„ИМАШЕ ТОЛКУ ОПЦИИ, БУДИМПЕШТА НЕМА ДА ДОНЕСЕ ПОЗИТИВНИ ВЕСТИ“ Зеленски е спремен да им се приклучи на Трамп и на Путин на средба

Имаше многу достојни опции, Швајцарија, Австрија, Ватикан, Саудиска Арабија, Катар, Турција. Затоа што тука зборуваме за мир во Украина, а не за избори во Унгарија. Не верувам дека премиер кој нè блокира на секој чекор може да донесе нешто позитивно или барем избалансирано, рече украинскиот претседател.

350

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска порача дека е подготвен да се приклучи на најавениот самит во Будимпешта меѓу претседателот на САД, Доналд Трамп, и рускиот лидер Владимир Путин.

– Ако навистина сакаме праведен и траен мир, двете страни мора да бидат вклучени. Како можеме да постигнеме договор за нас – без нас? –  истакна украинскиот претседател.






Сепак, Зеленски не е оптимист дека во Будимпешта може да има добри вести за Украина.

– Имаше многу достојни опции – Швајцарија, Австрија, Ватикан, Саудиска Арабија, Катар, Турција. Затоа што тука зборуваме за мир во Украина, а не за избори во Унгарија. Не верувам дека премиер кој нè блокира на секој чекор може да донесе нешто позитивно или барем избалансирано – рече украинскиот претседател.

Тој додаде дека унгарскиот премиер Виктор Орбан промовира проруски ставови, вклучувајќи и тврдења за „безусловна предност на Русија во оваа војна“.

Говорејќи за Меморандумот од Будимшета од 1994 година, со кој големите сили гарантираа територијален интегритет на Украина во замена за нејзиното откажување од нуклеарно оружје, Зеленски потсети дека тој документ не беше ефикасен и оти на тоа го потсетил и Трамп.

Сепак, според Зеленски, Трамп го гледа „унгарскиот формат“ како можен следен чекор што, според него, би можел да донесе резултати, вклучувајќи и прекин на војната.

Зеленски изјави и дека „е добро што Трамп не рекол не за испораката на американските ракети „Томахавк“ за Украина, но додаде дека претседателот на САД „засега не рекол ниту да‘“.

Украинскиот лидер изрази надеж дека испораката на ракетите Томахавк би можела да го смени текот на војната.

– Путин се плаши дека САД ќе испорачаат ракети Томахавк на Украина и мислам дека со право се плаши,  затоа што ние навистина би ги користеле – оцени Зеленски и додаде дека во план е набавка на 25 ракетни системи „Патриот“.

Иако повтори дека Путин го смета за „терорист“, украинскиот лидер нагласи дека е подготвен за директна средба со рускиот претседател, но само под услови кои водат кон мир, а не, како што рече, „под бомби и дронови“.

– Путин е сличен на Хамас, само што е посилен – вели Зеленски.

Од друга страна, по средбата со украинскиот претседател, Трамп на социјалните мрежи порача дека Русија и Украина треба „да застанат таму каде што се сега (на фронтот)“ и дека е време за примирје и договор.

Поврзани содржини