ИНЦИДЕНТ НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ Турска државјанка нападнала полицаец, задржана е во притвор
На Граничен премин „Меѓународен аеродром Скопје", полициски службеници ја лишиле од слобода Е.Б.(36) од Република Турција, информираат од МВР.
36-годишна турска државјанка вчера е приведена на скопскиот аеродром откако физички нападнала полициски службеник на службена должност. По инцидентот, таа е спроведена во полициската станица Петровец.
„На 08.04.2024 на Граничен премин „Меѓународен аеродром Скопје”, полициски службеници ја лишиле од слобода Е.Б.(36) од Република Турција затоа што околу 19.00 часот го нарушила јавниот ред и мир и физички нападнала полициски службеник кој извршувал службени дејствија. Лицето било спроведено во Полициското одделение Петровец за понатамошна постапка“ – стои во известувањето од МВР.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе предлог за определување мерка притвор против турската државјанка против која е поведена постапка за кривично дело – Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста од член 383 став 1 од Кривичниот законик.
Од Јавното обвинителство соопштија дека турската државјанка на 8 април пристигнала на Меѓународниот аеродром Скопје со лет од Истанбул, но при пасошка контрола било констатирано дека не исполнува општи услови за влез во државата.
Полициски службеници ја упатиле во меѓузоната на аеродромот за да го чека следниот лет за враќање во Истанбул. Меѓутоа, таа станала агресивна, започнала да се заканува на аеродромското обезбедување, фрлала со столици, по што неколку полициски службеници морале да интервенираат.
Осомничената продолжила и ним да им се заканува и да ги навредува, а еден полицаец физички го нападнала и го удрила.
Предлогот за определување мерка притвор е поднесен поради опасност од бегство.