ИМАМ ЕГО, ТЕШКО СЕ ОТКАЖАВ ОД ФУДБАЛОТ Златан Ибрахимовиќ со трогателна исповед околу смртта на Мино Рајола
Прифатив да се откажам од фудбалот, што беше тешко поради моето его и начинот на кој се доживував себеси. Мислам дека сум најдобар и сѐ уште сум таков, рече поранешниот фудбалер Златан Ибрахимовиќ.
Поранешниот фудбалер Златан Ибрахимовиќ зборуваше на поткастот на „АБТалкс“. Тој раскажа за пензионирањето од фудбалот, враќањето во Милан како главен советник на сопственикот на клубот и за смртта на неговиот агент Мино Рајола.
– Добро сум, така ме третира животот. Секако, се повлеков од фудбалот пред повеќе од 8 месеци, па мојот живот сега е поинаков. Прифатив да се откажам од фудбалот, што беше тешко поради моето его и начинот на кој се доживував себеси. Мислам дека сум најдобар и сѐ уште сум таков. Можев да продолжам, но решив да престанам. Зошто? Сакам само добар живот за моето семејство. Сакав да правам работи со моите синови, а претходно не беше можно бидејќи имав проблеми со едното колено. Така го прифатив тоа и дојде момент кога си реков: „Во ред е, откажи се и отвори ново поглавје од твојот живот“ – вели популарниот Ибра.
Потоа, неколку месеци подоцна, го запознава Гери Кардинале, кој го надгледува фондот „Редбрд“ што го купи Милан.
– Ми даде понуда што не можев да ја одбијам. Така почнав да работам со Милан, откако бев во клубот 3-4 месеци. Добро се однесуваат со мене таму, морам да признаам. Кога почина мојот агент Мино Рајола, тоа беше голем удар за мене. Многу плачев. Сѐ уште не е исчезнато чувството бидејќи спомените постојано ми се враќаат. Скршен сум бидејќи многу ми недостига. Секој што го познава знае колку бевме блиски. Да можам, би му напишал: „Ми недостигаш“ – сподели Ибрахимовиќ.