ИМАТЕ СТАР ЛИФТ ИЛИ АЗБЕСТЕН ПОКРИВ? Општина Карпош дава субвенции да ги смените
Локалната самоуправа ќе субвенционира до 500.000 денари за поправка или санација на лифтови, до 350.000 денари за поправка и санација на покриви на згради и до 120.000 денари за санација на покриви на куќи.
Општина Карпош денеска објави Јавен повик за доделување финансиска поддршка за поправка и санација на постоечки лифтови и поставување нови лифтови на станбени згради за колективно домување, како и Јавен повик за доделување финансиска подршка за поправка и санација на кровни покривачи на станбени згради за колективно домување и замена на азбестни кровни покривачи на индивидуални станбени објекти (куќи), на својата територија.
Локалната самоуправа ќе субвенционира најмногу до 50%, но не повеќе од 500.000 денари од вкупниот износ на вредноста на поправката и/или санацијата на постоечкиот лифт, како и за поставување на нов лифт.
Заедницата на сопственици е должна да ја обезбеди целокупната потребна документација согласно позитивните законски прописи (проекти, одобренија и сл). Во случајов, Општината обезбедува пари за набавка на нов лифт, но не ги покрива и трошоците поврзани со градежните работи (отворање на окно за лифт, отстранување на градежниот отпад и слично).
Право на учество на јавниот повик имаат сите оние коишто се регистрирани како Заедници на сопственици (ЗС) или со заедницата да управува правно лице – Управител (УСЗ), согласно Законот за домување, а субвенциите ќе се доделуваат по принципот „прв дојден –прв услужен“, до исцрпување на финансиските средства за оваа намена.
Потенцијалните корисници на субвенциите треба целосно да ги исполнат условите и критериумите кои се пропишани во Јавниот повик, што значи дека станбените згради за колективно домување треба да бидат постари од 25 години. Исто така, Заедницата на сопственици/Управителот на станбените згради треба да достави Одлука од сопствениците на станбените единици, дека сопствениците на посебните делови се согласни да се изврши поправка и/или санација на постоечкиот лифт и/или поставување нов лифт. Покрај тоа, сопствениците на посебните делови треба да изразат согласност да учествуваат со сопствени средства за дел од вкупниот износ за поправка и/или санација на постоечки лифт и/или поставување нов лифт, (во прилог кон Одлуката да достават список со потписи од 50% плус 1 (еден) сопственик). Според условите на Јавниот повик, апликантите треба да приложат и имотен лист (не постар од шест месеци), со кој се докажува сопственоста. Во случајов, потребно е да се достави имотен лист за секој стан засебно, со кој ќе се потврди сопственоста на апликантите. Имотните листови да се достават во оригинал или нотарски заверена копија (за 50% плус еден сопственик).
Пријавите треба да се достават до Општина Карпош, преку пошта на адреса: ул. Радика бр.9 ,1000 Скопје, или во архивата на Општина Карпош, со назнака: Јавен повик за доделување финансиска поддршка за поправка и санација на постоечки лифтови и поставување нови лифтови на станбени згради за колективното домување во Општина Карпош.
Заинтересираните странки можат да добијат повеќе детали околу условите и потребната документација, на следниве линкови:
https://karpos.gov.mk/wp-content/uploads/2017/08/Javen-povik-za-popravka-i-sanacija-na-liftovi-za-2025.pdf,
https://karpos.gov.mk/wp-content/uploads/2017/08/Pravlnik-za-popravka-i-sanacija-na-liftovi-za-2025.pdf,
https://karpos.gov.mk/wp-content/uploads/2017/08/Aplikacija-za-popravka-i-sanacija-na-liftovi-za-2025.pdf
За дополнителни информации, граѓаните можат да се обратат на следниве телефонски броеви: 071/350-388 или 076/299-175.
Во однос на субвенциите за поправање на покривите, за колективните станбени објекти (зградите), локалната самоуправа ќе субвенционира најмногу до 50% но не повеќе од 350.000 денари од вкупниот износ на вредноста на поправка и санацијата на кровен покривач. За индивидуалните станбени објекти односно за куќите, Општина Карпош ќе субвенционира најмногу до 60%, но не повеќе од 120.000 денари од вкупниот износ на вредноста на замената на азбестниот кровен покривач.
Право на учество на Јавниот повик имаат сите оние коишто се регистрирани како Заедници на сопственици (ЗС) или со заедницата да управува правно лице – Управител (УСЗ) , согласно Законот за домување и сопственици на индивидуални станбени објекти (куќи) во Општина Карпош. Постапката за субвенционирање ќе се одвива во две фази од каде по комплетирање на документите од првата фаза, апликантот ќе добие писмено известување дека е потенцијален корисник на субвенцијата. Со самото тоа апликантот преминува во втората фаза што подразбира дека тој може да отпочне со замена на кровниот покривач.
Во овој случај, локалната самоуправа напоменува дека, доколку апликантот се одлучи да го промени стариот кровен покривач со користење на субвенција од Општина Карпош, се обврзува да користи исклучиво бел или сив (силвер) лим за кровен покривач. Според условите од Јавниот повик, сите досегашни корисници на субвенција во изминатите јавни повици, објавени од страна на Општина Карпош, немаат право да учествуваат во јавниот повик за 2025 година.
Jавниот повик е отворен и трае до исцрпување на финансиските средства предвидени во Буџетот на Општина Карпош за 2025 година за предметната намена, по принципот „прв дојден-прв услужен“.
Пријавите се доставуваат во затворен и запечатен коверт, без означување на субјектот кој ја поднесува пријавата до Општина Карпош, преку пошта на адреса: ул. Радика бр.9 , 1000 Скопје, или во архивата на Општина Карпош, со назнака: Јавен повик за доделување финансиска поддршка за поправка и санација на кровни покривачи на станбени згради за колективно домување и замена на азбестни кровни покривачи на индивидуални станбени објекти (куќи) во Општина Карпош.
Заинтересираните странки можат да добијат повеќе детали околу условите и потребната документација, на следниве линкови:
За дополнителни информации, граѓаните можат да се обратат на следниве телефонски броеви: 071/350-388 или 078/487-636.