ИНФЛАЦИЈАТА НЕ СЕ СКРОТУВА СО ПОПУЛИСТИЧКИ ДОДВОРУВАЊА Како одговорија државните органи и што бара опозицијата?
Прескапо е која било централна банка (па и НБРМ) со силни монетарни кочници да смирува инфлација генерирана на ваков начин. Клучно е, во годините што се пред нас, ако сме кадарни, да креираме соодветни политики за да ја намалиме зависноста од увоз на енергенси, за што треба повеќе време и да го зголемиме домашното производство на храна, за што е потребно помалку време.
Да се навратиме на мерките на Владата
На почетокот на кризата, наметната од пандемијата, инфлацијата не беше тема на денот, туку големиот пад на БДП. Сепак, Владата избрза со некои несоодветни интервенции врз цените, мотивирана од „курбан бајрами, велигдени“. За амортизирањето на падот на БДП, постапи како и мнозинството влади во светот. Преку исплати од Буџетот на државата (неизбежно зголемувајќи го јавниот долг) и некои даночни олеснувања, се обиде да спаси што повеќе работни места и да трансферира социјална помош до дел од најранливите категории граѓани. Да не беше клиентелистичка и изрешетана со нестручна администрација, Владата подобро ќе одговореше. Но, генерално, дејствуваше антициклично, во потребната насока.
Кога стапи на сцена инфлацијата, зачекори како слон во порцеланска продавница. Во стилот „добро утро чаршијо на сите четири страни“, им се додворуваше на сите: на згрнувачите на најголемите профити (јадрото на нејзините клиенти), одржувајќи го неправичниот даночен систем; на синдикатите, ветувајќи им зголемување на платите на вработените; на пензионерите во истиот стил; на целата општа јавност преку необмисленото плафонирање на маржите и замрзнувањето на цените на производи чија достапност целосно зависи од увоз, со цени такви какви што се на светскиот пазар. Со тоа Владата почна директно да стимулира кусоци на пазарот, наместо пополнување на јазот меѓу понудата и побарувачката. Не се прашуваше зошто ниту една од развиените држави не се „фати“ за такви мерки. (Повторно нагласувам, цените со статус регулирани, присутни во сите држави, се друга тема).
Таа популистичка дифузност во пристапот на Владата уште повеќе ѝ го намали капацитетот доволно ефикасно да интервенира на клучните точки: на подобро амортизирање на главниот поттикнувач на инфлацијата (енергенсите) и со подобра интервенција кај ранливите категории.
Кога стапи на сцена инфлацијата, Владата зачекори како слон во порцеланска продавница. Во стилот „добро утро чаршијо на сите четири страни“, им се додворуваше на сите: на згрнувачите на најголемите профити (јадрото на нејзините клиенти), одржувајќи го неправичниот даночен систем; на синдикатите, ветувајќи им зголемување на платите на вработените; на пензионерите во истиот стил; на целата општа јавност преку необмисленото плафонирање на маржите и замрзнувањето на цените на производи чија достапност целосно зависи од увоз, со цени такви какви што се на светскиот пазар.
На сите социјални групи, кои бараа(т) „еден денар“, опозицијата им нуди по три и повеќе пати над тоа. Бара да се совлада инфлацијата, а истовремено вреска платите и пензиите, генерално, да биле зголемени најмалку за 20%. Исто, или повеќе, и социјалните трансфери, субвенциите за сè и сешто. Како тоа десно ориентираната партија (ВМРО-ДПМНЕ) цело време (во и вон парламентот) бара покомунистички решенија дури и од оние од времето на комунизмот? Се „грижи“ за сиромашните со тоа што не само што ќе го задржела „рамниот данок“ (кој го воведе), туку и дека дополнително ќе ја намалела стапката на данокот на доход од 10 на 8 %.
Кога ќе им недостасува пари за популистичките тиради, за смирување на социјалните бунтови, исто како и во периодот кога беа на власт, ќе ја задолжуваат земјата и ќе држат конференции на кои ќе глумат егзалтираност, велејќи дека парите што ги позајмиле, биле „за џабалак“, „со најниска камата во нашата историја!?“ Или, „сигурно“ ќе ја намалат администрацијата, како што бараат од оваа влада (зашто кога беа на власт ич не ја зголемија) и „сигурно“ ќе ја искоренат корупцијата, како што ја искоренија во годините кога беа на власт. Па, така, од тие заштеди ќе имало „за сè и за сите“!!??
Дали НБРМ реагираше соодветно?
Во периодот кога се случуваше најголемиот пад на БДП (2020 година), НБРМ реагираше со значително разлабавување на монетарната политика. Примени и некои нестандардни мерки што беа на работ меѓу она што е апсолутно потребно и она што не е најпожелно да го прават централните банки. Намерата беше добра: да помогне во преживувањето на некои загрозени компании и физички лица задолжени кај банките.
Со растот на инфлацијата, во 2021. и во почетокот на оваа година, се појавија критики (од опозицијата, топтан со партиските експерти) зошто НБРМ не презела мерки за зауздување на инфлацијата. Всушност, зошто не ја затегнала монетарната политика. Па, дури, го доведуваа во прашање и девизниот курс на денарот. НБРМ одбра да не брза со затегнување на монетарната политика. Веројатно, не само зашто за таков став се определија и најголемите централни банки и поголемиот дел од најголемите светски бардови на економска наука. Туку и поради она на што Дани Родриг со право предупредува, кога вели дека економската наука е „контекстуална“, иако некои други тоа не би го негирале, но можеби би го ублажиле со сврзникот „и“.
-
Еве дел од некои постандардни и поспецифични аргументи во полза на досегашната позиција на НБРМ
1. Доколку НБРМ ги активираше монетарните кочници, при намалена економска активност, недвојбено ќе влијаеше на нејзиното дополнително забавување, или попречување на опоравувањето. Тоа би било во целосна спротивност со обратниот пристап на фискалната политика на Владата, која, преку значителното зголемување на буџетските дефицити, инјектира(ше) побарувачка, за да спасува работни места и да обезбеди некакво преживување на најранливите категории население. Интригантно е, во исто време, од НБРМ да се бара затегнување на монетарната политика, а од Владата да ги зголеми платите, пензиите, социјалните трансфери неколкукратно над стапката на инфлацијата, што, де факто, значи ова – Владата да дејствува силно контрациклично, а НБРМ проциклично. Не би било лошо, со малку добра волја, да се размисли за ова. Се разбира, ако не е поважно нешто друго од намерата за искрено ставање на инфлацијата под контрола.
2. И покрај тоа што Родриг вели дека „вистинската економска наука секогаш е контекстуална, а не универзална“, не верувам дека има централна банка која лесно би се определила за рестриктивна монетарна политика, доколку: (а) актуелниот раст на БДП на конкретната економија е под нејзиниот вообичаен тренд кога работи со полн капацитет; (б) преовладува проценката дека инфлацијата е производ на сплет од транзиторни настани (на пример, нетрајни нарушувања во синџирите на снабдувањето и позначајни поместувања во структурата на потрошувачката – од услугите спрема стоките); (в) е сосема јасно дека проблемот доаѓа од страна на понудата, не од вишок агрегатна побарувачка; и (г) анализите сугерираат дека инфлациските очекувања сè уште не се подлабоко вкотвени кај компаниите и потрошувачите. Бидејќи по руската агресија врз Украина, контекстот е дополнително влошен (дополнителен скок на цените и поголема вкупна неизвесност), а тоа не може да не влијае и на зголемување на инфлациските очекувања, се создава причина и за евентуално поинаква реакција и на НБРМ, со сите наши специфики.
3. Во 2021 и во 2022 година, базната инфлација во ЕУ, до определен момент и во САД, иако зголемена, не алармираше „пожар“. И таа обелоденуваше дека главен двигател се нестабилните цени на енергенсите и на храната, дека нема влошување на фундаменталните економски параметри, дека може да се верува дека инфлацијата е од „транзиторна“ природа, па затоа, не треба да се брза со затегнувањето на монетарната политика. Базната инфлација во Македонија на почетокот на оваа година покажува повисоки вредности. Учествува со над 50% во вкупната (headline) инфлација. Иако тоа не е случај само во Македонија, во нашиов случај има две, многу силни, причини за тоа:
– Првата причина е високиот степен на отвореност на нашата економија спрема остатокот од светот; поинаку кажано, големата зависност од настаните во светската економија, зависност која е помеѓу најголемите, во споредба со некои други држави. Вообичаен индикатор за тоа е збирот на извозот и увозот, како процент од БДП. Еве неколку примери за илустрација на тој факт.
Во 2019 година, вкупниот увоз и извоз, како процент од БДП, на следниве држави и ЕУ, изнесуваше: САД 26%; Велика Британија 63%; Кина 36%; Јапонија 35%; Русија 50%; Македонија 140%.
– Втората причина (поврзана со првата) е нашата огромна зависност од увозот на енергенси и на храна, кои, со својата вообичаена нестабилност на цените, се голема детерминанта на домашната инфлација. Следниве два графикона уверливо го покажуваат тоа. Првиот е за движењето на странските ефективни цени на храната, во пар со домашните; вториот е за движењето на цените на нафтените деривати, исто така, во пар: домашните и оние во ЕУ. Во првиот случај е прикажан тренд од 2005 до 2022 година, додека во вториот опфатени се последните две години. Сликата е иста и ако се вратиме поназад.
Влијанието на увозните цени, во двата случаја, е очигледно. Овој проблем монетарната политика не може да го реши. Нејзиното затегнување нема да ги спушти цените на наведените производи. Обидот тоа да се компензира преку спуштање на цените на другите производи, со затегнување на монетарната политика, ќе значи „убивање“ на домашната економска активност. Освен тоа, Македонија увезува и многу други производи чии цени се формираат на надворешните пазари.
Трите вивнувања на инфлацијата во Македонија по 1996., особено двете последни (во 2007–2008 година и тековниов) се доволна лекција за секој што сака да учи. Сѐ додека цените на светските пазари на наведените производи не се смирија, не се смири ни домашната инфлација.
-
Монетарната политика не може да ги реши структурните слабости на економијата
Решението или ублажувањето на овој проблем – инфлација генерирана од страна на понудата – особено од две групи увозни производи, треба пред сè да се бара во домените на индустриската политика, која ја немаме, и на фискалната, чиј капацитет го јаде корупцијата и популизмот. Индустриската политика треба да генерира повеќе домашни капацитети за енергија, што бара повеќе време, како и повеќе домашна храна, што бара помалку време. Фискалната политика, во отсуство на првото, може само да го ублажува инфлаторниот удар преку субвенции, компензации, привремени даночни и царински олеснувања, како што и се обиде, но тоа (поради слабиот капацитет) е „капка во море“, што служи само за компонирање мелодија за популистичко оро.
НБРМ, во овој период, беше провоцирана и во врска со (не)адекватноста на девизниот курс. Неодговорно, од луѓе што знаат, или би морало да знаат, дека немаат аргументи за таа „игра“. „Бургијашите“ по тоа прашање доволно е да ја прочитале информацијата на НБРМ за макроекономските показатели за месец март (можеле и претходните), во која (стр. 19 и 20) се изложени фактите за номиналниот и реалниот девизен курс на денарот. И, сè ќе им беше јасно. Ако пак ги погледнале тие факти, и пак „бургијаат“, тогаш прашањето е: на чија штета го прават тоа?
НБРМ има(ше) уште еден аргумент за неизбрзувањето. Со политиката на „де факто“ фиксниот курс, таа го брани најмногу одржувањето на стабилноста на девизниот пазар и преку тоа посредно влијае на инфлацијата, на опоравувањето на економската активност и слично. Во такви монетарни аранжмани, главно, фискалната политика избира точка на усогласување на понудата и побарувачката. Таа е доминантна. Ако некој мисли дека таквиот аранжман на НБРМ треба да се напушти, треба да приложи темелни аргументи.
Неколку заклучни белешки
1. Нашето искуство и спротивното искуство на развиените пазарни економии советуваат да не се посегнува лесно по мерката „замрзнување на цените“, зашто во развиените пазарни економии се „ежат“ и на терминот „контрола“. Ако се посегнува по таква мерка, треба да се биде сигурен дека нема друго подобро решение и згора на тоа, како што вели економскиот историчар Адам Туз (Аdam Tooze), „треба да се располага со компетентност и ресурси потребни за супервизирање на цените од поголема палета“, додавајќи дека ниту САД немаат таков административен капацитет, доколку нешто ги принуди на тоа.
2. Владата на Македонија несмасно и избрзано прибегна кон мерката „замрзнување на цените“, подоцна се коригираше, но со многу грешки. Треба зекогаш да се има на ум дека најскап производ е оној што го нема.
3. Ѓаволски е тешко да се совладува инфлација генерирана од страната на понудата, особено ако ударот доаѓа преку, на краток рок, несупститутивни увозни канали и ако економијата, како нашата, е екстремно отворена спрема остатокот на светот. Обидот да се амортизираат растечките цени во секторите чија понуда е ограничена, како што вели Кругман, „преку намалување на цените на други места, ќе го забави вработувањето и веројатно нема да му даде поттици на приватниот сектор да ги редуцира тесните грла со кои се соочуваме“.
4. Во нашиот случај, видовме дека трите пикови на инфлација во последните 26 години се предизвикани, главно, од увозните цени на енергенсите и на храната и дека смирувањето на домашната инфлација настанувало по смирувањето на цените на светските пазари на тие производи. Значи, се работи за голем структурен проблем. Прескапо е која било централна банка (па и НБРМ) со силни монетарни кочници да смирува инфлација генерирана на тој начин. Тој структурен јаз (кој постојано ќе нè соочува со тешки искушенија), таа не може да го пополни. Но, бидејќи педантно ги следи состојбите, зависно од најновите настани, не се сомневам дека, со тоа што ѝ стои на располагање, навреме ќе реагира.
5. За намалување на стресовите од овој вид, клучно е, во годините што се пред нас, ако сме кадарни, да креираме соодветни политики за да ја намалиме зависноста од увоз на енергенси (за што треба повеќе време) и да го зголемиме домашното производство на храна, за што е потребно помалку време. Но, ништо од ова не е можно, ако се ограбува енергетскиот сектор и вкупните јавни пари и имот, како до сега, ако не се инвестира во него, ако 1 милијарда евра се троши на „Скопје 2014“, ако и по исплатени над 1,5 милијарди евра субвенции во земјоделието, производството на поголемиот дел субвенционирани производи е помало од периодот пред исплатите.
6. Потребна е сериозна реформа на даночниот систем, што ќе обезбеди богатите да го полнат буџетот со повисоки стапки на даноци, наместо сиромашните, како што е сега случај. И во случаи на ценовни шокови, како последниов, жестоко „да се нишанат профитерите“, како што вели цитираниот Адам Туз. Во јавните финансии секогаш треба да се чува доволен фискален простор, во случај на екстерни и интерни шокови, за да им се помогне на најранливите категории.
Можеме ли?