ИНДОНЕЗИЈА СО ПОНУДА ДО ИЗРАЕЛ Признавање во замена за палестинска држава
Индонезија, која е земја со најголема муслиманска популација во светот, досега не воспостави формални односи со Израел, поддржувајќи ја палестинската борба за државност.
Индонезија ќе биде подготвена да ја признае државата Израел и да воспостави дипломатски односи, доколку се обезбеди создавање на целосно независна палестинска држава како дел од решение со две држави, порача претседателот Прабово Субианто по средбата со францускиот претседател Емануел Макрон во Џакарта.
– Ја пренесов позицијата на Индонезија: сметаме дека решението со две држави е единствениот пат до вистински мир. Независноста за палестинскиот народ е клучот, но јасно ставив до знаење дека мора да се почитува и правото на Израел да постои како суверена држава – изјави Прабово на заедничката прес-конференција.
Тој додаде дека Индонезија е подготвена да игра улога на посредник, вклучително и во признавањето на Палестина од страна на Израел.
– Ако се постигне праведно и трајно решение, ние сме подготвени да го признаеме Израел и да воспоставиме дипломатски односи – нагласи индонезискиот претседател.
Индонезија, која е земја со најголема муслиманска популација во светот, досега не воспостави формални односи со Израел, поддржувајќи ја палестинската борба за државност.
Претседателот Макрон ги поздрави изјавите на својот домаќин и подвлече дека принципиелниот пристап на Индонезија е клучен во глобалните напори за мир на Блискиот Исток.
– Франција силно го поддржува решението со две држави и ги охрабрува сите страни да се вратат на преговарачка маса – изјави Макрон.
Освен за состојбата на Блискиот Исток, двајцата лидери разговараа и за војната во Украина. Макрон ја осуди руската агресија како „очигледно кршење на меѓународното право“ и изрази благодарност за дипломатските напори на Индонезија.
Посетата на Макрон резултираше и со потпишување неколку договори меѓу Франција и Индонезија за проширување на одбранбената и економската соработка, вклучувајќи заедничко производство на оружје, воена обука, партнерства за обновлива енергија и инфраструктура. Двете страни се обврзаа да ги забрзаат разговорите за Сеопфатниот економски договор за партнерство меѓу Индонезија и ЕУ.