ИМАМЕ ПОСТЕПЕН РАСТ НА СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИЦИИ Гувернерката очекува трендот да продолжи и следната година
Гувернерката на НБ оценува дека има постепено закрепнување на инвестициите, но тоа оди побавно во однос на другите компоненти од БДП, односно во просек, растот на инвестициите е околу 3,4 отсто.
По пандемичниот шок од 2020 година, оваа година има поповолни трендови кај странските директни инвестиции, но и кај вкупните инвестиции како компонента на БДП, изјави во интервју за Ал џезира, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.
– Странските директни инвестиции се исклучително значајни за економската активност, бидејќи тие овозможуваат пристап до надворешни извори на финансирање на растот, што е многу значајно за мали економии коишто немаат доволен обем на капитал за финансирање на растот. Уште позначајно е тоа што тие позитивно влијаат врз квалитетот на растот, поради приливот на знаење и технологии коишто го носат. Минатата година, при големиот пандемичен шок, дојде до значително забавување на странските директни инвестиции кај нас. Тие изнесуваа околу 1,5 посто од БДП, што значи половина од она што беше стандарден износ кај нас пред пандемијата – рече Ангеловска-Бежоска.
Таа оценува дека има постепено закрепнување на инвестициите, но тоа оди побавно во однос на другите компоненти од БДП, односно во просек, растот на инвестициите е околу 3,4 отсто.
– Сепак, ова е позитивно придвижување, наспроти големиот пад којшто се случи во 2020 година од околу 16 отсто. Очекуваме дека овој тренд ќе продолжи и наредната година, за кога се проектира вкупен економски раст од 3,9 отсто.
Ангеловска-Бежоска оценува дека пандемијата предизвика глобален шок од невидени размери и доколку не беа преземени брзи и навремени мерки од страна на носителите на политиките, шокот ќе беше уште поголем.