ИНЦИДЕНТ ВО ГРАДИШТЕ Барала да ѝ се врати имотот, но добила само скршеница! (ФОТО)
Узурпаторот на нашите имоти, закупецот Бени Ѓурчиновски од Скопје беше агресивен. Јас и други жени го држевме транспарентот со цел да не дојде до судир помеѓу двете страни. Но од зад нас дојдоа 5-6 набилдани момци, тепачи го турнаа транспарентот, тој падна, но бидејќи јас го држев со него ми летна и раката. Ме заболе и викнав што саката, да не убиете – раскажува сопственичка на имот на Градиште Башоска.
Со скршеница на раката и влошена здравствена состојба завршила вчера Андријана Башоска, една од 36 сопственици на популарниот автокамп Градиште, во инцидент помеѓу демонстрантите – пештанци, кои бараат да им се врати имотот, и контрадемонстрантите – закупецот на автокампот „МПМ Нова трејд“.
Вчерашниот бил трет протест на Здружението „Оревче“ – баратели на имотот за денационализација и прв на кој дошло до сериозен инцидент иако протестот бил обезбедуван од полицијата. Тие стравуваат од можни идни инциденти, бидејќи, како што објаснува Башоска, контрадемонстрантите најавиле протести секоја сабота и недела од 9 до 17 часот до крајот на август со цел тие да не можат да влезат во кампот, односно на сопствените имоти.
Семејствата од Здружението „Оревче“ од охридското село Пештани веќе 20 години бараат државата да им ги врати имотите национализирани уште пред 60 години, кои се кај автокампот Градиште. Башоска објаснува дека иако имаат судски пресуди за денационализација, одлуките не се спроведуваат, имотите не им ги враќаат и додава дека нема да се откажат од протестите сè додека не си го вратат тоа што е нивно.
– Протестите ги организираме откако на 30 март на нашите имоти има невидена градежна експанзија, се градат дивоградби. Општина Охрид издаде налог за уривање на 15 дивоградби, но тие не се урнаа. Од полицијата нè информираа дека пред нашиот протест, контрапротест ќе има сопственикот на камп приколките во Градиште. Тие имаа поставено барикади и не ни дозволуваа да го оставиме нашиот транспарент. На нашите протести имаше меѓу 30 и 40 повозрасни луѓе, а на контрапротестот имаше и малолетници. Узурпаторот на нашите имоти, закупецот Бени Ѓурчиновски од Скопје беше агресивен. Јас и други жени го држевме транспарентот со цел да не дојде до судир помеѓу двете страни. Но од зад нас дојдоа 5-6 набилдани момци – тепачи, го турнаа транспарентот, тој падна, но бидејќи јас го држев со него ми летна и раката. Ме заболе и викнав: што сакате, да нè убиете? – раскажува Башоска.
Таа бидејќи чувствувала голема болка веднаш повикала Итна помош, која брзо дошла и ја однеле во костозглобната болница „Св. Еразмо“.
– Ми ја снимија раката и констатираа скршеница. По ова отидов случајот да го пријавам во полиција, но ми рекоа да дојдам утредента, односно денеска оти било недела. Од полиција повторно се вратив во болница за да ми издадат лекарска белешка за повредената рака. Вчеравечер ми се слоши и повторно повикав Итна помош. Денес бев во полиција, каде го завршија записникот. Поднесов кривична пријава за тешка телесна повреда против Крсте Велјаноски управителот на фирмата МПМ Нова Трејд која стопанисува со автокамп Градиште и Бени Ѓурчиновски закупец на камп-приколка и организатор на контрапротестот во Градиште – ни изјави Башоска.
Извори од охридската полиција потврдуваат дека Башоска го пријавила случајот за тешка телесна повредна на вчерашниот протест од страна на контрапротестантите. Од таму велат дека ќе ги презмат сите мерки за идентификација на сторителите и дека тие ќе бидат повикани на разговор.