ИНФЛАЦИЈАТА ГОДИНАВА ЌЕ СЕ СВЕДЕ НА 2,5% Славески очекува солиден раст на економијата и нејзино закрепнување

Гувернерот на Народната банка наведува и дека натамошната стабилизација на надворешната позиција на економијата ќе обезбеди дополнителен девизен потенцијал и соодветно ниво на девизни резерви, неопходни за одржувањето на стабилноста на домашната валута.

73

Домашната економија досега покажува релативна отпорност на светските ризици и ќе бележи солидно закрепнување и во наредниот период. Ваквите позитивни трендови се очекуваат и годинава, заедно со постепеното закрепнување на економиите на нашите најзначајни трговски партнери, како и засиленото остварување на инфраструктурните инвестиции во земјава, изјави гувернерот на Народната банка Трајко Славески, во изјава за бизнис-магазинот „Економија и бизнис”.

Тој нагласува дека јавните инвестиции во патната и железничката инфраструктура, како и инфраструктурните проекти на локално ниво, ќе имаат важна улога во поддршката на економскиот раст.






Според Славески, значителен придонес кон економската активност ќе имаат и приватните инвестиции, особено во производствениот и енергетскиот сектор, поттикнати од солидниот прилив на странски директни инвестиции.

-Умерениот раст на расположливиот доход на домаќинствата, заедно со стабилната кредитна активност на банките, ќе обезбеди солидна лична потрошувачка – вели гувернерот.

Покрај ова, вели Славески, постепената стабилизација на економиите на надворешните партнери и поповолните услови на размена би довеле до закрепнување на извозот на стоки и услуги, со што ќе се зајакнат позитивните економски движења.

– Сите овие фактори упатуваат на добри изгледи за годинава, со очекуван економски раст од околу 4%. Инфлацијата ќе се движи по патека на надолно приспособување и  се очекува дека ќе се сведе на 2,5% годинава, по што постепено ќе се врати на својот историски просек од околу 2% – вели  Славески.

Главните фактори за ваквите очекувања, според Славески,  се поволните движења на светските цени, закотвените инфлациски очекувања и ограничените притисоци од домашната побарувачка.

Славески наведува и дека натамошната стабилизација на надворешната позиција на економијата ќе обезбеди дополнителен девизен потенцијал и соодветно ниво на девизни резерви, неопходни за одржувањето на стабилноста на домашната валута.

Гувернерот истакна дека високата светска променливост и неизвесност и понатаму постојат. Народната банка внимателно ќе ги следи економските остварувања со цел да ја зачува ценовната и финансиската стабилност, а воедно и за да обезбеди поддршка за одржлив економски раст во наредниот период.

Поврзани содржини