ИМАМЕ НАЈНИСКА ИНФЛАЦИЈА ВО РЕГИОНОТ Мицкоски очекува таа дополнително да се намали годинава

Очекувањата за дополнителен пад на инфлацијата годинава, како што рече премиерот, може да ги помати само ситуацијата на Блискиот Исток, која може да потрае.

25

Премиерот, Христијан Мицкоски денеска изјави дека земјава има најниска инфлација во регионот. тоа како што рече го потврдија официјалните податоци на Државниот завод за статистика.

– Јас тоа повеќе пати го најавив во моите изјави, но еве вчера тоа се потврди дека инфлацијата се спушти под 3%, односно е 2,9%. И е повторно најниска во регионот, би рекол една од најниските, ако се има предвид дека Грција е 3%, Бугарија е 3,5%, Косово да речеме во јануари, за февруари нема податок, е 5,8%, Хрватска исто така веќе отиде над 3,8%, Словачка е 4%, Романија е 9 и нешто проценти. Така што сите оние политики за коишто баравме трпение, полека, но сигурно вродуваат со плод – рече Мицкоски.






Тој рече дека очекува и по утрешниот состанокот со дистрибутерите и синџирите на маркети да се одржи овој тренд на инфлација и да се одржи ценовната стабилност.

-Веќе сите параметри во економијата тоа го кажуваат. Ако ме прашате за мој суд, мислам дека треба да сториме сѐ што е во наша моќ да ја одржиме ценовната стабилност, имајќи предвид уште еден факт дека цените на мало се 1,6% зголемени, што е под 2%,1,5%. Тука се оние цени на храна којашто е процесуирана како ја викаат, но и нормална, тука се зеленчукот, овошјето и останатите, услугите да речеме. Задоволен сум од состојбата на базната инфлација којашто успеавме да ја смириме и сега треба да продолжиме уште повеќе да се движиме во тој опсег. Мислам дека ќе се движиме оваа година меѓу 2 и 3%, доколку нешто непредвидено не се случи, а не зависи од нас- рече Мицкоски.

Тој додаде дека ако потрае војната во Заливот, и ако тоа се движи во насока на предизвикување на последици по човештвото и по светот, тогаш веќе тоа се работи коишто не зависат од нас.

-Но, тоа што зависи од нас како Влада, ние тоа го следиме, преземаме мерки, проактивни сме, го контролираме и не дозволуваме осцилации коишто ќе бидат на штета на граѓаните – рече Мицкоски.

Поврзани содржини