ИМАМЕ ОГРОМНА ПОБЕДА, ПРЕТЕНДИРАМЕ НА ПОЗНАЧАЈНИ РЕСОРИ Со „Вреди“ договараме принципи, има време за кадри, вели Мисајловски
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски вели дека на првата средба со претставниците на коалицијата „Вреди“ не станало збор за распределба на ресори, туку за принципите не кои би почивала идната соработка.
– ВМРО-ДПМНЕ претендира да ги има позначајните министерства и функции базирајќи се на резултатот и огромната победа на партијата, но на крајот, како би изгледал форматот на новата Влада е одлука на мандатарот Христијан Мицкоски – истакна Мисајловски, во интервју за „360 степени“.
На саботната средба во штабот на коалицијата „Вреди“ за првпат разговараа челниците на ВМРО-ДПМНЕ и кна оалицијата „Вреди“, Мисајловски вели дека атмосферата пријатна, па и еуфорична поради резултатот, и дека се разговарало за принципите на кои би почивала идната влада, како што се борбата против корупцијата, економијата, европските интеграции, но и за тоа како двете страни да создадат партнерски и принципиелни односи.
Кога станува збор за претседателското столче во Собранието и дали според бројот на освоени мандати – 58, ВМРО-ДПМНЕ очекува да го добие ова место, Мисајловски вели дека како партија претендираат за сите позначајни места, но тоа е одлука на мандатарот, иако барем засега не се разговарало за кадровските решенија.
– Не сме седнале да ги разговараме овие кадровски прашања, навистина е така. Не, навистина не се разговара за нешто такво, прво да ги договориме принципите и програмите, па потоа ќе разговараме за кадровски прашања и мислам дека е добро и од наша страна да не ги зборуваме ресорите бидејќи потоа се губи довербата – рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, главна заложба на двете страни е борбата против корупцијата.
Во однос на уставните измени, Мисајловски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ ќе си го одржи ветувањето заради кои и народот ја даде довербата.
– Нашиот став е постојан и ние кажуваме дека македонскиот народ треба да добие нешто плус и да не се чувствува дека е понижен. Со преземање на обврската СДСМ и ДУИ да потпишат таков договор тие го понижија македонскиот народ, а македонскиот народ и ВМРО-ДПМНЕ не го прифаќаат тоа. Треба да седнеме да разговараме и со новата влада во Бугарија да најдеме начин како човековите права и на Македонците да не бидат загрозени, знаете дека ни македонска невладина не може да се отвори во Бугарија. Навистина сакаме да бидеме членка во ЕУ, но со овој договор се понижува македонскиот народ и ова е едно од главните прашања. Нема да го смениме ставот од денес до утре бидејќи сме ветиле пред граѓаните, македонскиот народ да добие нешто плус – изјави Мисајловски.