ИНИЦИЈАТИВА НА БРАНКО ЦРВЕНКОВСКИ Меѓучекор кон ЕУ – пристап до заедничкиот пазар и до европските фондови

Земјите од регионот би ги подобриле своите економски перформанси, а со самото тоа би биле поподготвени за полноправно членство. Европската Унија би го зајакнала својот кредибилитет и влијание во регионот и би ги елиминирала сите опасности од неевропски и антиевропски влијанија, вели поранешниот македонски претседател Бранко Црвенковски на денешната амбасадорска трибина „Северна Македонија помеѓу Отворен Балкан и Берлинскиот процес - можно ли е побрзо членство во ЕУ?“

4,051

Поранешниот претседател Бранко Црвенковски промовира иницијатива за пристап до заедничкиот пазар и до европските фондови, но не како алтернатива за полноправно членство туку како меѓучекор.

Една варијанта, според него, е да се искористи постоечката Европската економска област, а втора можност е ЕУ да потпише нов посебен договор со сите земја од Западен Балкан посебно.






– Европската Унија нема јасен план што ќе прави самата со себе, а како резултат на тоа ниту што ќе прави со Западен Балкан. Ве недостиг на јасна стратегија постојано слушаме едни исти мантри: од страна на ЕУ дека останува политиката на „отворени врати“, а од страна на земјите од регионот дека полноправното членство во ЕУ е единствената опција за која не постои алтернатива. Кои би биле бенефитите од прифаќањето и реализацијата на една ваква иницијатива? Земјите од регионот би ги подобриле своите економски перформанси, а со самото тоа би биле поподготвени за полноправно членство. Европската Унија би го зајакнала својот кредибилитет и влијание во регионот и би ги елиминирала сите опасности од неевропски и антиевропски влијанија. Нема што да загубиме. Кои се начините за постигнување на оваа цел? Една варијанта е да се искористи веќе постојната Европска економска област, а дека членството таму не е никаква кочница за полноправно членство во ЕУ говори примерот на Австрија, Финска и Шведска кои во 1995 година како поранешни членки на ЕФТА станаа полноправни членки на ЕУ. Втора можна варијанта со која би се избегнале сложените процедури за прием на нови членки во ЕЕо, а би се овозможил пристап до европските фондови е доколку ЕУ потпише нов посебен договор со сите земји од Западен Балкан истовремено – објаснува Црвенковски.

Главниот хендикеп на оваа иницијатива, додава тој, е што засега од разни причини во неа не се вклучени Црна Гора, БиХ и Косово.

Во поглед на состојбата во којашто се наоѓа земјава во поглед на преговорите, Црвенковски забележува дека ништо не се сменило за цела една година.

– Таму каде што бевме лани, се наоѓаме и денес, без видлив и сериозен напредок. И тоа не се однесува само за македонија, туку и за другите земји од регионот, без разлика дали ќе го нарекуваме Југоисточна Европа или Западен Балкан. Единствен исклучок можеби е Албанија за која беше донесена одлука за почеток на преговорите. Ние ги отворивме, но не ги почнавме преговорите. Како што стојат работите, тешко е да се предвиди дали и кога тоа ќе се случи. БиХ доби кандидатски статус, но со 14 услови и без право да ги користи европските фондови. На Косово заради збиднувањето на северот му се закануваат дури и санкции од страна на ЕУ и САД. Посебна приказна се Србија и Црна Гора, држави кои преговорите со ЕУ ги почнаа пред цели 9, односно 11 години. Токму со образложение дека процесот на преговори со нив тече бавно, пред 3 години Франција предложи, а останатите земји-членки прифатија нова методологија за водење на преговорите. Да се потсетиме дека токму поради тоа, а не поради бугарското вето, Македонија не ги почна преговорите со Унијата – рече Црвенковски.

Амбасадорската трибина „Северна Македонија помеѓу Отворен Балкан и Берлинскиот процес – можно ли е побрзо членство во ЕУ?“ беше организирана од страна на Здружението за надворешна и меѓународна политика Совет на амбасадори и Кабинетот на поранешниот претседател Бранко Црвенковски.

Поврзани содржини