ИМПРЕСИВНА ЗАВРШНИЦА Атракција за крај на музичкиот дел од Охридско лето
Утревечер, на отворено, според новите протоколи, со настапот на актерите од белградското Југословенско драмско попзориште и со театарската претстава „На отворено море” од Бранислав Нушиќ, во режија на Егон Савин, свечено, ќе биде затворено 61. издание на фестивалот Охридско лето, нашата најзначајна музичко-сценска манифестација.
Синоќа, во предворјето на Света Софија, последниот музички термин од 61-то Охридско лето беше исполнет со атрактивната Лирска вечер на одбраните македонски сопрани Милена Арсовска и Гонца Богоромова – Крапоски, како и бас-баритонот Иван Наумовски.
За да ја преземе диригентска палка, од Париз допатува Паскал Галоа, познат француски музички уметник, диригент и фаготист, етаблиран активен протагонист на париската музичка сцена, моментно директор на Конзерваториумот Моцарт во Париз.
Својата задача ја исполни и музичкиот ансамбл од мала екипа исклучителни музичари, мајстори на своите инструменти и ентузијасти.
На програмата беа минијатури од Лучано Берио, Франц Шуберт, Шарл Гунпо, Аугустин Лара, Жорж Бизе…
За нас е особено важно што за прв пат, со македонска и со светска премиера, беше изведена и аријата „Жива сум”. Автор на либретото е македонскиот писател Јордан Плевнеш, додека автор на музиката е македонскиот композитор Панде Шахов, кој од 1998 година живее во Лондон.
Посластица на вечерта беше и изведбата на композицијата „Бдеење”, работена по стихови на Блаже Конески, од неодамна починатиот Благој Цонев, во аранжман на Филип Иванов, како и композицијата „Ако умрам” на Јана Андреевска, обработена песна од збирката на браќата Миладиновци.