ИНДИВИДУАЛНО ГО РЕШАВАМЕ ПРОБЛЕМОТ НА ПРЕВОЗНИЦИТЕ СО ПРЕСТОЈОТ ВО ЕУ Николоски бара камионџиите да не потпаѓаат под туѓо влијание
Министерот за транспорт информира дека со Европската комисија се преговара за два можни модели на решение на проблемот до стапување на сила новата визна стратегија на ЕУ.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски вели дека и покрај состојбите со цената на нафтата, цените на услугите на нашиот транспортен сектор остануваат стабилни поради конкурентноста на компаниите. Очекува до примената на новиот систем за влез во Шенген зоната да се решат проблемите за престојот на превозниците, а тоа, потенцира, државава го решава индивидуално. Апелира јавноста и превозниците во Македонија, како што рече, да не паѓаат под туѓи агенди и провокации.
На новинарско прашање по обраќање на денешната панел дискусија „Раст на економијата – економска сигурност на граѓаните“, во Владата, Николоски рече дека со ЕК се преговара за два модела односно да нема визи при прекуграничните превози како со Грција и Бугарија или пак со издавање долготрајни визи што веќе е воведено од Швајцарија, а го најавува и Хрватска.
– Во комуникација сме со превозниците и нивните здруженија. Во овој момент не очекуваме флуктуација на цените на услуга, нашиот транспортен сектор сега поради поволностите како што се персоналниот и данокот на добивка, од 10%, а за реинвестирана добивка воопшто не се плаќа данок. Кога излегуваат на европскиот пазар со оваа даночна политика и со релативно ниски придонеси за пензиско и здравствено осигурување е доста компетитивен на европсикот пазар. Подолго време водиме битка во однос на новите правила на ЕУ, тоа делумно е бирократија, а делумно конкуренција имајќи предвид дека нашите превозници се доста конкурентни. Сум зборувал со неколку посериозни странски инвеститори во државава и кога би работеле со превозници од нивните матични држави превозот би им бил поскап за 300 до 350%. Тоа е затоа што нашите превозници имаат доста поволности што ги користат, меѓу кои и регистрација и осигурување на возилата – рече Николоски.
Упати на податоците од минатата година за секторот Транспорт и складирање, каде во втор квартал имаше раст од шест проценти, во третиот од 2,6%, а во четвртиот квартал од 4,4%.
Во однос на барањата на превозниците што се поврзани со воведувањето на новиот систем за евиденција во Шенген зоната, министерот нагласи дека е постигнат успех со тоа што се почнати преговори со Европската комисија и со тоа што предвреме е објавена новата стратегија за визна политика со која возачите се препознаени како професионалци. Сега вели се одлучува за моделот за примена во практика.
– Останува да го решиме моделот како тоа да се преведе во дневна пракса. Моделите веќе се намалуваат на два. Едниот е за прекуграничните, како што е случајот со Грција и Бугарија воопшто да не се потребни визи, на пример сега тема е нафтата оние кои возат со цистерни од Солун во Скопје. А вториот дел да го решаваме со издавање на долготрајни визи што го баравме од почеток, Швајцарија го имаше воведено уште пред да настане проблемот, а го најави и Хрватска. Потребни ни се уште неколку држави каде најмногу работат нашите превозници и со тоа целиот проблем да се реши – рече Николоски.
Ова, нагласи тој, го решаваме индивидуално, односно ние гледаме да го решиме проблемот за македонските превозници, а што и како ќе прават останатите држави е нивна работа.
– Би замолил јавноста и превозниците во Македонија да не паѓаат под туѓи агенди и провокации. Србија нека си го решава за Србија проблемот, БиХ за БиХ, Албанија за Албанија, Косово и Црна Гора за нив, ние го решаваме за нас. Додека почне да се применува овој нов систем очекувам сите проблеми да бидат решени – рече Николоски.