ИМАМЕ СНИМКИ ЗА ПОТПАЛУВАЊЕ НА ПОЖАРИТЕ, ОД 5 СТАНУВААТ 20 ДНЕВНО Со натчовечки напори се гаснат жариштата во Јасен и во Јегуновце, вели Ангелов
Досега немаме загинат пожарникар или гаснач на оган од институциите. Но, без совест, оваа битка со огновите ќе продолжи во август, дури и во септември. Следната недела очекуваме дожд со што барем неколку дена ќе бидеме помирни, вели првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување давајќи детали за тоа како на непристапни места службите се борат со огновите во Јасен и во Јегуновце.
Дирекцијата за зашита на спасување има снимки за потпалување на некои од пожарите кои беснеат низ земјата и е невозможно сами од себе да горат до 20 жаришта дневно, вели првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов.
Тој вели дека се прават натчовечки напори за гаснење. Денеска, 15 август, до пладне има 3 активни пожари, додека уште два изгаснати, информираше Ангелов и раскажа за тешките борби со огнот во ловиштето Јасен кој со денови гори на тешко пристапен терен.
Сепак, според него, во случајот со пожарот кај Јасен, причината е гром, бидејќи, како што вели Ангелов, пожарот се појавил во терен кој буквално е безпаќе.
– Секојдневно наидуваме на пожари. МВР работи на случаите. Некогаш со пожарот горат и трагите. Но, постојат видеоснимки. Аларматно е ова што се случува. Ако сега имаме активни 5 пожари, до вечер активни ќе бидат 20. Без човечки фактори тие не можат да бидат предизвикани. Сепак, споредувајќи со регионот, сметам дека добро се справуваме со пожарите. Досега немаме загинат пожарникар или гаснач на оган од институциите. Но, без совест, оваа битка со огновите ќе продолжи во август, дури и во септември. Следната недела очекуваме дожд со што барем неколку дена ќе бидеме помирни. Според моето петгодишно искуство поголем дел од овие пожари се намерно подметнати – вели Ангелов.
Тој објасни дека огнот кај Јасен е контролиран од горната страна, но проблем е непристапниот дел од долната страна на асфалтираниот пат кој води кон Козјак. Службите имаат стратегија да го сочекаат пламенот на еден колски пат каде што ќе има шанса за целосно гаснење.
– Утрово ренџери и специјалци, пожарникари од Кавадарци и од Скопје успеаја да го контролираат пожарот над гребенот на Јасен, кој ни задаваше голема главоболка, бидејќи се протегаше над значаен предавател. Тоа беше една жестока битка со огнот во која пинц-гауерите се покажаа извонредно. За жал долната страна на пожарот, од долната страна на асфалтираниот пат кој води од Скопје кон езерото Козјак, близу селото се засилува поради покачување на дневните температури. Се создава густ чад поради кој не можат да дејствуваат авионите и хеликоптерите. Затоа, денеска користевме ер трактор по гребенот на ловиштето. Нашата стратегија е да го сочекаме пожарот кај еден колски пат каде што ќе имаме можност да го успориме, но веднаш потоа следи гребен каде што нема зимзелена шума, карпест терен каде што ќе имаме можност да го сопираме огнот. Се работи за комплексен шумски пожар сличен на минатогодишниот, но уште потежок, бидејќи се одвива на непристапен терен со стрмни падини каде што има одрони. Храбрите специјалци со противпожарни црева се спуштаат по удолницата и успеваат да го контролираат.
Вториот тежок за гаснење е пожарот кој започна кај скопско Свиларе, објасни Ангелов.
– Верувам дека тој е намерно потпален. Овој пожар проби од скопската страна на селото и од кај Радуша. Сега е дојден во атарот на село Јегуновце. Утрово успеавме да ги заштитиме репетиторите и антените на МТВ и на други телевизии. Беше тешко. Во еден момент бевме опколени од пламените јазици. Се наголтавме чад. Се надевам дека до крајот на денот овој пожар ќе биде под контрола.
Третиот пожар кој сè уште дивее е пожарот кај Долнени. Првиот човек на ДЗС ги пофали возилата пинц-гауери и хермелините кои, според него, се покажале како непроценливи во гаснењето.
– Од непроценлива помош ни се пинц-гауерите кои се пробиваат на недостапен терен. Хермелините, пак, се покажаа и те како корисни за одбрана на објектите. Вчера, благодарение на хермелините огнот го стопиравме на само неколку метри од седиштето на Јасен. Кога горат цели борови, тоа е многу отежнато. Пожарникарите, волците, ренџерите, сите несебично се борат, дури и на моменти ги ризикуваат своите животи – истакна Ангелов.