ИНФЛАЦИЈАТА ВО МАКЕДОНИЈА Дел од производите поскапуваат, но дали има ценовен притисок

Според новите проекции во ребалансираниот Буџет годинава треба да заврши со стапка на инфлација од 3,5%.

927

Јулски пораст на цените на берзите е забележан кај шеќерот, месото и на маслото, а намалување има  кај млекото, млечните производи и кај житарките. Дома пак финансиските институции очекуваат контролирана и намалена инфлација во 2024 но, сепак е засенета од ризици. Во маркетите и на зелените пазари  е забележан ценовен раст кај производи што содржат шеќер, какао, потоа кај дел од млечните производи, безалкохолните пијалаци, пишува Порталб.мк.

Незначително, но сепак во јули забележано е мало намалување на Индексот на цените на храната што го мери  Светската организација за храна ФАО. Податоците на ФАО кои се важни бидејќи даваат слика за цените на основните прехранбени производи и суровини за производство, претставуваат база и сигнал за ценовните движења и кај нас.






Новите податоци од ФАО покажуваат дека во јули раст на цените има кај месото, шеќерот и растителното масло (масло за готвење) додека намалување на цените има кај житарките и млечните производи.

Најголем пад има на цените за житарките. Во јули во споредба со јуни намалувањето изнесува 3,8% додека во однос на јули 2023 падот е 12%. Намалувањето на цените главно е резултат на зголемена сезонска достапност на пченицата и зголеменото производство и големите резерви во земјите, најголеми производители и извозници, како Бразил, Аргентина. Цените на млекото и млечните производи во јули главно се непроменети во однос на јуни, но во однос на јули 2023 ФАО бележи значаен ценовен пораст за 7,2%.

Цените на растителното масло (една од главните суровини во прехранбената индустрија) се во континуиран пораст. На месечно ниво, во јули во споредба со јуни, индексот на цени на растителното масло е зголемен за 2,4% а ценовен пораст има и во однос на јули 2023.

„Кај цените на растителното масло има второ, последователно, зголемување на највисоко ниво во последните една и пол година. Континуираното зголемување е одраз на зголемената глобална котација на маслата од палма, соја, сончоглед и семе од репка“, наведуваат од ФАО.

Цените на шеќерот, уште една важна суровина за производство, втор месец се со растечки тренд, но сепак значајно пониски, за 17,9%, во однос на јули, 2023. Во однос на јуни ценовниот индекс се зголемил за 0,7%. И цените на месото растат. Во јули во споредба со јуни индексот на цени на месото е зголемен за 1,2% додека во однос на јули лани ценовниот раст е за 0,8%.

Инфлацијата сепак „ровари“ дома. Килограм домати од 69 денари па нагоре, килограм пиперки над 100 денари, килограм праски скоро 80 денари – летото заминува но цените на овошјето и на зеленчукот (во сезонски зголемена понуда) во маркетите и зелените пазари останаа „жешки“. Забележително е дека поскапуваат производите кои содржат шеќер, како што се чоколадите и другите видови на благи кондиторски производи а корекции има на цените кај дел од месото и месните производи.

Иако домашните институции како Министерството за финансии и НБМ прогнозираат умерена инфлација што ќе гравитира околу 3%, во секојдневието цените на основните прехранбени производи го тенчат стандардот.

Според статистиката во јули во споредба со јуни трошоците на живот се зголемиле за 0,8% но во споредба со јули лани за 3%. Најголем годишен ценовен раст има кај трошоците на живот за кафе, чај, какао за 8,7%, потоа за безалкохолни пијалаци за 6,7%, за шеќер, мед зголемувањето е за 5,6% додека трошоците за месото се зголемиле за 2%, за млекото, сирењето, јајцата за 2,8% а за маслото 1,5%. Сите овие производи се дел од основната потрошувачка кошница која според ССМ во јули достигна 981 евро односно 60 325 денари. Од оваа сума само за храна и пијалаци се трошат 22.000 денари што претставува 36,3% од вкупната сума потребна да се истурка месецот. Според процените на НБМ ценовниот притисок ќе олабавува, но сè уште има ризици.

„Ревизиите во однос на увозните цени се претежно надолни, но неизвесноста и нагорните ризици поврзани со идната динамика на цените на примарните производи на берзите поради геополитичките тензии и климатските промени сè уште постојат“, наведуваат од НБМ.

Според новите проекции во ребалансираниот Буџет годинава треба да заврши со стапка на инфлација од 3,5%.

Поврзани содржини