„ИМАТЕ РОК ДО НЕДЕЛА ДО 18 ЧАСОТ ИЛИ ПЕКОЛОТ ЌЕ СЕ УРНЕ ВРЗ ВАС“ Трамп со ултиматум до Хамас

Ги молам сите невини Палестинци веднаш да ја напуштат областа каде што може да има големо крвопролевање и да се преселат во побезбедни делови од Газа. Сите ќе бидат добро згрижени од оние кои се подготвени да помогнат. За среќа на Хамас, сепак, ќе добијат последна шанса, објави американскиот претседател Доналд Трамп.

143

Американскиот претседател Доналд Трамп во најновата денешна објава на неговата социјална мрежа Трут соушл остро го критикуваше Хамас што го одолговлекува одговорот на неговиот план за мир во Газа и за враќање на заложниците.

Трамп во објавата тврди дека над 25.000 членови на Хамас се убиени, а останатите ги опиша како „опкружени и под воена опсада“.






Тој изјави дека Палестинците треба да ги напуштат опасните области на Газа и даде ултиматум Хамас да се согласи на договор до недела во 18 часот по вашингтонско време, велејќи им на членовите на Хамас дека ова е нивната „последна шанса“.

„Хамас е немилосрдна и насилна закана на Блискиот Исток со години! Тие убиваат (и го прават животот неподнослив), што кулминира со МАСАКРОТ на 7 октомври во Израел – бебиња, жени, деца, стари лица и многу млади мажи и жени, момчиња и девојчиња кои се подготвуваа да го прослават својот иден живот заедно. Како одмазда за нападот врз цивилизацијата на 7 октомври, повеќе од 25.000 „војници“ на Хамас веќе се убиени. Повеќето од другите се опкружени и воено опколени, тие само чекаат да им го кажам зборот „ОДИ“ за брзо да им се згасне животот“, наведува Трамп во својата остра објава до палестинската милитантна група.

„Што се однесува до другите, додава американскиот претседател, знаеме каде сте и кои сте, и ќе бидете прогонувани и убиени. Ги молам сите невини Палестинци веднаш да ја напуштат областа каде што може да има големо крвопролевање и да се преселат во побезбедни делови од Газа. Сите ќе бидат добро згрижени од оние кои се подготвени да помогнат. За среќа на Хамас, сепак, ќе добијат последна шанса! Големи, моќни и многу богати држави на Блискиот Исток и околните области, заедно со САД, се договорија – со согласност на Израел – за МИР по 3.000 години на Блискиот Исток.

„ОВОЈ ДОГОВОР ГИ СПАСУВА ЖИВОТИТЕ НА СИТЕ ПРЕОСТАНАТИ БОРЦИ НА ХАМАС! Деталите од документот се познати на СВЕТОТ и тоа е одлична зделка за СИТЕ! Ќе имаме МИР на Блискиот Исток, на еден или друг начин. Насилството и крвопролевањето ќе престанат. ОСЛОБОДЕТЕ ГИ СИТЕ ЗАЛОЖНИЦИ, ВКЛУЧИТЕЛНО И ТЕЛАТА НА МРТВИТЕ, СЕГА! Мора да се постигне договор со Хамас до недела во ОСУМНАЕСЕТ (18) ЧАСОТ по вашингтонско време“, дециден е претседателот Трамп.

„Секоја земја се согласи (за договорот)! Ако не се постигне овој договор – ПОСЛЕДНА ШАНСА, врз Хамас ќе се спушти ПЕКОЛ каков што никој досега не видел. ЌЕ ИМА МИР НА БЛИСКИОТ ИСТОК НА ЕДЕН ИЛИ ДРУГ НАЧИН. Ви благодарам за вашето внимание по ова прашање! – Претседател Доналд Џ. Трамп“, напиша американскиот претседател.

Поврзани содржини