ИМАМ ИСКУСТВО, ИМАМ ТИМ, ИМАМ ПОДДРШКА – СКОПЈЕ ЌЕ ГО БИДЕ Орце Ѓорѓиевски со жар влегува во битката за градот кој речиси го изгубивме

„Разбирам дека граѓаните се разочарани од искуствата со претходните раководства, но мојата цел е да покажам дека со чесен, професионален и човечки пристап, работите може да се прават поинаку. Со мојот тим во Кисела Вода го покажавме тоа. За Скопје веќе работам со тим од врвни професионалци, експерти за урбанизам, транспорт, екологија, култура, финансии и дигитализација, луѓе кои си ја знаат работата, но и имаат визија. Ќе воведеме јасна поделба на одговорностите и менаџерски пристап. Ќе работиме посветено и ќе успееме“, ветува Орце Ѓорѓиевски, фаворит во трката за градоначалник на Скопје.

541

Ако во нешто се согласуваат сите предизборни анкети, тоа е фактот дека Орце Ѓорѓиевски, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, уште отсега може да го прогласиме за иден градоначалник на Скопје. Ако не уште во првиот, тој сигурно победува во вториот изборен круг. Па сепак, актуелниот градоначалник на општината Кисела Вода, во оваа кампања влегува со големи амбиции и очекувања. Во интервјуто за Плусинфо вели:

– Драго ми е што граѓаните ме гледаат на тој начин, затоа што тоа е знак на нивната доверба и признание за сработеното. Јас сум горд што зад мене има дела, што има реализирани проекти кои целосно го подобрија ликот на општина Кисела Вода и го унапредија животот на моите сограѓани. Најголемата потврда за тоа е токму довербата што луѓето ми ја дадоа, а сега ја враќаат со поддршка. Анкетите што ме ставаат во позиција на фаворит се голема чест, но и мотив и огромна одговорност, која со задоволство ја прифаќам. Очекувањата се секогаш високи, посебно ако се земе предвид катастрофалната состојба во која денес се наоѓа Скопје. Луѓето бараат темелни промени, подобар живот, сигурност, еднакви можности и перспективи за иднината, бараат да не бидат излажани, да не бидат гледани како бројка за гласање, бидејќи најважно од сѐ, е почитта кон човекот и неговото достоинство.






Врз овие постулати се заснова и мојата програма и од нив ќе се водам и во текот на целата кампања. Кампањата за мене претставува можност ја претставам најамбициозната и најобемната програма за Скопје, што било кој претходен градоначалник досега ја имал. Таа е развиена со експертски тим, но и во постојанa комуникација со граѓаните, чиј глас и потреби се вградени во конкретни решенија. Ова не е само програма со ветувања, туку план кој се потпира на седум столбови со реални проекти и мерливи резултати.

Се надевам дека моите противкандидати ќе останат фокусирани на својата понуда и проекти и дека ќе се придржуваат до кодексот за фер и демократски процеси што го потпишавме. Кампањата мора да остане на ниво на идеи и решенија, а не на лични напади. На крајот, резултатот ќе го кажат граѓаните, а јас во целост верувам во нивниот суд.


– Оние кои ме познаваат знаат дека никогаш не барам изговори и дека не ветувам нешто за кое не сум сигурен дека можам да го исполнам. Затоа и влегувам во оваа приказна, бидејќи јас знам што значи да наследиш долгови и нефункционален систем, и како, од Кисела Вода од општина без перспектива, со 3,5 милиони евра буџетски минус, каква што ја презедов, да направиш да биде најуспешната општина во градот.  Ве уверувам дека иста таква промена ќе видиме и во Скопје.

Периодов во кој ја подготвувавме програмата, се правеа и темелни анализи врз база на јавно достапните податоци. Она што го очекувам е дека од актуелното раководство ќе остане долг поголем од 200 милиони евра. Но, јас нема да се „вадам“ на тоа, ниту ќе барам изговори. Напротив, ова е мотив плус да почнам со уште поинтензивна и подинамична работа со цел да се реализира програмата што им ја нудам на скопјани.

Немаме време за губење. Ќе направиме темелна ревизија на работењето на сите градски претпријатија, и тоа од страна на експерти, меѓу кои и европски. Ќе се анализира финансиската, организациската и оперативната состојба. Врз тие наоди ќе спроведеме реформи: внатрешни преструктурирања, оптимизација на ресурси, нови модели на управување и таму каде што е потребно, статусни промени. Скопје ќе добие јавни претпријатија кои работат ефикасно, транспарентно и во служба на граѓаните. Ќе има јасни индикатори за перформанси, дигитална отчетност и механизми за контрола.

Ќе ставиме крај на партиските вработувања, на непродуктивните трошоци и на нетранспарентните системи. Граѓаните очекуваат резултати, а јас сум подготвен. Знам дека ова нема да биде лесно, но ако мислев дека ова не можам да го средам, немаше ни да се нафатам.

„Град без депонии“ е можен ако отпадот се третира како ресурс

Многу луѓе од страна, кои престојуваат во нашиов град, пократко или подолго време, имаат многу повисоко мислење за квалитетот за животот овде од мислењето на скопјани. Тоа е чуден феномен. Но, во последно време, речиси сите се едногласни дека во ова наше Скопје веќе не се живее од нечистотија и од смрдеа на сите страни. Едно од вашите први ветувања беше дека штом ќе дојдете на власт, ќе направите „генералка“ на Скопје во првите 72 часа од мандатот. Вие навистина важите за човек од акција, за човек-булдожер, но сепак да ве прашаме – како мислите да изведете една таква акција?

– Кога зборувам за генералка за 72 часа, мислам на вистинска акција која ќе го мобилизира целото Скопје. Тоа ќе биде симболичен и практичен старт. Првите три дена после преземањето на функцијата ќе се излезе масовно на терен: општините, адинистрацијата, комуналните служби, институциите, ќе упатиме покана и до граѓанскиот сектор, како и до сите наши граѓани кои сакаат да го видат Скопје чисто. Сите ќе бидат дел од ова чистење.

Сакам да ја вратиме свеста кај луѓето дека јавниот простор е наш заеднички двор и дека мора да го чуваме и да се грижиме за него како што се грижиме за сопствениот дом. Но „генералката” е само почеток. Веднаш потоа продолжуваме со четиригодишната програма која Скопје треба да го доведе до статусот „Град без депонии“.  Мојата порака е јасна: во првите 72 часа ќе расчистиме со ѓубрето што се собирало со години, a потоа никогаш повеќе да не дозволиме Скопје да се претвори во депонија.

Како може да постои град без депонии? Скопје создава огромни количества отпад, луѓето не се навикнати да селектираат, а контејнерите ги „красат“ и прометните и маалските улици, наместо да се скриени во објектите… Како мислите да се справите со сиот тој отпад, каде ќе завршува тој?

Кога зборуваме за проектот „Град без депонии“, зборуваме за јасна стратегија и системска акција. Современ град без депонии е возможен ако отпадот се третира како ресурс, а не како проблем. Секој отпадок мора да има своја дестинација: селектиран, повторно искористен, рециклиран или претворен во енергија.

Скопје произведува големи количини отпад, а навиката за селекција кај граѓаните сè уште е слаба. Но, тоа не смее да биде пречка, туку предизвик со кој подготвено ќе се соочиме. Решението е системско: контејнерите ќе бидат дел од уредена мрежа, со дигитален надзор, јасни правила за селекција и јавни кампањи кои ќе ја менуваат свеста за отпадот. Во секое маало, секоја улица, ќе има ред и логистика што работи на негово спроведување.

Во исто време, градот ќе вложи во инфраструктура за третман на отпад. За Дрисла, решението е системско: центар за третман на отпад и негово максимално искористување како ресурс и енергија. Селекција, повторна употреба, дигитален надзор, линии за посебен и опасен отпад – електронски, медицински, масла, батерии. Вардариште, пак, ќе го претвориме во европски пример за зелена рекултивација. Голем парк со содржини за сите, пошумување, ремедијација, биолошка рекултивација, сè според највисоките европски стандарди. Така, чекор по чекор, Скопје ќе стане град каде што ќе нема депонии. Не затоа што исчезнало ѓубрето, туку затоа што сме поставиле систем кој го контролира, обработува и повторно користи.

Скопјани ќе добијат квалитетен, интегриран градски превоз   

Во повеќе интервјуи и изјави нагласивте дека сте особено горди на проектот „Скопје сити гоу“, паметна картичка со која сите услуги што ги нуди Градот ќе бидат достапни на едно место – од јавниот превоз, до музеите, кината, театрите, жичарата, зоолошката градина… За жал, така како што сега стојат работите, оваа „фенси“ идеја нема премногу да им значи на скопјани, во услови на речиси катастрофален јавен сервис во повеќе области. На пример, ова што ние го нарекуваме јавен градски превоз е под нивото на елементарната пристојност. Ветувате интегриран градски превоз, што подразбира градски воз, трамвај и електрични еколошки автобуси. Но, тоа е проект за еден цел градоначалнички мандат. Што можете реално да направите во првите 100 дена и со кои пари?

– Запознаен сум со катастрофалната состојба во која се наоѓа јавниот превоз. Секојдневно разговарам со граѓани кои се жалат на расипани автобуси, нефункционален возен ред и целосно игнорирање на нивните проблеми од актуелното раководство на ЈСП. Доаѓале и во Општина Кисела Вода да бараат помош, иако тоа не е наша надлежност, што доволно зборува за сериозноста на проблемот.

Како што веќе имам најавено, првиот чекор кој ќе го направам е темелна ревизија на работењето на ЈСП од страна на експерти. Ќе се провери организациската, финансиската и оперативната состојба на претпријатието, а врз основа на наодите ќе следуваат реформи: кратење на непродуктивните трошоци и насочување на средствата кон она што е навистина важно за граѓаните, обнова на возниот парк и подобрување на квалитетот на услугата.

Во првите 100 дена ќе започне подготовка на нов возен ред, реорганизација на линиите и воспоставување систем за следење на ефикасноста. Ова е подготвителна фаза за интегрираниот систем на јавен превоз, за кој покрај обновата на возниот парк, со поддршка од Владата и Министерството за транспорт и врски ќе анализираме за воведување на градски воз, потоа ќе направиме детална проверка за можноста на БРТ системот и ќе го удвоиме бројот на велосипедски патеки. Сето тоа ќе биде интегрирано во еден дигитализиран систем кој ќе овозможи јавниот превоз да стане побрз, поефикасен и поеколошки.

Со оваа стабилна и функционална основа, „Скопје сити гоу“, паметната картичка што ги обединува сите услуги на градот – од јавниот превоз, до музеите, театрите, кината, зоолошката градина и жичарата, нема да биде само идеја на хартија, туку вистински корисна алатка. Ќе инвестираме и во збогатување на понудата на културните институции, за картичката да има реална вредност за сите.

Најавувам инфраструктурна офанзива – ќе сработам повеќе од Коце Трајановски

Последниот скопски градоначалник што остана запамтен како успешен, со реализирани големи инфраструктурни проекти, беше Коце Трајановски. Наспроти контроверзиите на проектот „Скопје 2014“, сите признаваат дека Коце Трајановски ги обнови и ги прошири клучните скопски сообраќајни „артерии“. Скопје пред Коце беше еден град, а по него стана друг град. Вие најавивте дека врвен приоритет ќе биде пуштањето во употреба на подземниот булевар Македонија, под „Лимак“, со изградба на три кружни текови на излезот и влезот на оваа клучна сообраќајница за главниот град. Ветувате и изградба на други сообраќајници и нови катни гаражи на повеќе клучни локации. Кога ќе можеме нешто од тоа да видиме направено? На пример, кога ќе возиме под „Лимак“?

Градот Скопје денес се соочува со сериозни сообраќајни предизвици: метеж, недовршени мостови и улици, нефункционален јавен превоз и недостиг на квалитетна пешачка и велосипедска инфраструктура. Затоа мојата програма е поставена како силна инфраструктурна офанзива: ќе се довршат 4 булевари, ќе се изградат 6 нови булевари, ќе се пробијат 16 клучни улици, ќе се изградат нови мостови и клучки, како и 7 монтажни и катни гаражи.  Ќе воспоставиме поврзана и функционална велосипедска мрежа преку изработка на сеопфатен план во координација со општините, обезбедувајќи инфраструктура според европски стандарди. Планираме проширување од постоечките 144 на 300 километри за велосипедско-пешачка инфраструктура.

Мојата цел е Скопје конечно да стане град со европски стандарди и функционален сообраќаен систем. Клучен дел од овој процес е мега-проектот за булевар Македонија и подземната сообраќајница под „Лимак“, со нов кружен тек кај „Нова Македонија“, два нови кружни тека кај булевар Кочо Рацин и улица Железничка. За три години овој проект ќе биде комплетно завршен, а Скопје ќе добие современ систем што ќе го растовари центарот, ќе ја зголеми безбедноста и ќе овозможи паметни сообраќајни решенија.

Вие споменавте, а јас ќе се согласам дека Коце Трајановски беше последниот градоначалник на Скопје кој остави големи инфраструктурни дела зад себе. Жално е што после неговиот мандат следеше застој, па дури ќе речам и натпревар кој ќе сработи помалку за градот. Тоа е загубено време за Скопје. И денес сме во комуникација и соработуваме со Коце Трајановски и ми е драго што ќе можеме, на крајот на мојот мандат, да направиме споредба, кој од нас двајца успеал повеќе да сработи за Скопје. Тоа е вистинскиот натпревар кој му е потребен на градот – во реализирани решенија и добри проекти за скопјани.

Вардар мора да заживее, чист и со уредени кејови

Реката Вардар со децении е еден од големите, неискористени потенцијали на овој град. Најавивте проект со звучно име, „Жив Вардар“. Но, факт е дека Вардар нема да оживее ако не се изгради пречистителна станица за отпадните води. Тој капитален проект, за кој постои вреден 200 милиони евра, датира од 2019 година, од времето на Петре Шилегов. Се обезбедија и пари, 136 милиони евра кредит од Европската инвестициска банка и 70 милиони евра неповратен грант од Европската Унија. Актуелен ли е овој проект, или шансата за тоа веќе е изгубена?

Вардар е срцето на Скопје. Тој е дел од нашата историја, нашата култура и огромен потенцијал за живот во градот. Токму затоа го најавивме проектот „Жив Вардар“. Овој проект не е само симболика, туку конкретен план. Целта е прочистување на водата, контрола на индустрискиот и комуналниот отпад, засилена инспекција и дигитално следење на квалитетот на водата. Со зелени појаси, биолошки филтри и природни бариери, Вардар ќе се врати како место каде што ќе се рекреираме, ќе уживаме и со кое ќе се гордееме. Во рамките на „Жив Вардар“ ја развивме и идејата за Сино-зелен коридор, пешачки и велосипедски патеки од двете страни на реката, ново пошумување, уредени кејови и спортски терени. Сето тоа ќе ја оживее реката и ќе ја врати во срцето на градот.

Секако, клучна е изградбата на пречистителната станица за отпадните води – капитален проект вреден околу 200 милиони евра, што е актуелен и продолжува да се реализира. Заедно со европските партнери, со научни институции и со граѓански организации, ќе направиме сè за да се забрза процесот.

Ќе изградиме уште една жичница на Водно

Ветувате пошумување и создавање зелени оази низ градот, нешто што го ветуваат сите. Скопје веќе има една важна зелена оаза, која иако делумно е урбанизирана и „бетонизирана“, како што би рекле некои, сепак е огромен, а неискористен потенцијал. Тоа е Водно. Скопје има и еден значаен инфраструктурен објект што ја прави таа оаза достапна, а тоа е жичницата, за која веруваме дека на начинот како што сега се експлоатира, прави само загуби. Од источната страна е изграден пат преку Водно до Сопиште, а не е пуштен во употреба. Во времето на Коце Трајановски, се планираше изградба на уште една жичница од Козле до врвот на Водно, а уште од времето на социјализмот некои урбанисти размислуваа за пробивање тунел низ планината и за развој на градот кон неговата јужна падина. Имате ли вие планови за Водно?

Водно е нашата зелена оаза, белите дробови на Скопје, но за жал со децении е недоволно искористено. Планираме системска и долгорочна заштита на Водно и на сите други зелени површини во градот. Тоа значи поставување водени резервоари на шумски и тешко достапни предели, воведување строги казни за палење оган без дозвола и предложување на посебен закон до Владата за заштита на Водно, кој ќе обезбеди јасни надлежности, контрола, приоритетно финансирање и трајна институционална рамка. Целта е да се зачува биодиверзитетот, да се намали ризикот од пожари и да се одржи рекреативната функција на планината за сите скопјани.

Покрај заштитата, планираме и модерни, функционални решенија за мобилност. Ќе изградиме втора жичница од црквата „Свети Јован“ до Средно Водно, за еколошки и удобен пристап без автомобилски сообраќај. Ова ќе овозможи семејствата, постарите лица и рекреативците да уживаат во природата, а патиштата и амбиентот на планината да бидат заштитени. Но нашата визија оди уште подалеку.

Ќе ја создадеме Вардарската зелена активна магистрала, како главна пешачка и велосипедска артерија долж Вардар, Лепенец, Серава и Маркова река, интегрирана со постоечките и идните мостови, и поврзана со мрежата на Водно. Целиот коридор ќе биде посветен на луѓето и зеленилото, со континуирани патеки за рекреација, еколошка мобилност и климатска отпорност. Со ова, Водно и зелените површини нема да бидат само место за прошетка, туку вистински зелен систем кој го поврзува градот, ги штити природните ресурси и го подобрува квалитетот на животот за сите скопјани.

Скопје има уште едно богатство, сега неискористено, препуштено на негрижата и делумно руинирано, а сепак се уште прилично масовно посетено. Зборуваме за кањонот Матка и за поширокиот простор кој нуди извонредни можности за развој на туризмот. Размислувате ли за тоа како да се искористи тој потенцијал?

– Кањонот Матка е едно од најзначајните природни богатства на Скопје, со голем туристички потенцијал, кој досега е делумно неискористен. Во рамки на програмата, планираме да се подобри пристапноста и да се изгради монтажен паркинг, осветлување на Горна Матка и изградба на нови комунални објекти, како тоалети и летниковци. Ќе се постават и промотивни бироа со обучени туристички водичи, овозможувајќи одржлив развој на туризмот и подобро искуство за сите посетители.

Обнова на Скопскиот музички фестивал, но и скопски „EXIT“

Нека звучи ова и како комплимент непримерен за предизборие, но она што посебно остава позитивен впечаток од вашите ветувања се идеите за создавање инфраструктурни услови за обнова на скопската културна сцена. Се планира реконструкција на Универзалната сала, зборувате за нова зграда на Драмскиот театар, но и за летни културни сцени на Скопското кале, кај Аквадутот и на други локации. Дали тоа значи дека можеме да очекуваме и обнова на некои од традиционалните и некогаш исклучително популарните сценски и музички настани, по кои Скопје беше познато во регионот, па и пошироко? На пример, ако Министерството за култура се погрижи за враќање на стариот сјај на Скопскиот џез фестивал, на пример, може ли Орце Ѓорѓиевски, како градоначалник на Скопје, да биде иницијатор и покровител на обновата на Скопскиот музички фестивал, за кој сите велат дека беше еден од најдобрите екс-ју фестивали, со свој оригинален стил, институција која имаше големо значење за развојот на македонската музичка сцена?

– Културата е темел на нашата визија за Скопје. Таа не е само уметност, туку начин на живеење, систем на вредности што го обликуваат колективниот идентитет на граѓаните. Затоа, покрај обновата на културната инфраструктура, преку реконструкцијата на Универзалната сала, летните сцени на Скопското kале, кај Аквадутот и на други локации, ќе создадеме и услови за жив културен живот. Поддршката за локалните уметници и изведувачи ќе биде приоритет, со цел да се овозможи продукција, промоција и поголема видливост преку фестивали, културни простори, грантови и резиденциски програми.

Скопскиот фестивал на забавна музика ќе го вратиме како годишен културен настан со национално значење, кој ќе ја оживее традицијата на македонската поп музика и ќе поттикне нова генерација автори и изведувачи. Овој фестивал, кој со децении беше еден од најголемите музички брендови на поранешна Југославија, ќе добие нов современ концепт, а истовремено ќе ја задржи својата препознатлива автентичност. Планираме да се одржува во обновената Универзална сала. Ќе обезбедиме институционална поддршка преку Град Скопје и od Министерството за култура. Дополнително, ќе го поврземе фестивалот со европски културни мрежи, претворајќи го во платформа за интеркултурна соработка.

Паралелно, ќе обезбедиме институционална и финансиска поддршка за Скопје Џез Фестивал, кој со децении гради регионален и меѓународен углед, но и за други значајни културни манифестации. Градот ќе ги поддржи „Skopje Calling“, „Пиволенд“, „Виноскоп“ и „Баскерфест“, обезбедувајќи инфраструктура, јавен превоз, безбедност, промоција и логистика, со акцент на одржливост, локална креативна економија и младинско учество.

Скопскиот филмски фестивал ќе го развиеме во силна платформа за домашни, регионални и европски филмови, со посебен акцент на младински, документарни и независни продукции. Ќе организираме проекции на отворено, работилници и дебати, со што ќе се поттикне културен дијалог и инклузија.

Еден од врвните проекти ќе биде доведувањето на светски реномиран фестивал од семејството на „EXIT“ во Скопје, со што градот ќе стане дел од глобалната фестивалска платформа. Овој фестивал ќе ги обединува младите, музиката и креативната енергија, позиционирајќи го Скопје како модерна, отворена и креативна дестинација. Верувам дека со сите овие мерки, Скопје ќе стане град кој не само што гради инфраструктура, туку и културен капитал по кој ќе бидеме препознаени во регионот.

СЕПАК, ПРВО ЧОВЕК, ПОСЛЕ ГРАДОНАЧАЛНИК!

Мотото на вашата кампања е „Прво човек, после градоначалник“. Да бидеме искрени, после она што ни се случи со Данела Арсовска, почнавме да размислуваме и за идејата Скопје да добие градоначалник генериран од Вештачката интелигенција. Како онаа министерката на Еди Рама. Но ете, луѓето очигледно веруваат дека вие сте човекот што може да направи клучна промена. Сепак, како што една ластовица не прави пролет, така и еден човек не прави градска управа. Каков ќе биде вашиот тим? Ќе бидете ли менаџерски настроени и политички инклузивни, или, како волкот што има дебел врат, сам ќе си ја вршите работата?

Мотото „Прво човек, после градоначалник“, врз кој се потпира мојата кампања, не е само слоган, туку начин на работа и пристап кон луѓето. Разбирам дека граѓаните се разочарани од искуствата со претходните раководства, но мојата цел е да покажам дека со чесен, професионален и човечки пристап, работите може да се прават поинаку. Зад мене стои искуството од Кисела Вода, каде што заедно со тимот покажавме дека може да се менуваат навиките во управувањето и да се врати довербата на граѓаните.

Се согласувам дека еден човек не прави градска управа. Затоа, како што тоа го правев во Кисела Вода, така и за Скопје, јас  веќе работам со тим од врвни професионалци, експерти за урбанизам, транспорт, екологија, култура, финансии и дигитализација. Луѓе кои си ја знаат работата, но и имаат визија. Одамна покажав дека ценам исклучиво професионалност и дека политичката припадност не е критериум, туку квалитетот. Тимот ќе биде дополнет и со други професионалци, меѓу нив и меѓународни експерти, секаде каде што ќе биде потребно.

Ќе воведеме јасна поделба на одговорностите и менаџерски пристап: секој член на тимот ќе има јасни цели и рокови, а граѓаните ќе имаат транспарентен увид во тоа што се прави. Не верувам во модел каде „волкот сам си ја врши работата“. Верувам во силна, функционална и професионална администрација, која ги става граѓаните во центарот на секоја одлука. Покрај тоа, ќе формираме и совети од професионалци.

Совет за чисто Скопје – во кој ќе членуваат експерти за екологија, граѓански организации, приватниот сектор и локалната самоуправа, со цел почист воздух, намалување на отпадот и поголема еколошка свест. Совет за урбан развој на Скопје – составен од архитекти, инженери, експерти за земјишна политика и градежништво, со задача да гарантира системски и одржлив урбан развој, усогласен со европските стандарди. Градски економско-фискален совет, независно и стручно тело за следење на буџетската дисциплина, управување со јавните средства и зголемување на фискалната транспарентност.

Со ваков пристап, Скопје ќе добие не само градоначалник, туку и вистински сервис на граѓаните, каде стручноста и човечноста ќе бидат движечка сила.

И на крај, сакам да потенцирам дека јас сè уште верувам во човештвото. Верувам и во вештачката интелигенција, но не како замена за човекот, туку како моќна алатка која ќе ја користиме во нашите проекти за паметно, модерно и поефикасно Скопје.

Поврзани содржини