ИНФЛАЦИЈАТА НА СРЕДЕН РОК ЌЕ СЕ ВРАТИ НА ИСТОРИСКИТЕ 2% Славески очекува во наредниот период стапката на инфлација да биде пониска од 3%
Гувернерот вели дека остварувањето на овие очекувања не зависи само од инструментите на Народната банка, туку и од фискалната политика која, сега засега на некој начин е во рамки на стабилизирање на инфлацијата.
Народната банка останува на очекувањата дека ќе продолжи трендот на намалување на стапката на инфлација и дека во наредниот период таа ќе биде пониска од 3%, а на среден рок дека ќе се вратиме на ниво од 2%.
– Нашите очекувања се дека трендот на намалување на стапката на инфлација ќе продолжи. Секако, тоа не зависи само од инструментите на Народната банка, туку и од фискалната политика која, сега засега на некој начин е во рамки на стабилизирање на инфлацијата. Очекуваме и посакуваме во наредниот период стапка на инфлација пониска од 3%, а на среден рок во период од две години да се вратиме на историските нивоа што ги имавме односно на стапка на инфлација од околу два проценти како во еврозоната – изјави денеска гувернерот Трајко Славески.
Државниот завод за статистика измери дека стапката на инфлација во август бележи месечна промена од минимални 0,2%, а зголемувањето на годишно ниво е 4,4%.