ИНФЛАЦИЈА ОД 3,1 ОТСТО И РАСТ НА БДП ОД 3,9 ОТСТО ГОДИНАВА Народна банка ги соопшти новите предвидувања
Според очекувањата на Централната банка инфлацијата следанта година треба да се намали на 2, 4 отсто.
Народната банка останува на истите проекции на растот на економијата од 3,9 отсто за годинава, но ја проемни проекцијата на инфлацијата на 3,1 отсто за годинава. Централната банка очекува кредитирањето да порасне на 7,7 отсто, а дефицитот на тековната сметка да изнесува 3,7 отсто од БДП. Се очекува стабилизација на економијата веќе наредната година кога таа ќе порасне за 3,9 отсто, а инфлацијата ќе се сведе на 2,4 отсто.
Според Народната банка, следната година се очекува целосно враќање и надминување на преткризното ниво.
– Во согласност со вградените претпоставки за надворешното окружување и домашните фактори, во оваа и следната година, економската активност ќе расте со идентична стапка на раст од 3,9 отсто и постепено ќе достигне стапка од 4 отсто, на среден рок – информира гувернерката на НБ Анита Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката рече дека инфлацијата останува во контролирани рамки.
– Најновите проекции упатуваат на умерена инфлација од 3,1 отсто во 2021 година. Најголемиот дел од тековните нагорни притисоци се должат на фактори на страната на понудата, поврзани со движењата на цените на примарните производи на светските берзи, со пренесениот ефект од минатогодишното зголемување на цените од регулаторна природа, како и од одредени фактори специфични за пандемиската криза, а во услови на олабавување на рестриктивните мерки. Следната година се очекува нормализација на овие фактори и забавување на инфлацијата, при што би се свела на 2,4 отсто, а потоа постепено на околу 2 отсто на среден рок – рече Ангеловска-Бежоска.
Според неа, не се очекуваат позначителни пренесени ефекти од моменталниот раст на цените, со оглед на оцените за умерено закрепнување на побарувачката.
– Под влијанието на пролонгираното траење на пандемијата, на меѓународните пазари и понатаму постои голема променливост на цените на примарните производи, а со тоа и неизвесност околу движењето на увозните цени, како на краток, така и на подолг рок – појасни гувернерката.
Дефицитот на тековната сметка и натаму би бил во умерени рамки, но на нешто повисоко ниво од минатата година (3,8 отсто од БДП), а на среден рок би изнесувал околу 2 отсто од БДП, слично на преткризното ниво.
– Проширувањето на дефицитот е пред сѐ одраз на повисокиот трговски дефицит при пораст на светските цени на храната и енергијата, привремен застој кај синџирите за снабдување којшто го забавува извозот и на постепеното закрепнување на домашната побарувачка. Овие ефекти се во голема мера неутрализирани со побрзото закрепнување на приватните трансфери, како и подобриот нето-извоз на услуги. Дефицитот на тековната сметка, како и во преткризниот период, ќе биде во целост финансиран од приливите во финансиската сметка, што ќе овозможи натамошен раст на девизните резерви на среден рок – рече гувернерката.
Народна банка очекува кредитен раст од 7,1 отсто за годинава, но на среден рок тој да се искачи на 8 отсто.
Општо земено, најновите оценки за четиригодишниот период 2021 ‒ 2024 гoдина ги потврдуваат очекувањата за закрепнување на домашната економија од пандемијата и во основа се непроменети во однос на априлските проекции.