Министерот за здравство, Венко Филипче на денешната прес-конференција информираше за капацитетот на болниците во кои се лекуваат заболените со ковид-19, каде што на сите инфективни одделенија се хоспитализирани 414 лица, кои се сомнителни и позитивни на вирусот, што претставува најголем број на хопитализации од крајот на јули.
– На Инфективната клиника имаме 86 пациенти денеска, во ГОБ „8 Септември“ има 40 од кои 4 се на респираторна машина, во Козле има 3 деца позитивни и 2 суспектни за кои се чека резултат. Во сите одделенија во државата има значаен број на пациенти, некаде капацитетот е целосно исполнет и пациентите се праќаат во Скопје или Куманово, од Прилеп во Битола, а слободни места има во Охрид, Гостивар и Тетово. Во Струмица има 46 пациенти каде од утре ќе се подготвува капацитетот на новото крило. Целосно е подготвена болницата во Кочани, каде нема хоспитализирани лица за тој регион, исто така и во Кавадарци е подготвено – вели Филипче.