ИНФРАСТРУКТУРАТА НЕ СМЕЕМЕ ДА ЈА КУПУВАМЕ, ТУКУ САМИ ДА ЈА ГРАДИМЕ Експерти апелираат да не се импровизира со изградбата на патишта

Тековниот инвестициски циклус во областа на патиштата мора да биде поткрепен со подобрување на квалитетот во образовниот процес, а пред се, со опремување на лабораториите на Градежниот факултет во Скопје.

59

Тон проблеми, наместо километри асфалт може да чини секоја импровизација во изградбата на патната инфраструктура. Инвестициите во патиштата мора да бидат поткрепени со подобрување на квалитетот на образовниот процес, финансиска осмисленост, нулта корупција, порачаа дел од учесниците на Вториот македонски конгрес на патишта, што се одржува денеска и утре во Скопје, во организација на Друштвото за патишта во Македонија.

Додека Коридорот 10 се модернизира со интелигентен транспортен систем, посебен предизвик во тековните услови на глобална криза е западното крило на Коридорот 8, каде што повеќепати досега се пролонгираше рокот за изградба на автопатот Кичево-Охрид. Се бара поквалитена проектна документација, а посебно се истакнува проблемот со косините што се појавува во проектите и изградбата на патиштата. Интензивирање на активностите на терен се очекуваат по изборот на надзорот и стартот на изградбата на  новите автопатски делници на Коридорот 8 и Коридорот 10-д.






Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта планираат догодина да инвестираат помеѓу 350 и 400 милиони евра за изградба и реконструкција на патна инфраструктура.

Горан Мијовски, претседател на ДПМ, истакна дека во тековните севкупни економски состојби и главно актуелните состојби во градежниот сектор во државава кои не ни одат во прилог,  државата треба да го препознае градежништвото за повлекување на македонската економија нанапред.

-Ако работи градежниот сектор ќе функционираат успешно уште 30-ина други стопански дејности. Затоа неопходни се инвестиции во капитални објекти, пред се во патишта, како и соодветна поддршка на македонските компании – рече Мијовски.

Според него, тековниот инвестициски циклус во областа на патиштата мора да биде поткрепен со подобрување на квалитетот во образовниот процес, а пред се, со опремување на лабораториите на Градежниот факултет во Скопје од кои, како што рече, за жал повеќето потекнуваат од минатиот век. Неопходно е и подобрување на статусот на наставничкиот и професорскиот кадар.

– Со обезбедување на овие приоритети ќе можат да се дадат соодветни одговори на поставените барања не само во тековниот инвестициски циклус, туку и во современите тенденции во образовниот процес – рече Мијовски.

Деканот на Градежниот факултет во Скопје Горан Марковски, пак, порача дека патната инфраструктура нуди, но уште повеќе бара јасна визија, добра стратегегија, финансиска осмисленост, квалитетно менаџирање, посветеност, напорна работа, нулта корупција, но и време.

– Секоја импровизација денес води кон промашени, неквалитетни и неодржливи решенија, кон тон проблеми, наместо километри асфалт – рече Марковски, порачувајќи дека инфраструктурата не смееме да ја купуваме, туку сами да ја градиме.

Директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми, ги претстави плановите за изградба, реконструкција, рехабилитација и управување со патиштата, но побара и да се надмине проблемот во  проектирањето на косините со кој рече дека се соочуваат во проектите и изградбата на патиштата.

– Сметам дека во иднина е потребно сите учесници при изработка на проектните документации максимално да се посветат со цел да се постигне повисоко ниво на квалитет на проектната документација, особено во делот на проектирање на косини-  рече Рустеми.

И вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи констатираше дека проектирањето и изградбата на нашите патишта е Ахилова пета. Тој порача дека доброто проектирање ќе ја олесни нивната реализација, а соодветното и реално планирање ќе овозможи да не се соочуваме со проблеми како сегашните.

-Дојдено е време наместо да зборуваме за вредност на проекти, да зборуваме за нивниот квалитет – порача Битиќи.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски информираше дека на Коридорот 10 е направена целосна реконструкција на автопатската делница север – југ, освен на еден дел на делницата Катланово, каде тој очекува активности за обнова во најбрзо време. Во фаза на имплементација е и Интелигентен транспортен систем токму на Коридор 10. Тој подразбира инсталација на системи за собирање на податоци во реално време за сообраќајот, што е од огромоно значење за поефикасен транспорт.

-Врската со делот на Коридор 10-д ја правиме преку изградба на експресен пат од Градско кон Прилеп, современо патно решение со што ќе ја подигнеме безбедноста и квалитетот на сообраќајот. Во продолжение на Коридор 10-д, во нашите стратешки планови е изградба на автопатска делница од Прилеп до Битола и понатаму нов експресен пат од Битола до Меџитлија до границата со Грција, како заокружување на патниот Коридод 10-д – рече Бочварски.

Како што посочи, доизградбата на Коридорот 8 особено во западниот дел е посебен предизвик во овие услови на глобална криза.

-Во западниот дел на Коридорот во тек е изградбата на автопатот Кичево – Охрид, за која со сите што се вклучени работиме заеднички и мораме да се потрудиме да ја завршиме со сите ситуации и тешкотии што ни се појавуваат на терен. Оптимисти сме дека оваа година ќе почнеме со градежни активности и на изградба на автопатските делници Ќафасан – Струга – Требениште, Кичево – Гостивар и од Гостивар до Тетово. За овие делници промовираме нов концепт на изградба, каде што планираме да ги доближиме проектирањето и градењето со цел најновите податоци од теренот да бидат правилно планирани и веднаш реализирани со што сигурен сум дека ќе ја забрзаме реализацијата на изградбата на западниот дел на Коридорот 8 и 10д, рече Бочварски.

На источниот крак на Коридорот 8, пак, е завршена рехабилитацијата на постоечкиот пат од Куманово до Страцин, се гради експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, со инвестиција од 60 милиони евра. Овој крак  се комплетира со рехабилитација и проширување со трета лента на делницата Крива Паланка – граничен премин Деве Баир.

Вториот македонски конгрес на патишта  се организира по повод 55 години од основањето на Друштвото за патишта на Македонија. Најавени се над 400 учесници и 77 научно стручни трудови. Домашните инженери и нивните странски колеги ќе дебатираат за планирањето и проектирањето, управувањето, изградбата и одржувањето на патиштата, безбедноста на сообраќајот, инфраструктурните објекти, транспортната политика и финансирањето, новите технологии во сообраќајот…

Поврзани содржини