Компаниите Indian Oil Corp, Bharat Petroleum Corp и Hindustan Petroleum Corp одлучија да го прескокнат следниот круг на набавка на руска сурова нафта и да чекаат понатамошни инструкции од индиската влада, објави Блумберг.
Одлуката дојде само еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп објави строги царински мерки против Индија, казнувајќи ја за продолжување на увозот на руска нафта и покрај обидите на Западот да ја изолира Москва.
Претседателот на САД Доналд Трамп издаде извршна наредба со која на увозот од Индија ѝ наметна дополнителни 25 проценти царини како казна за продолжениот увоз на руска нафта, со што вкупната царинска стапка за одредени индиски производи се искачи на 50 проценти.
Тој констатира дека индиската влада „директно или индиректно увезува нафта од Руската Федерација“ и дека овие постапки „продолжуваат да претставуваат невообичаена и вонредна закана за националната безбедност и надворешната политика на САД“.
Њу Делхи вчера ја опиша одлуката на Белата куќа како „неправедна“, но Трамп не покажа знаци дека ќе попушти.
Доколку Индија, еден од најголемите увозници во светот, навистина го намали купувањето на руска нафта, може да следи трка за алтернативни извори – првенствено во земјите од Блискиот Исток, Африка и во САД.
Нафтениот сектор на Индија сега чека сигнал од владата дали и како да ги продолжи купувањата од Русија, во светлината на можните секундарни санкции.