Иницијатива на граѓани: Трајна домашна платежна картичка за невработените

Иницијаторите велат дека со ова корист ќе имаат невработените, но и државата и компаниите, а ќе се намали и иселувањето на работниците и младите од земјава.

1,604

Домашната платежна картичка за невработените да важи и по законски утврдениот рок, односно до нивно вработување, бараат невработени во иницијатива до партиите. Тие велат дека со ова корист ќе имаат невработените, но и државата и компаниите, а ќе се намали и иселувањето на квалификувани и висококвалификувани млади од земјава.

– Невработените ќе знаат дека државата мисли на нив и ќе добијат стимул да прифатат да работат за плата која ќе биде повисока од државниот износ што им се дава бидејќи ќе сакаат поголеми приходи. Државата ќе биде сигурна дека издвоениот износ на пари од буџетот за невработените трајно ќе се троши на домашни производи со што ќе ги помогне домашните компании да отворат работни места, а ќе се намали и стапката на невработени. Дополнително ќе се придонесе за подобрување на потрошувачката која е главен носител на формирањето на БДП на земјата и растот на економијата – велат тие.






На ваква иницијатива, велат невработените, ги поттикнала изјавата на министерката за финансии Нина Ангеловска, според која, се очекува преку домашните платежни картички да се ублажи падот на економијата од 0,7 до 0,9 процентни поени.

Според предлагачите на иницијативата, ако се има предвид бројката на невработени која во мај била над 121.000, месечно државата ќе треба да издвојува по 17,7 милиони евра или годишно нешто над 212 милиони евра под услов износот на поддршката за невработените да остане 9.000 денари колку што е утврдено за платежната картичка.

– Оваа сума може да се обезбеди од непродуктивните трошења од Буџетот или ако се намалат луксузните вечери на министри, директори… на државни институции и агенции. Можеби и од друго место, но многу ќе им значи на невработените, посебно младите кои не гледаат перспектива во земјава. Сумата може да се утврди и на понизок износ од 9.000 денари – велат тие.

Барањето, како што велат иницијаторите, го упатуваат до сите политички партии кои сега се натпреваруваат за нивниот глас.

– Ако сакаат политичарите подобри економски резултати за годинава и за наредните години, а граѓаните да купуваат повеќе домашни производи, ќе треба да им посветат поголемо внимание на невработените и младите луѓе кои не бараат работа, но се вбројуваат во најсиромашните во земјата. На ваков начин ќе има работници за компаниите кои се жалат дека ги нема во земјава, а ќе останат и младите бидејќи ќе знаат дека државата мисли на нив – додаваат тие.

Владата во рамки на третиот пакет мерки за ублажување на последиците од коронакризата за невработени евидентирани како активни баратели на работа во АВРСМ до 22 мај 2020, преку платежна картичка за купување домашни производи, им додели еднократен износ од 9.000 денари.

 

Поврзани содржини