволно „надградена“, ако може така да се каже, за да ѝ овозможи со новата влада во Софија да разговара поотворено и со нови адути во рацете.
Стратегијата треба да биде искрен разговор, без лажни ветувања и без прематарски финти
И да не се лажеме веќе. Никаква меѓувладина конференција, никакви идни и неизвесни преговори за членство на нашата земја во Европската Унија и ничија политичка кариера или опстанок на власт не се и не смеат да бидат легитимна основа за прашањата кои ги засегаат нашиот идентитет, нашиот јазик и историските вистини за Македонија и за Македонците, кој било да разговара или да преговара под притисок и под уцени. Треба еднаш да се разбере дека бугарството не може да биде основа на новиот „европски“ идентитет на Македонија и на Македонците. И дека ние не можеме да отстапиме од вистината за себе.
Ако искрено и отворено се дефинираат интересите на Скопје и на Софија за добрососедство и за соработка, јас см убеден дека може да се дојде до решение за спорот. Тоа е цел за која треба да се вложи креативна енергија, независно дури и од пристапните преговори за членство на Македонија во ЕУ. Искрено се надевам дека новиот бугарски премиер Кирил Петков и новиот македонски премиер час поскоро ќе седнат на маса со намера да разговараат отворено и искрено, со нови идеи за процесот (каква што е идејата на Петков), но овој пат без лажни ветувања, без прематарски финти и секако без товарот што им го оставија Заев и Борисов.
Мислам дека ова треба да биде првата реплика со која мора да почне разговорот меѓу нив двајцата:
– Не е важно за што и како разговарале Заев, Борисов или некој трет, не е важно што си ветиле а не исполниле, не е важно кој е виновен што сме во ќорсокак, ајде сега да почнеме од почеток и да видиме што можеме да сториме ние за доброто на нашите две земји и на двата пријателски народа!