ИН МЕМОРИАМ: ЉУБИША ИВАНОВСКИ ЛЕПИ Ако некој ми ги земе луѓето, јас сум мртов човек

Почивај во мир драг пријателе, колега, другар... Голем број љубители на ликовната уметност, негови колеги, пријатели и другари се простуваат од сликарот, монтажер и режисер кој почина вчера. Сликањето во живо беше негова пасија

2,682

„Не ја сфаќам уметноста како занает, туку како начин на живеење“, објаснуваше Љубиша Ивановски Лепи, додека сликаше во живо за време на својата изложба во тогашната галерија „Колектив“ на скопскиот плоштад пред три години. Изложбата која имаше интересен концепт – Лепи во текот на изложбата сликаше во живо, беше и неговата последна изложба. Во рамките на настанот настапи и бендот „Пеперминт“, а официјалното затворање на изложбата се случи кога уметникот ја заврши и ја потпиша сликата.

Тоа беше негова прва самостојна изложба после подолг период.






„Сум  имал многу самостојни и уште повеќе групни изложби, но тоа бара многу време, посветеност и средства. А згора на сѐ, нашата публика не е многу заинтересирана за артефактите, па на ваквите изложби сѐ се сведува повеќе на дружење, на фотографирање, во последно време, нели, на правење селфи, а артефактите си стојат на ѕидовите само како декор. Треба да ги анимираш присутните уште од влезната врата, затоа се договоривме со оваа добра екипа тука дека ќе правиме свечено затварање на ивентот, кога ќе ја завршам  и кога ќе ја потпишам сликата.

Инаку, сликањето во живо ми е пасија, па сум го правел тоа многу пати досега, и во рамките на Баскерфест, откако го почна Пане Темов а соработуваме и до ден денеска токму на тој начин – сликам во живо за време на настаните.

Сакам да сликам во живо бидејќи не сакам луѓето да го консумираат сликарството како нешто мртво што треба да биде само декор на некој ѕид, туку ако може попатно и да учествуваат на некој начин, ако ништо друго со своето присуство, зашто мене тоа дополнително ме инспирира и станувам уште покреативен. Едноставно, јас сакам луѓе, сакам да се дружам и да бидам опкружен со луѓе и ако некој ми ги земе луѓето, јас сум мртов човек“, рече Љубиша Ивановски Лепи во интервјуто за Плус инфо по повод оваа изложба.

Во претходното творештво тој беше препознатлив по тоа што сликаше кловнови.

„Тогаш се носев со филозофијата дека кловнот како егземплар никој не го прашува што носи во душата и како се чувствува, тој едноставно мора да биде кловн и забавувач, а јас голем дел од својот живот го потрошив како таков човек. Не се грижев за себе, туку сакав сите во опкружувањето да бидат весели, радосни и оттука беа и кловновите во моите слики.

Сега ме преокуира ова што беше изложено на оваа изложба во „Колектив“ која ја нареков „Living in the box“.

Всушност, изложбата е само дел од еден поголем проект бидејќи во меѓувреме напишав и книга, а речиси е готово и сценариото за телевизиски филм. Сакав во исто време со изложбата да ја издадам и книгата, но кај нас тие работи потешко одат. Па ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Инаку, книгата е автобиографски роман, и многу луѓе ќе се препознаат. Сѐ се сведува на секојдневното живеење на еден егземплар кој го троши денот од ателје до работа и назад, а во меѓувреме „го пресретнуваат“ неколку стотици настани и кафеани. Следниот ден пак му се радува на сонцето што изгреало, дејствието се повторува, но на крајот и тој и сите други околу него, се враќаат во таа своја кутија, што е и тема на изложбава.

А зошто токму оваа тема, зошто токму Living in the box? Па затоа што јас така го разбирам животот, сите ние живееме во некои кутии, дали индивидуални или групни, сеедно“, објаснуваше Лепи.

Љубиша Ивановски Лепи во 80-тите почнал да работи во МРТВ, потоа бил во екипата која работела од основањето во А1, па работел како режисер и монтажер на К-15 продукција, па извесен период во Телма, за подоцна да се врати во А1 и оттаму, уморен од сѐ, да крене раце и да почне да се знаимава со земјоделие и со производство на ракија и вино, во Кавадарци. Сепак, тоа не траело долго од едноставна причина што, како што вели, „не можеш на млекар млеко да му продаваш“. Неговото последно вработување беше во Македонската опера и балет.

 

Поврзани содржини